Фреди Меркјури имаше глас како ниеден друг пејач на светот. Неверојатната боја и моќ на гласот и опсегот од четири октави (просечниот школуван пејач има три) заедно со експлозивната енергија со која пееше и харизмата со која владееше на сцената, направи тој да биде, и веројатно засекогаш да остане, најдобриот пејач на сите времиња.
Монсерат Кабаје беше оперска пејачка со исклучително интензивен и раскошно убав глас. Еднакво „ѝ лежеа“ и лирските и драмските улоги. Ги освои сите оперски сцени на светот, плени милиони срца со своето пеење.
Фреди Меркјури бил долгогодишен обожавател на Монсерат Кабаје и во едно интервју рекол дека би сакал некогаш да се запознае со неа. Желбата му се исполнила во февруари 1987 г. Тогаш Монсерат Кабаје (родена барселонка) му предложила да снимат дует и кога овие два пејача, со гласови што звучеа како да доаѓаат од некој друг свет, се споија, настана култната песна „Барселона“. Фреди Меркјури ја замислил и ја напишал како љубовна средба во волшебно убавиот град. Понесени од ентузијазмот и задоволството од соработката, двата великана снимија цел албум (со истиот наслов). Иако за љубителите на оперската музика овој албум можеби изгледа премногу комерцијално, а за љубителите на поп и рок-музиката премногу оперски, албумот е генијално направен – со одлични нумери, врвно продуциран, а пред сѐ нестварно добро отпеан. „Барселона“ требало да биде химна на Летните олимписки игри 1992 година, но организаторите во последен момент ја замениле со друга песна (веќе никој не се сеќава која), за да ги избегнат контроверзиите, кои се очекувало да се појават поради смртта на Фреди Меркјури од сида на крајот на 1991 г. Песната, сепак, го разубави отворањето на Игрите- Монсерат Кабаје ја пееше во живо, а гласот на Фреди Меркјури беше снимен на матрица. И 30 години подоцна, „Барселона“ е сѐ уште многу слушана и сакана и од генерациите родени многу по нејзиното издавање.
Во живот по смртта не верувам, но верувам дека енергијата што музичарот ја вткал во музиката останува да лебди некаде во универзумот. Монсерат Кабаје замина во вечноста пред неколку дена и нејзиниот моќен глас веќе никогаш нема да го чуеме во живо, но тој можеби некаде, којзнае каде, повторно звучи во дует со гласот на единствениот Фреди Меркјури.
Лада Шоптрајанова Петровска