Речиси сите влијателни медиуми во регионот на поранешна Југославија ја објавија веста за смртта на македонскиот великан, драмскиот писател Горан Стефановски. За големината и значењето на Стефановски, како во македонскиот, така и во јужнословенскиот и европскиот театар, говорат неговиот близок соработник, режисерот Дино Мустафиќ, актерката Мирјана Карановиќ и многу други истакнати театарски и филмски работници од регионот.
– „Хај-фај“, „Диво месо“, „Лет во место“, „Црна дупка“… Многу нè инспирираше и одигра голема улога во моето форматирање на сцената. Голем драмски писател – напиша на Твитер српскиот актер Сергеј Трифуновиќ.
Српскиот актер, режисер и продуцент Светозар Цветановиќ, исто така, се прости од Стефановски.
– Нашата младост, нашиот свет на паметни, нашиот театар и љубов во него, нашето Диво месо, Тетовирани души, нашиот Одисеј, нашиот постар брат на Влатко, нашиот Соран С…замина – напиша тој.
Филмскиот и театарски режисер Дино Мустафаиќ од БиХ беше еден од оние што соработувале со Стефановски.
– Драмите на Горан се мојот балкански покрив под кој се радост и чемер, инает и нежност, лудило и страст, хумор и солзи. Ќе ми недостигаш многу, мој драг пријателе, бидејќи ветувавме дека многу нешта ќе направиме заедно – напиша тој.
И италијанскиот режисер Паоло Маџели се прости од Стефановски.
– Горан беше последниот титан што интелектуално дејствуваше во Македонија, иако живееше во Англија. Беше навистина важен поет и драмски писател, кој сите би требало одново да го читаме, бидејќи неговите дела, за жал, се сè поактуелни. А освен што беше интелектуалец од европско значење и еден од последните големи писатели од овие простори, беше и мој незаменлив пријател, за кого ме врзува најубавиот дел од младоста, затоа ми е тешко да зборувам за неговата смрт – изјави Маџели.
Исто така, и хрватската режисерка Снежана Бановиќ се огласи на Твитер.
– Каква тага, каква трагедија за театарот и театарските луѓе и публиката во Европа. Голем, прекрасен човек и писател, незаборавен, единствен – напиша Бановиќ.