Продолжија да се редат културните настани во организација на домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци со добра организација и применување на мерките за
заштита, потребното растојание и задолжителните маски.
Вчера дваесетина ликовни уметници од повеќе градови низ Македонија во летната бавча на домот на културата започнаа да ги сликаат своите дела, за подоцна да ги финализираат пред јавноста на градскиот плоштад и бидат дела од заедничкиот арт-рок хепенинг.
На хепенингот учествуваа уметниците: Драган Најденовски од Битола, Новица Трајковски и Андријана Мациев од Скопје, Киро Јосифов, Горан Боев, Лазар Дојчинов, Драгица Чекорова и неколку млади талентирани ученици од Кавадарци. Во живо свој ликовен перформанс изведе ликониот уметник Владимир Темков.
Во музичкиот дел настапи групата „Ано бенд“, а целата атмосфера ја разубави изведбата на дел од проектот во најава со работен наслов „Уличен театар – живи скулптури“ на театарот при домот на културата како авторски проект на Микица Илова и Сара Милевска. Ми.М.