Стив Рајх

Oркестарот на Филхармонија в четврток во 20 часот, ќе го изведе антологиското дело на американскиот композитор Стив Рајх – „Музика за 18 музичари“. Диригент е Паскал Галоа од Франција и ова ќе биде прва изведба на оваа композиција во Македонија.

Најпопуларното, ако не и најважното, музичко дело на Рајх е композицијата „Музика за 18 музичари“. Пишувано во духот на музичкиот минимализам, ова дело е создадено во седумдесеттите години на минатиот век и до ден-денес е најизведуваното дело на Стив Рајх. Делото, всушност,е циклус од единаесет различни акорди, кои функционално не се поврзани и не се среќаваат во ниту еден традиционален тонален систем. Во воведниот дел наречен Пулсес, Рајх нѐ запознава со сите 11 акорди.

– Во првите 5 минути од делото, има повеќе хармонски движења отколку во кое било друго мое дело досега – вели композиторот.

По воведниот дел, следуваат т.н. секции од 1 до 11 и секоја секција е базирана врз еден од тие единаесет акорди. Премиерата на „Музика за 18 музичари“ се случила на 24 април 1976 година. Веднаш по првото слушање на ова дело, музичката критичка јавност била едногсна и му ја дала на делото највисоката оцена. Илјадници познати музичари, композитори и продуценти го вбројуваат Рајх со неговите дела, на чело со „Музика за 18 музичари“, како една од највлијателните личности во нивната кариера.

Веднаш по излегувањето на првата снимена верзија, најголемата американска онлајн музичка база на податоци на својата интернет-страница пишува „кога оваа снимка беше издадена во 1978 година, влијанието на новата музичка сцена беше моментално и огромно. Секојшто во тоа време виде потенцијал во минимализмот и се надеваше на некој голем пресврт на тоа поле, го најде токму во ова дело“.

Оваа композиција доживува и студиска снимка во 1978 година, само две години по премиерата, која ја издава познатата издавачка куќа „И-си-ем рекордингс“. Оттогаш излегуваат уште неколку снимки од различни музички издавачки куќи, последната издадена во 2020 година.

Како уметник со многу таленти и мајстор на фагот, еден од најенигматичните дувачки инструменти, Паскал Галоа е солист, оркестарски музичар и професор кој остава печат и со својата работа како диригент. Неговата прва изведба на „Секвенца 7“ од Берио беше исклучително важен настан за неговата кариера, исто како и неговата изведба на „Дијалог на сенките“ од Пјер Булез и „Псалми“ на Волфганг Рим за кларинет и оркестар. Галоа ги организира и т.н. Музички моменти заедно со своите пријатели, како за 85. роденден на Пјер Булез во Музејот на уметноста во Париз, или за 95. роденден на Анри Дутие во хотелот „Де Лаузун“. Тој ги снима и своите современици со исто толку голем ентузијазам, како што Пјер Булез, Лучано Берио и Олга Ноивирт. Неговото мото како уметник е дека музиката како уметност заслужува подобро место во општеството. И токму поради тоа тој го води најголемиот конзерваториум во срцето на Париз. Во 2015 година, тој го формира и фестивалот во Киброн во кој се среќаваат класичната и модерната музика. Диригирањето во моментов е негова централна определба преку која ја искажува својата пасија кон музиката и неговата оригинална перспектива и гледање на современиот и на класичниот репертоар.

Паскал Галоа