По покана од Српскиот хорски сојуз, Женскиот младински хор при МКЦ, под раководство на маестро Сашо Татарчевски, беше гостин на вториот младински хорски фестивал во Нови Сад, Србија. Хорот активно учествуваше во подготовката и изведбата на десетина композиции, кои се изведуваа заеднички од сите хорови и фестивалскиот оркестар, со околу 500 учесници на сцената на преубавата синагога.
– Освен тоа, нашиот хор беше единствен што имаше и самостоен настап пред публиката и учесниците на фестивалот. Како и секогаш, при претставувањата во странство, настапот беше проследен со бурни аплаузи и овации на очигледно пријатно изненадената публика – велат од хорот.
Маестро Татарчевски и Женскиот младински хор при МКЦ ја почестија со несекојдневен концерт и публиката во Скопје. Концертот се одржа во рамките на манифестацијата „Есенски музички свечености“ и понуди програма со висококвалитетни хорски аранжмани на музика од филм, џез-стандарди и популарни поп-хитови во акапела-изведба и во придружба на пијано.