Со изложбата „Азбука“ на Сергеј Андреевски на Широк сокак заврши 17-то издание на меѓународната ликовна колонија „Де Ниро“.
– Изложбата му ја посветувам на нашиот великан Конески. Блаже Конески е и А и Ш во нашето современо живеење. Тој ги постави темелите на современата македонска азбука. Беше близок и со моите родители. И татко ми Петре, и мајка ми Светлана Христова-Јоциќ соработуваа со него, бидејќи и двајцата ги љубеа зборот и јазикот наш македонски, но и Блаже човекот. Изложбата ја нареков „Азбука“. Целта е да ја разбудам јавноста за значењето на македонската кирилска азбука и нашиот јазик, особено сега, кога секојдневно е оспоруван. Ова ќе биде мојата поддршка за славење на името и делото на научникот, творецот и создателот на нашето современо писмо, Блаже Конески, во годината кога се одбележува 100-годишнината од неговото раѓање.
Изложбата е циклус од 31 слика – секоја буква има своја приказна, свој свет – вели Андреевски.
Оваа година меѓународната колонија „Де Ниро“ беше домаќин на ликовни уметници од Германија, С. Арабија, Црна Гора, Србија, Грција и од Македонија, а покрај главната програма, дел од колонијата беа и меморијалната изложба на Миливоје Новаковиќ-Кањош, изложбата на Панде Петровски, поетско-музичкиот перформанс на Пијан Славеј и Славчо Јовев.