Шпанскиот пијанист и композитор Исак Албениц (1860-1909) бил исклучително талентиран и уште како дете се вивнал во редот на славните. На деветгодишна возраст веќе царувал со пијаното на концертните подиуми низ Шпанија, на 12 ги освоил Аргентина, Бразил, Уругвај, Куба и Соединетите Американски Држави.
Под менторство на Лист, израснал во врвен музичар, а опиен од славата станал боем што водел бурен живот. Пијаното не било доволен предизвик за неговиот креативен и немирен дух, па се пробал и во компонирањето, каде што бил еднакво успешен и признаен. Бил бонвиван, кој ги сакал животот, музиката и жените.
Нежноста на допирот врз клавишите и виртуозноста на интерпретацијата, заедно со физичката убавина со која бил надарен, шармот и великодушноста со кои се расфрлал наоколу, го направиле омилен меѓу неговиот широк круг пријатели и обожаватели.
Во април 1883 година Розина Хордана Лагарига, прекрасна млада дама што зрачела со убавина и спокој, влегла во една музичка продавница во Барселона, во потрага по ноти од тогаш сѐ попопуларниот композитор Исак Албениц. Судбината сакала тука да се затекне самиот Албениц, кој бил маѓепсан од убавината на младата дама. Ѝ дал своја слика со автограм, а истовремено ѝ го подарил своето срце, зашто се вљубил во неа на прв поглед.
Ја поканил во неговото студио и ја подучувал на тајните на пијаното. Љубовта отпочеток не била заемна. Розина била единствената жена во тоа време што се сретнала со Албениц а останала имуна на неговиот шарм, единствената што го одбила.
Но набргу и таа се вљубила, па по два месеца веќе ја планирале венчавката. Својот мир таа му го пренела на сопругот, па стапувањето во брак предизвикало промена во животот и карактерот на Албениц. Вечниот талкач се смирил и длабоко им се посветил на семејството и компонирањето.
Лада Шоптрајанова Петровска