За Аница Добра, ѕвездата на „Киненова“, „филмот и креативноста денес се поважни од кога било!“
Со филмот „Ругање со Христос“ во режија на Јани Бојаџи утре и официјално во 20 часот во киното „Милениум“ ќе биде отворено третото издание на Меѓународниот дебитански фестивал „Киненова“. Тоа ќе биде и премиерно прикажување на филмот по неговата светска премиера на фестивалот во Монтреал, каде и беше награден, филм кој предизвика бурни реакции откако македонското Министерство за култура врз основа на трејлерот, го оцени како скандалозен и контроверзен, филм кој може да му наштети на соживотот во земјава. Тој е еден од осумте филмови во официјалната селекција на овој фестивал чиј неофицијален дел започна вчера со специјалната проекција на филмот „Исцелител“ на Ѓорче Ставрески.
За денеска во 18 часот во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар е закажана и специјална проекција на македонскиот независен филм „Копање“ на Ивица Димитријевиќ и Мартин Иванов, по што со почеток во 19.15 часот во истото кино ќе започне и трибина на тема „Македонскиот независен филм“. Во 20 часот на програмата е норвешкиот филм „Утоја, 22-ри јули “ на Ерик Попе.
Режисерот Јани Бојаџи на денешната прес – конференција во „Јавна соба“ каде присуствуваше и српската актерка со меѓународно искуство, Аница Добра, годинешната добитничка на наградата за посебен придонес во филмската уметност која ја доделува „Киненова“, ги повика новинарите, а со тоа и публиката, утре да ја проследат проекцијата на „Ругање со Христос “.
-Ве поканувам сите да дојдете и да го видите филмот, но не знам како тоа ќе го направите затоа што ќе биде исклучително комплицирано. Организаторот ќе каже дека билети се продаваат, но нема да се продаваат. Имало некои списоци кои требало да се исполнат па ако се исполнат ќе има билети или ќе нема. Особено комплексно и сложено и незнам како тоа и ќе изгледа, така да кој може да дојде нека дојде и нека го види, затоа што за овој филм досега се зборува според трејлерот! Огромна е можноста утрешното прикажување да биде едно и единствено. И покрај сите напори кои ги правам филмот да се прикаже низ државата, тоа станува невозможна мисија, така да кој ќе дојде ќе дојде“ рече во официјалниот дел од прес – конференцијата режисерот Бојаџи.
И по официјалното завршување на пресот, Јани Бојаџи со голема доза на незадоволство одговараше на новинарски прашања, надвор од салата, потенцирајќи дека „најверојатно ќе треба и тој, ако има влезници во киното „Милениум“ да си купи и за сопругата, за децата, за своите родители, влезници за сопствената премиера“.
-А тоа ќе треба да го направи и целата екипа, сите учесници! Незнам како да го наречам ова освен најголем примитивизам. Јас го доживувам ова како злоба на еден ум на црвената буржуазија, на нивните деца и внуци кои ниту сакаат, ниту можат, ниту имаат стомак да издржат некој друг. И веќе ми се патетични, смешни и не заслужуваат внимание. Одвратно е ова што го прават. Ова е состојба во Македонија во 2018 година која наликува на времето на раниот националсоцијализам во Германија. Идејата им е исклучително предвидлива, некреативна, да имаат контрола врз билетите со намера од некој штаб да внесат стотина луѓе кои на премиерата ќе викаат уа, уа!“, нагласи Бојаџи.
Според директорот на фестивалот Небојша Јовановиќ „во последен момент бил направен договор со Младинскиот културен центар (МКЦ) кој досега беше партнер на фестивалот дека фестивалот нема да добие покани за проекцијата за филмот на Бојаџи, туку ќе има влезници со право да ги откупи“. За разлика од минатите изданија, овојпат МКЦ на „Киненова“ и отстапил само десет влезници, а останатите кои се во слободна продажба и гледачите ќе можат да ги купат по цена од 100 денари на билетарницата на киното „Милениум“.
На изречените ставови, во јавноста реагираше и Младинскиот културен центар(МКЦ) во чија надлежност е и киното „Милениум“ преку соопштение во кое меѓу другото го упати режисерот Јани Бојаџи, „сите свои прашања, потреби и услови за прикажување на својот филм да ги постави кај оние кои го поканиле и селектирале и да се обиде со нив да ги расчисти сите услови околу учеството на неговиот филм на фестивалот“.
Аница Добра: „Човекот има избор и е она што мисли дека е!
Аница Добра, познатата театарска и филмска актерка, во киното „Милениум“ утревечер ќе ја прими фестивалската награда за особен придонес во филмската дејност, додека во сабота во рамки на „Бела ноќ“ со почеток во 18 часот, во нејзина чест ќе биде прикажан филмот „Жената со скршен нос“ на Срѓан Кољевиќ од 2010 година, каде таа толкува една од главните улоги.
Говорејќи на пресот таа меѓудругото потенцираше дека „денеска повеќе од кога било, филмот треба да се соочи со проблемите на денешницата, а тие преку филмот треба да стигнат до публиката“. Награда на „Киненова“ за неа, рече, „има голема тежина“.
-Почестена сум, а се чувствувам како дома и меѓу пријатели“ укажа Добра, која говореше за низа моменти од нејзината 30 годишна кариера, реализирана во поранешна Југославија, во сегашна Република Србија, но и во Германија почнувајќи од 1988 година, каде работи како актерка.
Говорејќи за сопственото освојување на творечката слобода и за актуелниот миг на живеење во регионов меѓудругото рече:
– Не сметам дека сум закопана во мрак, туку сум засадена во него и прашање на време е како и кај растенијата, кога тоа ќе изникне. Човекот има избор и е она што мисли дека е. Затоа филмот и креативноста денес се поважни од кога било!“, рече Аница Добра, позната по многу свои улоги меѓу кои е и улогата на пеачката во легендарниот филм „Црниот бомбардер“. Таа откри меѓудругото дека за таа своја улога многу и помогнале членовите на бендот „Електрични оргазам“ и Влада Дивљан.
Катерина Богоева