Во рамките на ретроспективната изложба на академик Васко Ташковски, Националната галерија ја промовира монографијата „980 маслени слики“.
Оваа монографија, посветена на творештвото на нашиот водечки претставник на надреализмот, фантастичното сликарство, еколошките и космичките теми во македонската ликовна уметност, со широка афирмација на Балканот, во Европа и во светот, е издание на Македонската академија на науките и уметностите и книгоиздателството „Матица македонска“ од Скопје.
– Според повеќето современици, придонесот на Васко Ташковски во современата македонска уметност уште на почетокот на творештвото се истакнува преку следењето на една сопствена тивка и ненаметлива ликовна патека, која му овозможи најсоодветно да го транскрибира авторскиот ракопис во континуитет до денес преку сликарство што е класично според својата пластична структура, а наедно и надреалистичко фантастично во поетична смисла, со прецизен минуциозен цртеж и тонски раскошна палета. Конкретно, исклучителноста, односно издвоеноста на неговото многуслојно творештво само за себе, но и во конкретното историско опкружување, се согледува во истрајното истражување на овие надреално фантастични визии како константен предизвик, определба што постојано ја надградува со нови теми преку кои е препознатлив како единствен сликарски феномен во современото македонско сликарство – велат издавачите.
Движејќи се од првичните асоцијативни надреални мистериозни пејзажи што се дехуманизирани, замислени како метафизичка пустош по катастрофа, преминува кон научнофантастични многузначни вселенски мистерии на психолошката потсвест, а опсесијата со блиското и далечното минато и пророчкиот однос кон иднината се врзува со темата човек во градот, пустошот и пејзажот, односно неговиот ангажиран однос и влијание врз природата. Сликарската визија на Васко Ташковски се фокусира на човековите излети во космосот, мечтаењата и визијата, бегството од невротичното време во замислени тродимензионални пејзажи најчесто со широк отворен хоризонт со небо и земја во заднината, додека во прв план се поставени структури налик на урнатини, стари храмови, лебдечки егзотични вегетациски оази, во комбинација со биолошко-техницизирани механички структури.
Влијанијата и рефлексиите од надреализмот и фантастиката, авторот ги трансформира во негов автохтон јазик со специфични елементи презентирани преку повеќе ликовни дисциплини: сликарство, акварел и цртеж, со импресивна бројка на дела: 980 слики во маслена техника, над 3.500 акварели, над 1.000 цртежи, а понатаму и графики, сценографии и над 12.000 секојдневно дисциплинирано изработувани идејни скици.