Фестивалот „Крик“ свечено ќе биде отворен утре, во 19.30 часот, во „Чифте-амам“, со предавање на Нејтан Браун, професор по англиски јазик и управител на Центарот за проширена поетика на универзитетот „Конкордија“ во Монтреал, Канада
Четвртото издание на „Крик“, фестивал за критичка култура, кој го организира „Контрапункт“ почнува денеска и ќе трае до 24 јуни, годинава на темата „Човек без својства – политики на маргините“, која ќе ги спои различните дискурзивни, уметнички, општествени, активистички и политички практики и ќе се обиде критички да ги истражи и презентира алатките, размислите и дејствувањата преку кои ќе можат да се создадат новите текстови на културата и уметноста.
– Оваа година „Крик“ ќе се одвива како процес низ неколку етапи во годината. Особено ни е важно прераснувањето во платформа и форум за критичка култура, низ која ќе бидат во постојан разговор и конфронтација сите можни алтернативи на промислување на општеството, политичкото, културата, низ агонот со нормираното, зададеното и воспоставеното. Токму затоа, ве повикуваме да бидеме заедно и отворено да разговараме за сите можни патеки низ кои би сакале да го движиме нашето тело како стратегија на отпор – велат програмските уредници и организатори, Искра Гешоска и Артан Садику.
Фестивалот свечено ќе биде отворен утре, во 19.30 часот, во „Чифте-амам“, со предавање на Нејтан Браун, професор по англиски јазик и управител на Центарот за проширена поетика на универзитетот „Конкордија“ во Монтреал, Канада.
Денеска во кафе-киното „Котур“, во рамките на програмата „Критичко читање низ филмови“, чиј селектор е хрватскиот филозоф и публицист Петар Милат, во 19.30 часот ќе биде прикажан филмот „Јас бев дома, но“ (2019) во режија на Ангела Шанилек. Меѓу гостите на првиот дел од фестивалот се и Арон Шустер, американски писател и филозоф, Лина Гонан, филозофка и активистка од Хрватска, Станимир Панајотов, теоретичар од Бугарија и други.
Фестивалот за критичка култура се реализира во соработка со: Мултимедијалниот институт од Загреб, „Куда.орг“ од Нови Сад, „Брелинер газете“ од Берлин, платформата „Светот околу нас – критиката во регионот“, организирана од партнерските организации „Културпункт“ и „Курзив“ од Хрватска, „Сикалт“ од Србија СЦЦА од Љубљана. В.Д.