„Медена земја“ деновиве доби уште две значајни признанија. Снимателите Фејми Даут и Самир Љума ја добија наградата „синема ај онор“ за исклучително достигнување во кинематографијата, а филмот ја доби и наградата за најдобар документарен филм, која ја доделува Меѓународното здружение на филмски критичари. Филмот се најде на листите на најдобрите годинашни филмови на многу значајни списанија како: „Њујорк тајмс“, „Ролинг стоун“, „Варајети“, „Венити феир“ и други.
„Медена земја“ е во потесниот избор за престижниот „оскар“ во две категории. Номинациите ќе бидат објавени наскоро.
Филмот е на репертоарот на Кинотеката на Македонија од 13 до 18 јануари со по две проекции од 18 и од 20 часот.
– Атиџе, последната одгледувачка на диви пчели во Европа, се соочува со опасност кога во околината облагородена со природен баланс ќе се насели многучлено семејство, кое ќе се обиде да ѝ ја преземе трговијата со мед. Низ супериорна визуелна нарација и маестрална монтажа, филмот за „медената земја“ нѐ опоменува дека сите наши постапки си имаат последици по човештвото во иднина. По подолго време – конечно – фантастичен филмски продукт од ова поднебје, кое како трајна вредност го препознава целиот свет – најавуваат од кинотеката.