Kнигата „Девет – роман во илустрирани приказни“ на белградскиот дизајнер Славимир Стојановиќ-Футро, промовирана онлајн, носи порака да се прифатат сопствените грешки и мани за да се прифатат и туѓите.
– Ретко некој намерно и тенденциозно сака да ве упропасти. Но генерално сите ние имаме впечаток дека некој нè влече за нога. Сакав со мојот пример да покажам дека мора редовно самите себеси да се погледнеме во огледало и таа слика да ја нагодиме – истакна Стојановиќ на промоцијата на неговата прва книга.
Делото веќе е објавено во Англија и има пет изданија во Србија, а првиот тираж бил распродаден само за една недела. „Девет – роман во илустрирани приказни“ сега е преведен и на македонски јазик во издание на „Арс ламина – публикации“.
Приказната е инспирирана од животот на писателот и е фокусирана на Саво Николиќ, белградски дизајнер, кој е еден вид на алтер его на Футро. Главниот лик паѓа на глава на 9 години и поради тежок потрес на мозокот го губи помнењето. Триесет години подоцна како резултат на сплет на околности и драматични случувања, помнењето почнува да му се враќа сè додека не се врати во времето кога имал 9 години. Делото е составено од 47 приказни и секоја од нив е илустрирана од различен дизајнер, уметник или фотограф од Балканот. За авторот токму тоа е и најголемата вредност на книгата што сам го нарекува „мала победа на заедништвото“.