Како дел од новиот фотопроект, Стивен Ловекин фотографира голем број пораки полни надеж, испишани и закачени на прозорците низ неговата населба во Бруклин, во Дитмас Парк, област позната по своите викторијански домови
Додека сите се затворени дома како последица од пандемијата на коронавирусот, прозорците на многумина се претворија во платно. Луѓето што го гледаат светот низ нив, исто така и споделуваат нешто преку нив. Како дел од новиот фотопроект, фотографот Стивен Ловекин фотографира голем број пораки полни надеж, испишани и закачени на прозорците низ неговата населба во Бруклин, во Дитмас Парк, област позната по своите викторијански домови. Серијалот „Зборови на прозорецот: самоизолирање и коронавирус“ прикажува приближно 40 двојки, семејства и самци, жители на неговото соседство, од деца до постари лица, кутриња и бебиња во пелени, позирајќи на рамките на нивните прозорци.
– Го започнав проектот за да им помогнам на соседите да најдат начин да се поврзат едни со други во оваа нова нормалност на физичко дистанцирање и самоизолација. Размислував и на улогата на прозорецот, наспроти да ги поставам моите субјекти надвор, што ја дополнува идејата за изолација. Она што го научив е дека луѓето се силни, љубезни и добри. Навистина сакав да направам тие да се чувствуваат поврзано – вели Ловекин.
На фотографиите се прикажани портрети на 91-годишната уметница Ширли Фуерст, негова сосетка и газдарица на Ловекин.
– Живееме во разделена куќа и таа живее сама на една страна, моето семејство и јас живееме на друга страна. Таа продолжува да работи на своите уметнички дела секој ден во нејзиното студио на горниот кат – вели фотографот.
На друга фотографија, пак, уметникот од Гватемала, Хуан Карлос Пинто, позира заедно со семејството на петтиот кат од зградата, држејќи знак на кој пишува „Заедно“. Да се направи фотографијата не било лесен подвиг.
– Поради некоја причина, единствениот прозорец што можеше да се отвори беше оној пред надворешните скали. Можете да ги видите само нивните очи низ решетките – вели Ловекин.
Во колекцијата се наоѓа и прекрасен портрет на Роберт Е. Кларк Јуниор, кој води радиостаница наречена „Кортелју роуд радио“, единствена од ваков вид во заедницата. Тој држи знак зад прозорецот на кој пишува „Тешките времиња никогаш не траат, но силните луѓе траат.“
Фразите влеваат надеж, од „Ова ќе помине“ до „Чекајќи со вас“ (една порака до деца вели „Многу ни е досадно“).
Дитмас Парк, станбена населба во Флатбуш, Бруклин, е опколена со прекрасни домови, од кои повеќето се поделени на повеќе станови. Бруклин е меѓу окрузите што беа погодени најтешко од пандемијата.
– Една од работите што ги сакам во Бруклин е тоа што луѓето имаат тенденција да се здружат во време на потреба. И покрај тоа што е тешко, верувам дека ќе се избориме заедно – вели Ловекин, фотограф на „Шатерсток“.
Ловекин сè уште се придржува кон правилата за физичко дистанцирање додека фотографира, користејќи леќи за зумирање за да одржува безбедно растојание од своите субјекти и носи заштитна опрема.
– Секогаш имам маска и ракавици, како и по неколку средства за дезинфекција – открива тој.
На една незаборавна фотографија, психотерапевтката Марџ Блејн позира заедно со Ед Блејн, писател и драматург, додека држи знак на кој пишува „Останете смирени, мијте ги рацете – и продолжете!“
Меѓу другите, на една фотографија галеристот Том Паркер, неговата сопруга Елизабет и нивните деца држат знак, кој вели „Никогаш не сомневајте се во капацитетот на човечкиот дух“.
– Во сето ова лудило, барате нешта што резонираат и изгледаат значајно. Нивната порака се издвојуваше со сериозноста и потресителноста – вели Паркер.
Семејството Паркер е придружено од нивното куче Џипси, ѕиркајќи низ прозорецот со нив.
– Ми се допаѓа знакот за јачината на човечкиот дух и нашето куче што седи таму, заедно со нас. Човечкиот дух преовладува низ целата историја на човештвото; надминување на пандемијата, светските војни, природните непогоди. На крајот, ние сепак преживуваме. Наоѓаме начин да го надминеме лошото. Тоа е силен инстинкт кај сите нас, да го најдеме најдоброто во ситуација. Нема недостиг од примери, тоа е нешто во кое сите можеме да веруваме – заклучува Том Паркер.