Рецензија во хрватски „Вечерњи лист“
Престижната британска етикета „Лин рекордс“ го објави албумот „Македонисимо“ зад кој стојат македонскиот пијанист Симон Трпчески и пријателите. По овој повод, Трпчески вели дека на овој албум на многу уникатен начин се обработува македонската народна музика од страна на македонскиот композитор, прекрасниот Панде Шахов, кој со својот посебен музички јазик ја обоил на многу поинаков начин, испреплетувајќи со нашата народна музика различни музички стилови.
– Освен до Шахов, благодарност и до уникатниот тим: Александар Краповски на виолина, Александар Сомов од Бугарија на виолончело; на кларинет, саксофон и на кавал Хидан Мамудов, а зад ударалките е Влатко Нушев, но и на продуцентот Џереми Хејс и инженерот за звук Бен Конелан со кои снимавме во Сафолк во Источна Англија.
Јас сум неизмерно среќен што по 3-годишното нижење на сиот тој материјал на концертните сцени низ светот, еве, дојде денот еден носач на звук, кој на сите луѓе што го слушнале или не го слушнале на концертите во живо ќе им овозможи да го сторат тоа и да му се навратат кога ќе посакаат – изјави Трпчески.
Според него, цедето ќе остане во историјата на македонската интерпретативна уметност како еден бисер, токму поради својата посебност.
Првата рецензија за албумот излезе на страниците на угледниот портал „Мјузик веб“, во која критичарот Домини Клементс истакнува дека „оваа мешавина од раскошни ритмички танци и нежно елоквентни песни функционира исклучително добро во овој амбиент“.
– Целокупниот ефект е повеќе „џез“ отколку „класична“ музика, ако сакате да пронајдете соодветна стилска полица за да го поставите овој диск, но не дозволувајте тоа да ве премисли за да го испробате ако мислите дека не ви се допаѓа џезот. Традиционалните мелодии се појавуваат низ „класична“ музика цело време, од Бах до Копленд и Бернштајн до Малер, па затоа искористете го ова како богат нов извор на извонредно изведени и снимени звуци и видете колкав простор имате дома за да танцувате на овие ритми – вели Клементс за меѓународниот портал „Мјузик веб“.