Ирски филмови на „Киненова“

Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“, во рамките на својата редовна програма, првпат ја претстави современата ирска кинематографија во Македонија.
– Го отвораме овој фестивал на ирскиот филм со, по многу нешта особениот филм „Привлечен ѓавол“ на ирскиот режисер Џон Батлер, а во следните денови на телевизијата 24 ќе се емитуваат другите филмови – „Во предна линија“, „Каубои и ангели“ и моќниот документарен филм „Глад“, каде што наратор е познатиот актер Лијам Нисон. Досега Ирска ја препознаваме по зелените полиња, културата, традицијата, ирското виски и поп-музиката, но од вечерва ќе уживаме и во современата ирска кинематографија – истакна Небојша Јовановиќ, директор на МФФ „Киненова“.
Фестивалот за отворен го прогласи амбасадорот Пол Мекгери.
– Се радувам што помалите земји преку сопствената кинематографија имаат можност да ја пренесат својата порака низ светот. Му благодарам и на Ирскиот филмски институт, бидејќи кога ги разгледувавме филмовите што ќе ги видите во оваа програма, би рекол дека имаше мошне силна селекција, но јас би го издвоил документарниот филм „Глад“, кој зборува за гладот во Ирска – вистинит настан од периодот на 1845-1850 година. Тоа за нас претставува еден многу значаен историски момент. Филмот укажува и на тоа колку на една земја ѝ треба добра влада. Доколку една земја нема добра влада, народот треба да преземе нешто за да го промени тоа – истакна амбасадорот.
Според него, историјата е важна, таа се менува, но филмовите што се избрани не говорат само за историјата туку и за модерни проблеми, урбаниот живот, промени…
– Секое општество се соочува со предизвици, па така и Ирска има проблем со невработеност, миграции, а сето тоа произлегува од потрагата на луѓето за подобар живот некаде надвор. Оваа појава е присутна во повеќе држави, општествата постојано се менуваат и во прилог на ова би го споделил со вас податокот дека 60 отсто од Ирците не се раѓаат во Ирска. Филмовите постојано ги рефлектираат промените во светот, па така и преку современата ирска кинематографија ќе забележите дека Ирска станува сѐ поотворено општество, па од конзервативна држава, таа сега е отворена кон геј-правата и има одобрено истополови бракови – рече Мекгери.


Kонцертна промоција на „Џијан Емин и Меџикал оркестра“

Концертна промоција на првенчето на „ЗЏМ рекордс“, новиот албум на матичниот диригент на „ЗЏМ биг бенд“, оркестратор, композитор и мултиинструменталист, маестро Џијан Емин, се одржа викендов во Филхармонијата. Магичниот оркестар изведе авторски композиции на Џијан Емин е составен од членови на оркестарот „ЗЏМ биг бенд“ и гудачи од Македонската филхармонија.
Џијан Емин е еден од водечките современи музичари во Македонија и во регионот, кој добива голема репутација низ целиот свет поради соработката со светски познати музичари како Дерик Меј, Хуан Аткинс, Џеф Милс, Франческо Тристано.
ЗЏМ преку издавачката куќа „ЗЏМ рекордс“ продолжува да се залага за афирмација на џез-музичарите од земјава и од регионот, заедно работејќи на подобрување на целокупната џез-култура кај нас, збогатувајќи ја нашата културна сцена со нови квалитетни музички изданија.