Во ликовниот салон од Центарот за култура во Кичево и пред голем број посетители од сите генерации, синоќа беше отворена изложбата на дела создадени на петтата јубилејна Младинска керамичка работилница „Кичево 2019“. На годинешната работилница зедоа учество осум ученички од ОСУ „Мирко Милски“ Кичево, а на истата беа создадени четириесетина керамички творби во разни форми и големини.

За првпат на оваа работилница ги немаше учениците од училиштето партнер „Лазар Личеноски“ од Скопје.

– Вечерва ја имавме таа чест да присуствуваме на единствената изложба на керамички творби, создадени од нашите ученици на петтата Младинска керамичка работилница, што летово работеше на почетокот на летото во врутокот на керамичарството Вранештица. Сите дела се уникати и најголемиот дел од нив се изработени благодарение на инвентивноста на учесничките на оваа работилница, која се повеќе се етаблира на нашиве простори.Бројното присуство на љубителите на овој вид на уметност ни дава за право да веруваме во нејзината иднина и натамошен раст – истакна Маја Николоска Сиљаноска.

Се очекува овие дела да бидат прикажани и во ДСУ „Лазар Личеноски“ во Скопје.

З.А.