Публиката ги почитува мерките, но од друга страна, интересот за самите изложби не е воопшто намален, а тоа укажува дека публиката е гладна за уметност и убави настани
Музеите и галериите во земјава, чие функционирање е погодено од актуелната пандемија, наоѓаат нови начини да ѝ го задржат вниманието на публиката. И покрај тоа што некои од планираните проекти се одложени за идна реализација, тие успеваат да одржат поголем дел од активностите.
Директорката на Археолошкиот музеј на Македонија, Славица Бабамова, укажува дека релациите со публиката се насочени кон зголемување на пристапноста во музејот на лицата со посебни потреби. Поставени се тактилни слики со текстови испишани со Брајово писмо за лица со оштетен вид и се изработени едукативни видеа за одделни музејски предмети.
Преку социјалните медиуми е продолжена соработката со најмладата публика преку проектот „Музејска едукација преку цртежи“, а пандемијата ја зголемила креативноста во наоѓање нови начини за презентација на движното културно наследство.
Тековните изложби на Националната галерија на Македонија, пак, се одвиваат со голема претпазливост и почитување на сите зададени протоколи и мерки за заштита и на вработените и на публиката, а уште една од мерките што е воведена е избегнувањето масовни отворања со коктели и говори.
– Тие мерки публиката ги почитува, но од друга страна, интересот за самите изложби не е воопшто намален, а тоа укажува дека публиката е гладна за уметност и убави настани. Оваа констатацијата е потврда дека ние нудиме душевна храна што му е есенцијална на овој град – вели директорката на Националната галерија на Македонија, Дита Старова Ќерими.
Таа нагласува дека иако пандемијата има негативно влијание, сепак не успева да го наруши функционирањето на оваа институција или, пак, да ја неутрализира. Таа посочува на рубриката „На денешен ден…“, на воведувањето едукативна содржина за елаборирање на дела и автори од колекцијата „Од ризницата на Националната галерија на Република Македонија“ и на проектот „Карантински дневници“, кој го сочинуваат видеа од современи, рецентни автори.
Според Мира Гаќина, директорката на Музејот на современата уметност, коронавирусот е прв вистински глобален предизвик, широко распространет насекаде, но може да се каже дека тој сепак најсилно ги погодува оние сектори што се упатени на директна комуникација, кои зависат од публиката.
– Музеите се таков пример, неопходен амбиент на модерното време каде што можеш да се осамиш во друштво. Музејот на современата уметност во Скопје не е исклучок, силно ја почувствуваме пандемијата и во првиот период, во првата половина на годината бевме принудени да комуницираме со нашата публика виртуелно. Тој период го искористивме да ја прелистаме јавно нашата разновидна, ретка колекција. Во втората половина од годината храбро се решивме сепак максимално да ја реализираме предвидената годишна програма, не само како долг кон верната публика, која нѐ следеше и виртуелно, туку за да одбележиме важен јубилеј – 50 години од пуштањето во употреба на музејот. За таа пригода се претставиме со нов визуелен идентитет – вели Гаќина.