Вечерва настапуваат Албанскиот театар и Битолскиот театар

Вечерва е четврт ден од 55-то издание на МТФ „Војдан Чернодрински“ коe се одржува според сите протоколи за заштита. Досега се изведоа четири претстави во официјална конкуренција, а вечерва од 18 часот настапуваат Албанскиот театар со „Мурлин Мурло“ од Кољада, во режија на Кристина Димитрова и од 21 часот Битолскиот театар со „И коњите ги убиваат, зар не?“ од Мекој во режија Мартин Кочовски.

Денеска на фестивалот стана збор и за функционирањето на театрите во услови на ковид-19, проблеми и решенија, при што беше посочено дека театарот е убав кога е полн со публика и кога таа аплаудира.

Според Катарина Коцевска Хаџи-Василева, уметнички директор на Фестивалот, коронавирусот го погодил многу театарот. Но ќе се бараат решенија за зголемување на бројот на публика, оти со 30 проценти е неисплатливо за театрите.

Актерот Драган Спасов – Дац, смета дека тие како актери не губат многу од талентот ако не се на сцената, но губат сите, затоа што театарот е убав кога е полн и кога аплаудира публиката, а тие се поклонуваат долго.

Ка.М.