Во малку поразличен формат вечерва и утревечер на летната сцена во ЦК „ Марко Цепенков“ – Прилеп, ќе се одржи Летно кино со „Неделата на новиот германски филм“.
Ќе биде продолжена долгогодишната традиција за прикажување на германски филмови, а прилепчани ќе се дружат со најновите остварувања на богатата германска кинематографија. За разлика од минатите години, овој пат гледачите ќе уживаат во филмските проекции на отворено, како што вели и слоганот „Под отворено небо“.
Овогодинешното издание на „Неделата на новиот германски филм“ започнува вечерва од 19.30 со филмот Ундине , драма на режисерот Кристијан Петцол за која критичарите велат дека е потентна комбинација на реалност и илузија, на минатото и сегашноста. Главната актерка Пола Бер е добитничка на „Сребрена мечка“ за најдобра женска улога на Берлинале, каде и самиот филм беше номиниран за најголемата награда.
Веднаш по него, од 21.30 часот е трилерот „Балон“, во режија на Михаел Хербиг, кој нè враќа во деновите на студената војна низ обидот на две семејства да ја преминат границата на невообичаен начин.
Летното кино продолжува и утревечер со два филмови. ЦК „Марко Цепенков“ го реализира во соработка со амбасадата на Германија во земјава, Кинотека на Македонија и Центарот за социјални иновации Блинк 42-21.
Влезот е слободен, според протоколи за заштита од коронавирусот. Ка.М.