Мултимедијалниот комплексен проект на Кристина Пулејкова, насловен „Место на спојување“, кој се состои од дело со движечки слики што се проектира на огромен воден екран, создаден со распрскување млазови вода од Охридско Езеро, врз езерото и видео во 360 степени – виртуелна реалност, ќе може да го проследи публиката на главното пристаниште во Охрид, на 24 јули со почеток во 21 часот.
Пулејкова е македонска уметница што живее на релацијата Скопје – Лондон, чија интердисциплинарна практика во уметноста е дополнета со наука и технологија. Нејзините дела имаат цел да истражат како користењето на технологијата може да добие своја оправданост во одржувањето на релацијата човек – природа. Кураторка на овој проект е Ана Франговска, а соработници се: Искра Шокаровска (кореографка), Иван Трајчев (музика и саунд-дизајн), Јасмина Билаловиќ и Христина Цветкоска (танчарки), Марија Каева и Александра Вилкинсон (актерки, глас).
– Делото „Место на спојување“ е базирано на уникатната миграција на критично загрозената европска јагула. Следејќи го животот на две јагули што доаѓаат од различни заднини (едната живее во Охридско Езеро, додека другата во реката Темза во Лондон), делото ќе се обиде да исцрта паралели помеѓу човечките искуства и оние на јагулата во поглед на миграцијата и самоостварувањето – вели меѓу другото Франговска.
Таа укажува и дека ова дело иницира дебата за свесноста за катастрофалната состојба и загрозеноста на европската јагула генерално и критикува за „политичката надмоќ“ на човекот врз судбината на охридската јагула локално. Покрај еколошката предоминанта на проектот, со јазикот на визуелните прикази Пулејкова, смета кураторката, допира и суштински политички дискурси, ја проектира македонската перспектива и стремење кон европската иднина.
Младата уметница Кристина Пулејкова живее, работи, истражува и се дообразува во Лондон. Завршила Академија за ликовна уметност во Виена, на Одделението за сликарство и анимација, а потоа магистрирала на Универзитетот „Сент Мартин“ во Лондон, на насоката за уметност и технологии.