Вечерва, во 19 часот, во изложбениот салон во Центарот за култура во Кичево ќе биде отворена изложбата „Калеидоскоп“ на Симона Трипкова и Маријана Ивановска, во организација на Музејот на градот Скопје. Изложбата е дел од програмата за минатата година, за одбележување на Европскиот ден на креативноста, а во рамките на проектот „Кре арт“.
– На изложбата ќе бидат претставени делата на двете млади графички дизајнерки Симона Трипкова и Маријана Ивановска. Започнатиот уметнички од на графичките дизајнерки е преточен во изложбата „Калеидоскоп“, составена од низа пресечени слики од графичките пораки, преку кои младите уметници говорат за грдите лица на општеството и за љубовта, која, како во старите филмови, мора да ја победи темнината. Јазикот на уметноста ја изнедри новата љубов, во која се споија идеите на две млади графичарки – истакна Маја Николоска-Сиљаноска, која додаде дека на оваа изложба ќе бидат претставени триесетина решенија на плакати, со кои авторките учествувале и биле наградувани на различни конкурси дома и надвор.