Вечер посветена на 30-годишнината од смртта на писателот, кој изврши големо влијание и на македонската литература, се одржа во МКЦ
На 15 октомври годинава ќе се навршат 30 години од заминувањето на големиот писател Данило Киш, кој беше роден на 22 февруари 1935 година во Суботица, а почина на 15 октомври 1989 година во Париз, што беше и поводот за одржувањето на нему посветената книжевна вечер во Младинскиот културен центар во Скопје. За вредното и многубројно творештво на Киш, кое сѐ уште се преведува во различни земји, за големото влијание што го извршија и сѐ уште го вршат неговите книги и политичките и општествените ставови, за веќе легендарната полемика што се водеше во Белград по објавувањето на неговата книга „Гробницата за Борис Давидовиќ“, говореше книжевниот критичар и писател Данило Коцевски низ разговор со домаќинот на вечерта, младиот поет Ѓоко Здравески.
Здравески истакна, меѓу другото, дека нему „десетина години Киш му е голема љубов, го истражува и професионално и приватно“, нагласувајќи и дека книгите на Киш се едни од оние што од возбуда ги фрлал од себе бидејќи не можел да ги издржи. Toj уште на почетокот на публиката ѝ го презентира светот на еден од најзначајните европски писатели, користејќи и сегменти од телевизиско интервју, кое со Киш го водел познатиот југословенски новинар и публицист, Боро Кривокапиќ. Публиката имаше можност да го види и чуе Данило Киш како говори за дел од доживувањата на првите 12 години од својот живот, за Втората светска војна кога живеел во Југославија и во Унгарија, за драматичната историја на неговото семејство, на татко му Евреин и мајка му Црногорка и нивните деца и за влијанието на сето тоа на неговото подоцнежно творештво.
– Мојот свесен живот почнува некаде во 1942 година, во време кога се одвиваше познатиот масакр на Евреите и на Србите во Нови Сад, на Дунав кога требаше да биде убиен и мојот татко, кој во една транспозиција подоцна ќе се појави како лик во моите книги под името Едвард Сам. Тој ден јас ги изгубив своите другари од истата улица, видов многу трупови, навлеков многу страв, метафизички, исконски, кој ме следеше понатаму… – вели во снимката Киш.
Данило Коцевски нагласи дека Данило Киш изврши огромно влијание на луѓето од неговата генерација и на тие пред неа во македонската литература и во литературата што се пишуваше во тогашна Југославија.
– Неговата харизма како писател беше нешто што ги окупираше сите тогашни југословенски простори. Ние сите на некој начин сме му должни на овој човек и затоа сметав дека треба да се направи овој омаж. Во Македонија неговата рецепција е голема, во нашите книжевни кругови, меѓу критичарите, издавачите има многу познавачи на неговото дело. Во земјава денес нема малку преводи на делата на Киш, а се најавуваат и нови. Преведени се: „Мансарда“, „Гробницата за Борис Давидовиќ“, „Хомо поетикус“, „Песочен часовник“, „Енциклопедија на мртвите“, „Рани јадови“, „Градина, пепел“ и др. – рече Коцевски.
Според него, тој комплекс на преведени дела на македонски јазик говори за големото влијание што тој го имал врз поранешните простори, а особено врз македонскиот.
– Киш пишува, пишува, па потоа крати, како вајарите, а интересно за него е што си ги чита книгите на глас. Во суштина тој е поет што не се осмелува да пишува меѓу другото поезија, па затоа само ја преведува – рече Ѓоко Здравески. Во контекст на констатациите дека Киш е многу чувствителен автор беше истакнато и дека книгата „Псалм 44“ била објавена како победничка на анонимен конкурс кога тој имал 24 години, а членовите на комисијата мислеле дека нејзин автор е жена.
Данило Коцевски, пак, нагласи дека од оваа книга во која се говори за еврејската трагедија и концентрационите логори Киш почнува и да користи документи.
– Зошто пишувам, пишувањето е вокација, мутација на генот, на хромозомите. Писател се станува како што се станува давител – стои во извадок од делата на Киш, кој пишувал зошто е незадоволен со себеси и со светот, но и за да го искаже тоа незадоволство. За да преживее.
На вечерта посветена на Данило Киш, беше нагласено и дека неговото творештво може да се подели на три циклуси: холокауст, откривањето на гулазите и третиот, кој е прекинат со неговата смрт, откривањето на Голи Оток и на логорите од таков вид во поранешна Југославија. Посебно внимание му беше посветено на романот „Песочен часовник“, кој се смета за едно од најсложените дела на Киш и на книгата „Гробницата за Борис Давидовиќ“, книга за гулазите во СССР, која ја предизвика познатата книжевна полемика во која Киш беше обвинет за плагијат.
– Таа полемика одекна многу силно во Југославија. Данило Киш сметаше дека полемиката во суштина беше политичка, но политичарите да се прикријат ја префрлија на книжевен план. И таму Киш ги биеше жестоко. Користењето документи веќе беше познато во светот, и Киш сметаше, а и докажа во својата полемичка книга „Час по анатомија“ дека нашата тогашна критичка и теориска мисла во голема мера заостануваше, дека бевме далеку од Борхес, од литературата што сакаше да користи документи. Киш велеше дека вистината мора да се потврдува на тој начин. Тој ги користеше во своите дела документите што се автентични, но честопати и фиктивни и лажни. И затоа на едно место вели: „Многумина мислат дека ’Гробницата за Борис Давидовиќ‘ е само документ и тоа мене ми прави чест, а не е тоа. Има таму многу од мојата фантазија и луѓето многу често кај што е мојата фантазија мислат дека е документ, а обратно, таму кај што има документ мислат дека е некаква фантастика“ – укажа меѓу другото Данило Коцевски.