Забележителната архитектура се раѓа од креативен процес. Додека за иконските дизајни се потребни години за да се замислат и да се изградат, овие проекти често имаат траен ефект врз заедниците и градовите каде што се градат. Од идејното планирање до изградбата, некои од претстојните објекти во светот се веќе во тек. Станува збор за проекти поставени за да формираат фокусна точка за локациите во кои се изградени, обезбедувајќи граѓанска вредност што се протега далеку од границите на секој проект.
Следната колекција истражува како некои од најпознатите архитекти создаваат нови знаменитости. Од кули и главни планови до музеи и галерии, следните дизајни се во голема мера од културолошка природа. Направени за да прифаќаат поголеми идеи за општеството, проектите ја претставуваат денешната модерна архитектура.
Кулата „Лума Арл“ од „Гери партнерс“, Арл, Франција
Кулата „Лума Арл“ на Франк Гери е при крај во историскиот град Арл, во јужна Франција. Структурата е дизајнирана од Гери, како централен дел на „Лума Арл“, уметнички центар основан од швајцарската колекционерка Маја Хофман, кој започнал да се гради во 2014 година. Проектот се наоѓа на местото на напуштен двор, кој бил празен од 1986 година, а поврзува две поранешни железнички конструкции, кои биле претворени во изложбени простори.
„Лондон пенинсула плејс“ од Сантијаго Калатрава, Лондон, Англија
Компанијата за недвижности „Најт драгон“ го претстави новото обележје од милијарда фунти, дизајнирано од меѓународниот архитект и инженер Сантијаго Калатрава, на полуостровот Гринич. Овој нов голем проект е осмислен да го трансформира Гринич, новонастаната културна област во Лондон. Жителите и посетителите на полуостровот ќе пристигнуваат преку премин во зимска градина висока 80 метри и стаклена галерија. Основата на проектот ќе понуди различни удобности, вклучувајќи кино, место за изведба, продавници, ресторани, барови и центар за благосостојба. Ќе се изградат и три кули со деловни простории, станови и хотели, сите поврзани со Темза со нов копнен мост.
„Нгарен – музеј на човештвото“ од студиото „Лајбескајнд“, Кенија
Овој впечатлив проект лоциран во долината Рифт во Кенија е дизајниран да ја прикаже кулминацијата на животното дело на доктор Луис Лики, чии откритија на фосили помогнаа да се открие како еволуирале луѓето. Музејот ќе биде првиот центар од ваков вид, кој ќе презентира истражување и откривање на повеќе од два милиони години човечка историја, како и потеклото на нашиот универзум од еволуција, биодиверзитет, пренаселеност, до војни, болести и климатски промени.
„Хангџоу призм“ од ОМА, Хангџоу, Кина
Започна изградбата на објектот во облик на пирамида на архитектонското студио ОМА, наречен „Хангџоу призм“, што го претставува срцето на Хангџоу како иден технолошки град во новиот централен деловен округ за технологија. Дизајнот на објектот ја интегрира модерноста во убавината на околниот природен пејзаж. Во комплексот ќе бидат сместени хотел, малопродажен простор, мансарда и градина.
Центарот за наука, образование и иновации „Ричард Гилдер“ од студиото „Ганг“, Менхетн, Њујорк, САД
Најновото обележје во историскиот американски музеј на природна историја во Њујорк ќе биде центарот за наука, образование и иновации „Ричард Гилдер“. Проектот ја отелотворува интегрираната мисија на музејот за научно образование и изложба.
Уметничка галерија на Ванкувер од „Херцог енд Де Меурон“, Ванкувер, Канада
Паркот „Ларвил“, местото на новата уметничка галерија на Ванкувер, е еден од последните неизградени градски блокови во центарот на Ванкувер. Предлогот за новата уметничка галерија е скулпторска, симетрична, исправена зграда. Од урбана гледна точка, тоа е класичен тип: препознатлив јавен објект по должината на истакнат булевар.
Музеј на филмови од „Ренцо Пјано билдинг воркшоп“, Лос Анџелес, Калифорнија, САД
Новата музејска академија за филмови и наука ќе ја ревитализира историската зграда „Стримлајн модерн“, која мируваше речиси две децении. Музејот ќе располага со околу 175.000 квадратни метри јавен простор, вклучувајќи галерии, едукативен центар, театар, две простории за прикажување, демонстрациска лабораторија и простории за специјални настани.
„Јуникорн ајленд мастерплен“ од „Заха Хадид аркитектс“, Ченгду, Кина
Центарот за изложби и конференции, првата зграда во рамките на проектот „Јуникорн ајленд мастерплен“ во Ченгду, е при крај. Со оглед на тоа дека кинеската економија еволуира од традиционални индустрии во интернет и технолошки базирани организации, земјата сега е дом на една третина од светските стартап-технологии проценети на над милијарда долари – наречени „еднорог-компании“.
Концертната сала „Острава“ од „Стивен Хол аркитектс“, Острава, Чешка
Новата концертна сала со 1.300 седишта се наоѓа во непосредна близина на постојниот дом на културата. Објектот е дизајниран како совршен акустичен инструмент, во соработка со „Нагата акустикс“. Новата зграда ќе обезбеди простор за изведба на филхармонискиот оркестар „Јаначек“, водечки чешки оркестар на современата музика.