Александар Прокопиев во „Јутарњи весник“
Македонскиот писател Александар Прокопиев неодамна гостуваше на 12-от Риечки саем на книгата и на фестивалот „Врисок“, во чии рамки ја претстави својата збирка раскази „Човечулец“, преведена на хрватски јазик. Речиси и да нема хрватски медиум што нашироко не пишуваше за гостувањето на нашиот писател, а „Јутарњи весник“ објави инспиративно интервју со него.
– Мене во бајките ме интересираат маргиналците, како ловецот од „Снежана и седумте џуџиња“, или едно од оние деца во Петар Пан. Тоа се ликови што во класичните бајки ги собира во три реченици, а кај мене тие стануваат главни ликови. Пишувајќи за маргиналците, „човечулците“, ги доведувам во неодамнешното минато или во сегашноста. Тие се врзани за нашата современост, за транзицијата, не само за социјалната и политичката, туку и за моралната транзиција. Ме интересираше како тој мал човек, обичен маргиналец се снаоѓа во овие времиња – вели Прокопиев.
Во поднасловот на книгата стои „Бајки од левиот џеб“, а авторот објаснува дека леваците, оние што повеќе и повешто се служат со левата рака, исто така низ вековите биле на маргините.
– Денес е поинаку, но памтам во детството дека децата леваци ги тераа да пишуваат со десната рака. Леваците беа некако чудни. Затоа, ете, тој лев џеб, бидејќи левиот џеб е оној во кој ги ставаме малку поскришните работи отколку во десниот. Десниот го користиме, на пример, за клучевите од автомобилот, а во левиот криеме некои многу полични работи. Еве сега, на пример, во левиот џеб имам таблета што треба да ја земам, против дијабетес. Неколку ливчиња, невешто свиткани, на нив се запишани имињата и контактите на луѓето што тука ги сретнав – вели Прокопиев во интервјуто за хрватскиот весник.
На прашањето дали овие бајки и денес се можни, во време кога „рокот неповратно се претвори во сладникав поп, филмот во глупави холивудски спектакли, ликовната уметност во инсталации, а книжевноста почна да се идентификува со велеуспешните како Пауло Коељо, Ог Магдино или Ден Браун“, Прокопиев одговара потврдно.
– Фала богу дека бајките постојат. Не бајки за принцези, храбри витези и змејови, туку бајки во смисла на некој психолошки аргумент наспроти животот што стана до крајност прагматичен. Тој облик на бајки за кој сега зборувам може да биде детски, наивен, речиси смешен, но многу луѓе што нешто во овој свет и ќе направат, како на пример Асанж, имаат во својата мисија некоја бајка. Ликовите на денешните бајки, сеедно дали се тие некои експерти за компјутери и хуманисти од типот на Асанж, или се уметници или слично, сите тие дејствуваат од поттикот што не е само креативен во смисла на создавање и пишување, туку имаат и некоја мисија, водени се од посебен дух – вели Прокопиев, кој како белградски студент на тамошниот Филолошки факултет во 1970-тите години студирал во генерацијата на Драган Великиќ и Светислав Басара, а освен што пишува ги превел на македонски и Киш, Албахари, Јерговиќ, Алек Попов…
– Во Македонија всушност има ренесанса на читање на писателите од регионот. Имаше некои 15-20 години затишје, кога од петни жили се трудев на Македонците да им претставам некои одлични писатели од Хрватска, Србија, БиХ…., но сега сите тие многу се читаат. Верувам дека тука многу важна улога одигра агенцијата за преводи „Традуки“, но и тоа што младите писатели од регионот денес се многу поинтензивно поврзани од некогаш. Тие луѓе се среќаваат, читаат, разговараат. Често се случува некои од македонските помлади критичари и теоретичари да го цитираат Крлежа, многу да го споменуваат и Камов. Од современите автори Македонците ги читаат и Даша Дрндиќ, Јерговиќ, Ренато Баретиќ, Томиќ, Громача, Ивана Шојат… Можеби постарите ги читаат оние што зборуваат за некој живот во поранешната држава, како Маринковиќ, Крлежа, Киш. Кај младите исто така се буди интерес за тие гласови, но и за разни други теми за кои пишуваат писателите од регионот – вели нашиот писател.
За тоа дали нам, на Македонците, ни е поблиска Бугарија или Хрватска или некоја друга од земјите на некогашна Југославија, Прокопиев вели дека нему тој есперанто јазик што и сега се користи му е близок.
– Денес, 30 години подоцна, Македонците, кои се топли луѓе и сакаат да разговараат, се трудат со вас да разговараат на вашиот јазик, но со многу грешки. Во мојата генерација никој не знаеше бугарски, на Македонците политиката им наметна чувство на јазична надмоќ над Бугарите, се сметаше дека нивниот јазик е помалку урбан. Со време запознав некои бугарски колеги, стекнав пријатели меѓу нив, почнав да ги преведувам. Иако, од бугарски преведувам потешко отколку од другите јазици – подвлекува нашиот писател во интервјуто.