ДА ПРОДОЛЖАТ ИЛИ ДА СЕ ПРЕКИНАТ ПРЕГОВОРИТЕ ОКОЛУ „РАЗЛИКАТА“ ЗА ИМЕТО НА НАШАТА ДРЖАВА? (10)
Имајќи ги предвид досега водените преговори од 1995 година, кога беше склучена Привремената спогодба, па сѐ до денес, мој заклучок е дека токму поради погрешниот приод во водењето на овие преговори и не беше постигнат каков било резултат, во поглед на надминување на постојниот проблем („разликата“) во врска со употребата на именката „Македонија“ во името на државата, наспроти употребата на овој ист термин во името на грчката северна провинција „Македонија“.
Погрешноста беше во тоа што преговарачите, наместо околу цитираната „разлика“ да се раководат од нивните сегашни и идни индивидуални интереси, како и од нивните заеднички интереси, тие во решавањето имаа влезено со свои однапред утврдени позиции. Грчките позиции (како што тие ги нарекуваат „црвени линии“) првовремено се сведуваа во името на нашата држава да не се содржи терминот „Македонија“, за понекогаш, допуштајќи тоа да биде „Славомакедонија“, име употребувано за сите потреби или, пак, името на нашата држава да биде: „Горнамакедонија“, „Севернамакедонија“ или, во најлош случај, „Република Горна Македонија или Република Северна Македонија“. При ова, во која било варијанта да е името, тоа би било име ерга омнес, што значи име за севкупна употреба, како за домашни така и за меѓународни потреби). Позицијата ерга омнес сама посебе ја повлекува или, поточно, произведува и следната грчка позиција, а таа е промена на македонскиот устав, заради неговo усогласување со новото име.
Земи или остави
Но, прашање е дали само на тоа би се останало. Ова од причина што опсегот на употреба што го предлага Грција не може, колку и да се тврди спротивното, да не ги опфати и идентитетските прашања, кои неразделно се поврзани со самото име на државата. Македонските позиции, барем за пошироката јавност, никогаш не биле исцртани јасно докрај. Понекогаш тие биле изразувани во вид на двојна формула, но без докрај да биде видлива нејзината содржина. Покрај оваа позиција, македонската страна како друга своја позиција ја споменува: неменувањето на Уставот заради усогласување со договореното име. Но, кои и да биле тие позиции, познато е дека досега ниту грчките ниту македонските имаат придонесено што било во решавањето на нивниот децениски проблем.
За да бидам појасен зошто се залагам тежиштето од утврдените позиции да се префрли на апострофираниот проблем: „разликата“ за името на нашата држава „Македонија“ со името на грчката провинција „Македонија“, потребно ќе биде одблиску да запрам на нивната суштина. Имено, кога зборуваме за позициите, всушност, ние зборуваме за еднострано донесени одлуки. Од овие одлуки во вид на „црвени линии“ обично ќе слушнеме, во преговорите „нема место за отстапување“. Ваквата цврстина на одлуката и не е друго, туку претставува своевиден ултиматум, кој се сведува на определбата: земи или остави. Ако претпоставиме дека и од двете страни се исцртани ваков вид линии, тогаш место за договор нема. Ова од причина што на линијата на нивното допирање тие наместо да се приближат кон посакуваното решение, едноставно се оддалечуваат од него.
Не треба голема мудрост за да се сфати дека и од оваа состојба постои излез. Ако желбата на двете страни, навистина, е искрена, низ процесот на преговарање, да се дојде до заемно прифатливо решение, но и до решение со пошироко дејство (соседско, регионално и пошироко), тогаш излезот е: тежиштето во преговорите од однапред утврдените одлуки (позиции) на преговарачите да се префрли врз нивните сегашни и идни реални интереси. Кога зборуваме за интересите, за да се разбере докрај за што станува збор, потребно е да укажам дека тие по својата суштина или природа и не се друго, туку тоа се нивните основни потреби (какви што се на пример: безбедноста; чувството на припадност; признавањето (уважувањето) на таа припадност од другата страна; суверено управување со индивидуалноста (лична и колективна), сфатена во смисла на нешто што е неотуѓиво природно право и сл.).
Примерот од Синајскиот Полуостров
Интересите разбрани во вид на основни сегашни и идни потреби при однапред утврдени позиции во вид на соодветни одлуки на преговарачите секогаш, всушност, се наоѓаат зад овие позиции. Ако во решавањето на кој било проблем во процесот на преговарањето останеме само на нивото на позицијата, како однапред донесена одлука, а не се потрудиме за тоа да видиме кои интереси стојат зад таквата позиција, решението на проблемот колку и да биде посакувано ќе остане без свој резултат. Тоа може најдобро да се види на примерот поврзан со окупацијата на египетскиот Синајски Полуостров од страна на Израел по шестдневната војна помеѓу нив во 1967 година. По завршувањето на оваа војна дојде до статус кво ситуација, која траеше сѐ до 1978 година, кога во Кемп Дејвид (САД) со посредство на американскиот претседател Џими Картер бил постигнат договор помеѓу Египет (претставуван од претседателот Анвар ел Садат) и Израел (претставуван од премиерот Менахем Бегин).
Во овие преговори двете страни настапиле со однапред утврдени позиции: Израел за постигнување на договорот барал да задржи дел од територијата на окупираниот полуостров, наспроти Египет, кој излегол со своја цврста позиција до педа од полуостровот да му биде вратен. Страните никако не можеле да ги приближат своите позиции сѐ додека не се свртеле кон утврдување на тоа кои нивни интереси стојат зад овие позиции.
Свртувајќи се кон своите интереси набргу било утврдено дека делот од Синај што го барал Израел да го задржи за себе бил од безбедносен интерес. Имено, преку контролирање на бараната територија Израел обезбедувал доволно дистанца за да не му се случи изненадно навлегување на египетските тенкови на негова територија (како што, впрочем, и му се случило за време на шестдневната војна од 1967 година). Додека, пак, интересот на Египет целосно да му се поврати окупираниот Синај бил поврзан со суверенитетот. Имено, Египет по долги векови пред и по новата ера првпат во 20 век се стекнал со полн суверенитет на целата своја територија, поради што и не бил подготвен да му отстапи дел од оваа територија на Израел, како нов освојувач. Откако страните од своите позиции се префрлиле на своите интереси, договорот бил постигнат. Според него, Израел целосно се повлекол од окупираниот Синај, за возврат добивајќи голема демилитаризирана област од полуостровот, со што тој ја осигурил својата безбедност од ненадеен напад на својата територија од страна на Египет.
Египет, пак, по повлекувањето на Израел воспоставил целосен суверенитет на овој полуостров, симболично манифестирајќи го и со поставување на своето знаме да се виори по должината на целиот полуостров, но без можност неговите тенкови да бидат во близина на територијата на Израел. На овој начин и двата интереси биле задоволени и затоа дошло до постигнување договор.
Интереси и позиции
Од примерот може да заклучиме дека формулата за решавање даден проблем (каков што е и нашиот) не се наоѓа во спротивставените позиции, туку во конфликтот настанат помеѓу потребите, желбите, грижите и стравовите на секоја од страните, сфатени како нивни интереси. Со еден збор, интересите се тие што го дефинираат проблемот, а не позициите. Тие, всушност, се мотивирачкиот фактор што на страните им овозможува да дојат до решавање на секој нивен даден проблем. Но, и при ова, битно е да се подвлече дека погрешно би било ако акцентот биде ставен само на сопствените интереси. Обратно, партнерскиот однос бара еднаква грижа, како за својот така и за интересот на другиот во тој однос. При сето ова партнерите, доколку вистински се заинтересирани за постигнување успех во преговорите, погледот секогаш треба да го свртат кон напред, а не кон назад. Со други зборови, во партнерскиот однос размислувањето на партнерите секогаш треба да биде во насока каде сакаат да стигнат со преговорите, а не со размисла од каде тие доаѓаат.
Ако во постојниот преговарачки процес, воден за „разликата“ за името на нашата земја, преговарачите (РМ и РГ), како во египетско-израелскиот случај, тежиштето од однапред утврдените позиции вистински го префрлат врз нивните поединечни и заеднички интереси, а и не занемарувајќи ги уште и пошироките интереси, тогаш веројатноста за решавање на оваа досега нерешлива „разлика“ набргу, верувам, ќе се преобрази во решлива.
Третиот важен аспект
Третиот аспект, не помалку значаен од претходните два, кај партнерските односи, е аспектот поврзан со генерирањето што повеќе можни опции, од кои во преговарачкиот процес би се избрала најпродуктивната. За таква би можело да се смета онаа што би произвела не само еднострана добивка за секој од партнерите во овој вид односи, туку и нивна сегашна и идна заедничка добивка. Последнава сфатена во смисла на сегашна воспоставена доверба и соработка, но и нивна идна соработка насочена во правец на натамошно релациско продлабочување и развивање. Опциите сфатени како идеи се резултат на имагинацијата на човекот како мисловно битие, во тие рамки и како преговарач. Битно е за идеите поврзани со решавањето одреден конкретен проблем (каков што е и проблемот за „разликата“ што треба да се направи во употребата на терминот „Македонија“ во името на нашата држава), во фазата на нивното наоѓање (креирање) да не се подложуваат на какво било проценување и критика. Уште помаку е прифатливо, а би рекол и најштетно од штетното, во оваа фаза при изнесување на одделните идеи како вид можности за надминување даден проблем (во нашиот случај „разликата“), како мерило за нивната оправданост да се земе однапред веќе утврдена позиција, какви што се на пример позициите: ерга омнес, промена на Уставот и обратно неменување на Уставот.
Дали изнесените идеи во оваа фаза се добри или не или, пак, дали се реално остварливи или не е ирелевантно. Тие ослободени од овие оцени и пресудувања самите од себе поттикнуваат на создавање нови идеи, понекогаш и поинвентивни од претходните. Овој пристап кон идеите е ист, независно дали тие се изнесуваат од индивидуален преговарач или преговарачки тим во фазата на подготовката на преговарачкиот процес или, пак, тоа се случува во самиот овој процес. По завршувањето на фазата на изнесување на разноразните идеи за решавање на конкретно зададениот проблем, вообичаено врз основа на блага критичка процена се пристапува на избор на оние од нив што би изгледале како поприфатливи. На овој начин стеснувајќи го списокот на слободно изнесените идеи (кои и натаму не „обврзуваат“) се овозможува посветување поголем степен на внимание на избраниот број опции, за преку тоа да се дојде до селектирање на уште помал број можни опции (кои можат да бидат и комбинација од добрите страни на повеќе понудени опции).
Заемна почит и разбирање
За да се дојде до ова ниво, бездруго, се потребни и инвентивност и знаење. При давањето, условно речено, „преодна оцена“ на избраните опции, со кои ќе се излезе во преговарачкиот процес, не треба да се тргне само од поволностите што тие би ги имале за страната што ги нуди, туку е потребно истите да се погледнат и од аспект на интересот на другата страна од овој процес. Истото се однесува и на опциите со кои излегува другата страна од односот. Но, и тоа не доволно. Покрај тоа, при прифаќањето на некоја од овие опции (дали понудена од едната или од другата страна), ќе биде потребно да се согледа и од аспект на заемните бенефиции од неа за партнерите (и тоа, како сегашни така и идни).
При ваков прифатен приод, што е многу значајно, се попречува влегување во процесот на преговарање со однапред утврдени позиции, за кои, и погоре веќе рековме, нема место во партнерските односи. Овде нема место на надреденост и подреденост, нема однос на „земи и остави“, нема еднонасочен диктат: „мораш, ќе видиш“ и сл. Наместо тоа имаме заемна почит и разбирање за потребите на другиот колку и за своите, како и заедничка свест, како за стабилизирање на сегашните односи така и за перспективата на нивното понатамошно продлабочување и развивање.
(Продолжува)