Крстопат на хоризонтот

ФЕЉТОН: СТОЈАН АНДОВ
„И ПО ТИТО – ТИТО“ (1)

Кој најмногу се спротивставувал на обидите за зачленување на СФРЈ во тогашната Европска економска заедница? Како политичкиот и партиски врв на тогашната држава ја доживувал смртта на Јосип Броз-Тито и перспективите потоа?
За овие и за многу други помалку познати историски детали, прочитајте во фељтонот што е наш уреднички избор од најновата книга „И по Тито – Тито“, на првиот претседател на македонското собрание и висок функционер во неколку влади на поранешната СФРЈ, Стојан Андов. Книгата „И по Тито – Тито“ е дел од политичките мемоари на Андов што ги издава „Матица македонска“.

За време на разговорот со Џенкинс и со Хаферкам во Брисел, во јули, се сетив оти првото одбивање за поразвиени поблиски односи со ЕЗ веќе беше направено во февруари 1978 г., кога Јанко Смоле прифати, а по неколку дена одби, да ги води преговорите со ЕЗ

Иако Југославија отворено не одби да преговара со ЕЗ, имаше многу тешкотии што ја спречуваа земјата да дојде до преговори и во одредени моменти што го нарушуваа текот на преговорите. И откако Југославија се изјасни дека сака да преговара за спогодба со ЕЗ, не престанаа туку се засилија притисоците од СССР и СЕВ врз Југославија.

Имаше барем три отворено изразени обиди да се оневозможат преговорите на Југославија со ЕЗ. Прв обид беше откажувањето на Јанко Смоле да ги води тие преговори како шеф на југословенската делегација, да биде претседател на Комисијата за соработка меѓу Југославија и ЕЗ. Таа одлука на Владата, Смоле ја прифати. И таа беше објавена во медиумите. Но, наскоро, ненадејно и неочекувано, Јанко Смоле и јавно се откажа од таа функција и прекинаа какви било разговори за можноста да ја смени својата одлука.

Инаку, Јанко Смоле веќе беше назначен од владата на Ѓурановиќ, а кога тој откажа – јас бев назначен на таа функција. А откако бев назначен, многу пати сакав да го најдам Јанко да ми каже в лице зошто се откажа. Не ми успеваше да го најдам. Тој сѐ уште беше министер за финансии и се разбира го барав, пред сѐ, во Министерството за финансии. Оттаму ми велеа дека не е во Министерството, а на седниците на Владата престана да доаѓа.

Еден ден решив да се обидам да го изненадам, бидејќи мојот стан беше блиску да зградата што ја викаа СИП 2, во која беше сместено Министерството за финансии. Отидов право таму пред да одам на работа и го најдов во канцеларијата. Му приговорив зошто е вака недостапен и зошто ми одговараат дека не можам да го најдам, а мене ми е неопходен разговор со него за да разберам што значи неговото одбивање, а моето прифаќање, на таа функција и што ме очекува во нејзиното извршување. Јанко, инаку, многу трепкаше, особено ако е малку збунет и имаше очила со голема диоптрија, така што ми беше јасно дека сум го довел во непријатна ситуација. Бевме добри пријатели и тој не сакаше да ме повреди, со некој потег да ми наштети. Се напивме кафе и ми рече: Ајде ние утре да ручаме заедно. Добро, му реков, ама каде? Во 13 часот во ресторанот „Цар Душан“ на Теразие, предложи. Веднаш ми стана јасно дека Јанко не сака да зборува в канцеларија, ни кај него ни кај мене, ниту пак да разговара по телефон, ниту пак да го видат со мене во Владата. Тој претпоставуваше за што ќе го распрашувам.

Утредента на ручекот Јанко брзаше да се разјасниме. Го прашав директно зошто прифати да биде претседател на Комисијата и да ги води преговорите со ЕЗ, а по три-четири дена откажа. Што биле причините и за едното и другото? Тој почна мирно, со молба дека е тоа само меѓу нас, да ми објаснува. Кога прифатил да биде претседател на таа Комисија и да ги води преговорите, сѐ уште не му било јасно колку е тоа политички компликувано прашање. Кога му ги доставиле документите од ЕЗ, т.е. мандатот што го утврдила Европска комисија и другите институции во ЕЗ, тој се убедил дека се работи за корисни аранжмани за цела Југославија и сите републики. Почнал да се консултира со угледни и одговорни пријатели, пред сѐ Словенци, кои работеа во разни сојузни органи и организации во Белград. Она што Јанко ми го соопшти се сведуваше на следново: речиси со сите словенечки функционери во Федерацијата контактирал и ги известил што пишува во мандатот на ЕЗ. Поголем дел од нив му рекле дека е тоа неприфатливо за нив. Само Сергеј Крајгер отворено и јасно му рекол дека е тоа добра работа и треба да се вложат напори таа да се оствари. Јанко ми рече дека особено луѓето од ЦК СК на Словенија и Словенците што работат во партискиот врв во Белград, во југословенските институции, сите го укориле и го предупредиле да не се нафаќа на таа работа. Тој се советувал и со Крајгер откако ги добил ваквите предупредувања. Крајгер му рекол само дека тој останува на ставот оти преговорите се многу важни, дека ќе ѝ донесат корист на целата наша земја и оти таа работа треба да се заврши. Не му ветил дека ќе направи состанок со тие луѓе за да се усогласат ставовите. Јанко самиот заклучил дека во словенечкото политичко раководство има големи разлики околу ова прашање. Но, и од голем број стопанственици имало големо спротивставување. И ме замоли да не зборувам и ми кажа дека од словенечкото раководство му понудиле да се врати во Љубљана и да биде директор на Љубљанска банка. Му рекле дека разбираат оти му е предолго времето што го помина на работа во Белград. Можеби токму заради тоа ќе му олесни ако се врати во Љубљана. Јанко ме замоли за ова да не разговарам ниту со премиерот Ѓурановиќ, оти и нему не му кажал зошто се откажал. За време на разговорот со Џенкинс и со Хаферкам во Брисел, во јули, се сетив оти првото одбивање за поразвиени поблиски односи со ЕЗ веќе беше направено во февруари 1978 г., кога Јанко Смоле прифати, а по неколку дена одби, да ги води преговорите со ЕЗ и кога Веселин Ѓурановиќ заклучил дека јас треба да ја преземам таа функција, ме повика на разговор. Тогаш му кажав на Ѓурановиќ дека имам проблеми со Македонците, кои сакаат политички да ме казнат, и да не смета на мене. А тој се поднасмеа и рече дека фактички работата е кај Лазар Колишевски и оти тие со Видое Жарковиќ тоа прашање ќе го средат, за што веќе имам пишувано. Откако ми објасни Ѓурановиќ дека ќе немам проблеми со македонските политичари, со ниту еден од нив не разговарав и ја прифатив функцијата.

Сфатив и дека во словенечкото и во македонското раководство немаше некој ентузијазам за да зачекориме и да изградиме поблиски односи на соработка меѓу Југославија и ЕЗ. Напротив, беше видливо, дека расположението кај нив е одбојно за таква ориентација. Колку што се сеќавам, во македонските медиуми беше објавена веста дека Јанко Смоле е назначен за претседател на Комисијата за соработка со ЕЗ, а потоа беше објавена и веста дека тој дал оставка и се повлекол. Но, кога од југословенската Влада беше соопштено дека јас сум назначен на таа функција и за шеф на делегацијата за преговори, македонските медиуми ништо не објавија. Македонските читатели можеа да ја дознаат веста, пред сѐ, од белградска „Политика“, која во Македонија имаше многубројни читатели, како и од други белградски весници.
Во разговорите со Хаферкам и со Џенкис, од соговорниците сфатив дека тие добро знаеја за случајот со Смоле како прв обид да се спречи изградување на поблиски односи меѓу Југославија и ЕЗ и да се спречи заклучувањето на договорот за соработка и трговија, предложен од ЕЗ.

Вториот обид беше јасно дека е свесно направен, а тоа беше кога по одржувањето на првата седница на двете делегации од ЕЗ и Југославија, се одржа конференција за новинарите со мене и со Хаферкам како шефови на делегациите. Тогаш Хаферкам соопшти дека преговорите ќе почнат бидејќи југословенската страна прифаќа да се преговара врз основа на мандатот прифатен од органите на ЕЗ. Кога некој од југословенските новинари ми постави прашање дали е точно тоа, одговорив дека е точно и дека е утврдено уште во септември да почнеме преговори.

Значи, кога го соопштив југословенскиот став во Брисел, дека прифаќаме да преговараме врз основа на мандатот што го утврдиле надлежните органи во ЕЗ, истиот ден Јосип Врховец, тогашен министер за надворешни работи, на телевизија изјавил дека Југославија нема никогаш да прифати да преговара за договор со ЕЗ врз основа на мандат што го утврдиле надлежните институции во ЕЗ. За тоа беа известени и македонската и југословенската, а и светската јавност, за тој став на Врховец. Тој судир на ставовите меѓу мене и Врховец беше неколку дена коментиран во сите медиуми во Југославија, дури и во македонските медиуми.

Покрај неговиот јавен настап, Врховец потоа напиша писмо до Ѓурановиќ, во кое бараше Ѓурановиќ како премиер од мене веднаш да побара оставка, а ако не прифатам да дадам оставка – да му предложи на Сојузното собрание да ме разреши од членството во Сојузната влада.
Неколку дена по приемот на писмото од Врховец, Ѓурановиќ ме покани на разговор и ми го покажа.

(Утре: Период на сериозни колебања)