Фото: Архива на „Нова Македонија“

Автор на фељтонот е д-р Петре Наковски, родум од селото Крчишта, Костурско, егејскиот дел на Македонија, роден на 17.7.1937 – романсиер и преведувач од полски јазик, публицист и дипломат. Тој бил прв македонски амбасадор во Полска. Десет години бил новинар во весникот „Нова Македонија“. Докторирал на Институтот за политички науки на Вроцлавскиот универзитет во Полска. Автор е на голем број прилози од прозната белетристика и публицистиката во периодиката. Автор е и на мемоарско-социолошкиот труд „Македонските деца во Полска“. Прозата му се одликува со сурова фактографија за трагедијата на Македонците во текот на Граѓанската војна од 1946 до 1949 г. во Грција и со смисла за градба на впечатливи ликови, носители на возбудливи животни приказни. Библиографија: „Постела за чемерните“ (1985), „И каменот е земја“ (1988), „Големата удолница“ (2003), „Големата измама“ (2007), „На пат со времето“ (2010). Добитник е на наградите: „Златно перо“, Награда на полските автори и полските одликувања: „Златен медал за заслуги за полската култура“ и „Златен орден на командоријата“

Патот заврши во Нивици.
Не носеа бомби, туку текст на договор наречен Преспански договор. Возеа по истиот пат каде што на 13 и 14 август 1949 година загинаа стотици борци на Демократската армија на Грција и жители на преспанските и подалечните села. Возеа по патот каде што почнаа поразот и егзодусот. Во колите насмеани лица. Меѓу нив потписниците, премиерите и тие што со години ветуваа, наговараа и вршеа притисок, тие, претставниците на западниот свет, од каде што не остана ниту претседател, ниту премиер, ниту министер, кои не ги извалкаа македонските црвени килими и од говорницата на Собранието бесрамно лажеа. А претставниците на народот, како што сами се нарекоа, и на собраниските фотелји здебелија задници, во сѐ им веруваа. Не се најде ниту еден да отвори уста или да подигне прст и да праша. Нивниот молк беше нивна согласност за секоја измама.
Грчката и македонската телевизија вршат директен пренос. На телевизискиот екран слики од околината, од околните карпи. На ТВ-екранот нова слика. До карпа, некогаш крвава, што виси над езерото – свечено украсена маса, државни знамиња и тие – потписниците и советниците. Брмчат камерите, телевизиите вршат пренос. Кратко исчекување, потписниците, министри за надворешни работи, потпишуваат нешто што учените во правото, експертите и стручњаците оценија дека текстот на договорот што го напишаа други, а го потпишаа тие за кои се слушна, дури и не го прочитале. Како и да е, ќе покажат правната наука и времето и ќе се видат и користа и штетата.
Потпишувањето го обележаа громки ракоплескања, гушкања, лигави бакнежи, студени ракувања. Со бавен и сигурен чекор се доближува до потписниците Италијанката, на чие лице се гледа грд подбив, зад неа Австриецот, со скриено задоволство на намуртените образи, за кого знае ли некој чиј потомок е, и понастрана старчето, молчаливо, кое цели дваесет години, како што тврдеше, само за еден цент ја кроеше играта. Кој Евреин губи дел од својот живот само за еден цент дневна награда? Сега готвачите на горкото јастие, чекорат бавно, не како порано. На нивните лица како да е нацртано прашањето: Има ли некоја друга будала во светот што си го продава името на државата небаре е тиква, пиперка, краставица, френка на тезгите на српските пазари? Најнасмеан и сигурно најсреќен е премиерот на нашата земја. Гледајќи на телевизискиот екран, се потсетив на еден друг негов настап во 2010 година, кога пред купот негови приврзаници и идолопоклоници, со широки мавтања на рацете и со видлива омраза на лицето, викаше на цел глас: „Кога ќе дојдеме на власт, од работа ќе ги протераме сите што не мислат како нас“, и со уште поголема омраза видлива на неговото лице, уште погласно викаше: „Кога ќе дојдеме на власт, тогаш живи луѓе ќе јадеме!“ Го гледам и си мислам: од кого ги научи тие движења на рацете, од кого ја наследи таа омраза толку јасно видлива на неговите образи? Дојде на власт и видовме што стори.
А за стореното радосно мисли што да му подари на грчкиот колега. Му текна. Ја одврзува црвената вратоврска и со широка насмевка му ја подава на својот брат, како што многупати го нарекуваше. А тој, кутриот, не ја прима, се повлекува, се брани. Другарчето знае што е јамка.
А бојата на премиерската вратоврска ме потсетува на пролеаната и впиената крв и згаснати животи на преспанската земја; ме потсетува и на заборавените црвени ѕвезди на вардарските македонски партизани, кои во јуриш вееја црвено знаме. Црвена ѕвезда на партизанската капа носеа и партизаните во Егејска Македонија. На партизанската капа, над грчката буква делта, симболот на ДАГ, на партизанската капа на Тина Андреева, млада офицерка и херојка на ДАГ, сјаеше црвена ѕвезда. Сите ја викаа Цвета, по улогата на Цвета во драмата „Македонска крвава свадба“.
Долготрајни ракоплескања и гласови на радост и насмевки на триумф го поплавија Нивици. Тој ден никој од присутните не ги слушна болните офкања на ранетите лекувани во пештерската партизанска болница близу Граждено; никој не ги слушна ужасните вресоци и лелеците на тие што гинеа во пламенот и огнот на напалмот.
Години по таа триумфална претстава, двете другарчиња си останаа без ветената Нобелова награда и без владината фотелја. Секогаш така посакува големиот – величење, ама само за една употреба, а западните советници и пријатели, кои честопати ги валкаа црвените килими, повеќе не се појавија во владините коридори и на говорницата на парламентот.

Не на крај, туку долго ќе трат прашањето и барање одговор зошто токму во тоа зафрлено Нивици го потпишаа договорот.
Дали за да нѐ потсетат на забранетиот јазик, за чија употреба следуваа судење и плаќање парична казна, рицинусот и ренката, јавното тепање, ноќното прислушување, откинувањето нокти, ставањето жешки јајца под мишките, стегањето обрач на главата и жива мачка под кошулата, тепањето по стапалата, лутата пиперка, стрижењето на крст, затворите и островските логори и да ни дадат на знаење дека токму тука, во Преспа, ги столчивме вашите!?
Дали тие, од оваа страна на границата што воодушевено го потпишаа Преспанскиот договор, ги знаеја горенаведените историски факти?
Познато е дека државните договори секогаш се потпишуваат во свечено украсени сали, а не во некогаш запустено ридско и крајезерско село, кое пред седумдесетина година беше облеано со македонска и грчка крв во име на слободата. Дали само поради убавината на Преспа и сега поради прекрасно уреденото Нивици, некогаш едно од најсиромашните преспански села, одлучија токму таму да го потпишат договорот или, пак, за предупредување и потсетување дека токму тука, во Преспа, Атињаните да нѐ потсетат дека токму тука ги столчивме вашите сонародници, а тие што успеаја да се спасат од напалмот ги протеравме отаде граница, без право на враќање, и со овој договор вие се откажавте и од нивните мртви и живи?
Во годините по завршувањето на Граѓанската војна, властите наредија да се соберат мините, куршумите, гилзите, парчињата од авионските бомби, топовските и минофрлачките гранати, да се израмнат со земјата рововите и бункерите, пребаруваа под секоја грмушка и камен, береа, собираа, изнесоа што собраа и некаде пренесоа за да не остане белег од злото што се случило тука. Во срцевината на зелениот планински венец долго молчеше Преспа без Преспанци, онемена од немоќ, од бес и од болка. Молк. Тишина повремено распарувана од крикот на езерските птици. Така сѐ дотогаш до кога властите на оваа питома земја не доселија Власи овчари од Епир и говедари бегалци Грци од Албанија. Живна Преспа ама без Преспанци. Во нивните куќи завладеаја други обичаи и јазик што никогаш не го зборуваа.

Сега Нивици, некогаш најсиромашното село во Преспа, кое живееше од лов и продажба на циронки, е познато туристичко село. Средено е и богато.
Стотици туристи од цела Грција оставаат таму куп пари. Ги привлекуваат природата и богатата трпеза со вкусни македонски јадења и македонски вина. И кога се изговара неговото име, тогаш едни од нив и едни од нас се згрозуваат, а други од нив и други од нас се радуваат и се гордеат. Грците го именуваа селото со името ПЦАРАДЕС (Рибари), а нашите ја именуваа државата со името СЕВЕРНА. И едното и другото име се грди.
Пред години собирав материјали за мојата книга,,На пат со времето“. Пребарувајќи по брегот на малото езеро, во трските враснати во водата видов лулка.
Кој од оваа лулка остана без мајка и која мајка остана без рожбата што со приспивна песна ја растела во оваа лулка?
Езерските бранови тивко, нежно ја лулаат лулката и над неа трските пеат приспивни песни. Од многуте испеани песни, која песна е повесела, а која потажна и поболна?
Ја гледам празната лулка и болка градите ми ги стега. Чија е таа лулка? Не ја подигнав во мојата прегратка. Им ја оставив на брановите да ја лулаат и на трските приспивно да ѝ шумолат: ај лули, лули…
Таму, во тие наши места, многу лулки останаа празни и многу мајки без рожби.
Ај лули, лули, лули, запустена судбино наша…
Потписниците за да го избришат својот валкан образ, рекоа дека тоа го направија во име на народот.
Во име на народот ли тие ги заборавија, а јас сѐ уште ги слушам ужасните страдања и лелеци на убиваните и рануваните, горени со напалмот, и го гледам нивното бегство по беспаќата и шумите каде што бараа спас. Од што? Од кого? Зошто?
Пред векови илјадници ослепени пристигнувале во Преспа. По години малкумина туѓинци се доселиле во Преспа и во најголемото зло време Преспа се испразни од Преспанци.

По години едниот од потписниците јавно и гласно ќе се издере: Срамота е, луѓе! Срамота!
Извика човекот, остана жив и се нафати да прави партија за спас на тоа што го уништи.
Се запраша ли тој за кого е срамота?
Па, токму тој, кој го стави потписот, чија рака таткото писмено јавно ја благослови, дали од гризење на совеста или нешто друго, гласно ќе се издере: Срамота е, луѓе! Срамота!
За кого, бре пиле, е срамота?
За народот што на референдум го бранеше името или за тие што го продадоа?
Кој е тој народ што со договори се откажува од делови на својот народ, од својот род и својот јазик?
Тоа го посакаа, го изнудија и го добија други, а нашите, да ги наречеме така, без размисла и недораснати да чуваат држава, прво ги дадоа името и знамето, па земјата ја поделија на пашалаци, раздадоа илјадници државјанства и државата ја доведоа до нејзино опстојување. Тоа се тие, памперсите, кои уште недораснати ја презедоа власта.
И не само тоа туку и многу друго. А тоа ме потсетува на Прличевата песна „1762 лето“, во која се пее:
„… ќе ве дават, ќе ве стрижат ќе м’лзат до крв
Меѓу народот ќе сејат
Несогласија и раздори,
Да се мразат син со татко и со брата брат
Еј! И со брата брат.“

(продолжува)