Македонското револуционерно движење од крајот на 19 и почетокот на 20 век и Илинденското востание како негов највисок дострел се вбројуваат меѓу најобработуваните теми во македонската и бугарската историографија, но и пошироко. Во многубројните трудови посветени на Илинденското востание се обработени разни аспекти, но тоа не значи дека темата е исцрпена или, пак, дека е даден конечен одговор на многу отворени прашања. Иако основните постулати којзнае по кој пат се преповторени и уште на толку начини различно интерпретирани, самиот факт што оваа тема предизвикува голем интерес доволно говори за нејзината актуелност, но и дека има уште многу за истражување, анализирање и толкување. Преку овој прилог кон оваа широка тема не претендираме кон нејзино сестрано разгледување или некаква ревизија на напишаното, ниту пак во панергична форма да ги воспеваме херојството и саможртвата, туку пред сè да се задржиме на некои аспекти како дошло до одлуката за Илинденското востание и на неговите крајни ефекти, но и да укажеме на некои наметнати стереотипи, кои се издигнати на ниво на парадигма и сѐ уште се провлекуваат како такви

ИЛИНДЕНСКОТО ВОСТАНИЕ (5)

Во меѓувреме, Бугарија презела дипломатска иницијатива за олабавување на односите со Османлиската Империја, настојувајќи да ја убеди во своите заложби за смирување на ситуацијата во Македонија. Дознавајќи за тоа, Васил Пасков го предупредил Задграничното претставништво дека во никој случај не треба да се прифати бугарската сугестија за одложување на востанието, бидејќи дипломатијата би стекнала впечаток дека „револуционерното движење во Македонија и Одринско се организира, поддржува и раководи од Бугарија, која преследува завојувачки цели, а во очите на оние сфери, чии симпатии се на наша страна, Внатрешната организација ќе го загуби карактерот на независна и самостојна, а тоа е штетно за ослободителното дело“.
Како и да е, Бугарија, која заради свои интереси често го експлоатирала македонското дело преку емигрантската организација, откако се нашла во незгодна ситуација, не само што го забранила ВМК туку се обидела да го запре и автохтоното македонско движење – предводено од ТМОРО. Од друга страна, одбивањето на ТМОРО да се сообрази со бугарската иницијатива за одложување на востанието претставува силна демонстрација на автохтониот карактер на македонското револуционерно движење.
Во меѓувреме, под раководство на ЦК и на окружните комитети биле забрзани подготовките за претстојното востание. Кон крајот на јануари и почетокот на февруари, Македонија била заплисната од голем број чети однадвор, но истовремено се зголемил бројниот состав на постојните чети, особено по враќањето на печалбарите и заминувањето во илегала на мнозина дотогашни легални активисти на Организацијата. Со тоа зачестиле и инцидентите и судирите помеѓу четите и османлиските војски, кои будно ја следеле состојбата. Ваквата состојба внимателно ја следеле и дипломатските претставници на големите сили, кои врз основа на состојбата од теренот ги информирале своите влади за предвостаничкиот амбиент во Македонија.
Така, на пример, рускиот дипломатски претставник во Солун – Николај Гирс, во извештајот од 12/25 02.1903 година, информира дека речиси немало поголемо село во Македонија во кое немало востаничка чета и дека ТМОРО воопшто не размислувала за одложување на востанието, бидејќи со евентуално таква одлука, македонското прашање би затапело, а со тоа Организацијата би ја загубила својата подлога и би го пропуштила погодниот момент за целосно ослободување. Во таква атмосфера, Гоце Делчев по извршувањето на атентатот врз тунелот и мостот кај реката Ангиста (Драмско) заминал за Солун за да се сретне со Даме Груев, кој штотуку бил амнестиран, за да ги усогласат ставовите по прашањето за востание.

Повеќето автори што ја застапуваат тезата за предвремено востание, врз основа на селективни информации од мемоарската литература, неосновано сметаат дека Д. Груев, кој клонел кон востаничката иницијатива, дека со својот став го нанел последниот морален удар врз Делчев. Меѓутоа, Лазар Димитров – единствената опозиција на Конгресот кога се донела одлуката за востание, кој го придружувал Делчев при неговиот престој во Солун, пишува „по оваа средба веќе немаше никакви разлики меѓу Централниот комитет и дејците околу Делчев за прогласувањето на востанието“. Во сличен стил се искажува и Христо Поп Коцев. Пеју Јаворов, пак, пишува дека Делчев во Солун издејствувал промена на јануарското решение во смисла на партизанско востание, а масовните дејства да се остават за подоцна во летото. Неспорно е дека помеѓу Д. Груев и Г. Делчев постоел заемен респект и дека при оваа средба, тие се согласиле востанието да има партизански карактер. Во таа смисла Д. Груев требало да го анимира конгресот на Битолскиот округ, а Г. Делчев на Серскиот округ. Во меѓувреме, Груев и Делчев во Солун се обиделе да ги разубедат гемиџиите да ги одложат планираните атентати за подоцна и својата активност да ја усогласат со Организацијата, за да се постигне поголем афект.
По заминувањето на Делчев и Груев од Солун, гемиџиите кон крајот на април 1903 година ги извеле познатите Солунски атентати. Меѓу другото, тогаш бил запален францускиот пароброд „Гвадилкивир“, била разурната филијалата на Отоманската банка, а биле изведени уште неколку помали акции. Гемиџиите, кои по убедување биле анархисти, не верувале во масовно народно востание, па затоа со своите терористички акции против странскиот капитал во османлиска Македонија сметале дека ќе го свртат вниманието на големите сили и ќе предизвикаат интервенција во прилог на идејата за автономија на Македонија. Солунските атентати предизвикале сериозни репресии од страна на власта врз цивилното егзархиско население во Солун, Битола, Скопје, Велес и во други места. Поради Солунските атентати и репресијата на власта, во Солунското пристаниште допловиле странски воени бродови. Христо Поп Коцев го доживеал тоа како пристигање на автономијата. Во екот на овие бурни настани на пат кон Али Ботуш каде што бил закажан конгрес на Серскиот округ, во с. Баница (Серско) во судир со османлиските сили загинал Гоце Делчев. Истовремено спротивно од претпоставките на Делчев, кој се плашел од палење на селата од страна на Турците при евентуалното објавување на востанието, Баница била пеплосана до темел и без востание. Очигледно, Турците не размислувале како Делчев. Судбината така си поиграла што неговите ставови брутално биле демантирани при неговото загинување.

Токму во екот на овие настани од 2 до 7 мај 1903 година во с. Смилево, под претседателство на Даме Груев, се одржал окружен конгрес на Битолскиот револуционерен округ. Работата на конгресот се одвивала низ четири пленарни заседанија. Притоа Конгресот започнал со 17 делегати, но на крајот протоколот го потпишале 32 делегати. Некои делегати стигнале дури на последното заседание. Во протоколот од конгресот не се бележани дискусиите, туку само дневниот ред и конкретните решенија, но затоа, пак, мемоарската литература нуди богати и разновидни информации, разни погледи и ставови на поединци, но се разбира низ субјективна призма. На почетокот од конгресот се појавиле обвинувања по адреса на Анастас Лозанчев, пред сè, поради неговото заминување за Солун и давањето согласност за одлука за востание, без да се консултира со легалните и нелегалните раководители во округот.
Со критиките кон Лозанчев предничел Ѓорѓи Сугарев. Како прва точка на дневниот ред на конгресот било прашањето за состојбата со вооружувањето по региони. Притоа се покажало дека најдобро вооружени во округот биле Ресенско, Костурско, Демирхисарско и Охридско, а најслабо Крушевско и Прилепско. Воопшто, според моменталните состојба, Битолскиот округ тогаш располагал со 8.000-9.000 пушки. Поаѓајќи од состојбата на теренот, делегатите на послабо вооружените региони истапиле како опозиција по прашањето за востание. Предводници на опозицијата биле: Никола Петров Русински, Ѓорѓи Сугарев, Петар Ацев и Никола Карев, а кон нив клонеле и Ѓорѓи Пешков и Тале Христов.
Најсилен притисок за востание доаѓал од Костурско, но во тој поглед не заостанувало ниту Охридско. Од авторитетните лидери во прилог на идејата за востание зборувале Анастас Лозанчев, Борис Сарафов и Дамјан Груев. Притоа Лозанчев истакнал дека одлуката за востание во основа била донесена во Солун и дека поради напреднатите подготовки востанието не може да се одложува. Сарафов, меѓу друго, истакнал дека Битолскиот округ веќе неформално бил во востание, поради што требало да се продолжи напред. Од друга страна, Б. Сарафов во неформалните средби со поединечни делегати ширел гласишта дека Бугарија ќе интервенира во прилог на востанието со објавување војна на Османлиската Империја. Таквите неофицијална ветувања го зацврстиле оптимизмот кај многумина. Полемиката околу прашањето за востание станала беспредметната по излагањето на Дамјан Груев, кој меѓу другото истакнал дека тоа прашање било решено уште од Конгресот во Солун и дека во моментот треба да се насочат кон реализација на востанието.
Во прилог на мнозинството, кое било за востание, оделе повеќе тековни настани. Така, првиот ден од својата работа, конгресот добил известување за Солунските атентати. Тоа било само еден, но не и единствен аргумент што дополнително ја подгреал востаничката атмосфера. Ситуацијата кулминирала на 6 мај, кога во Битола бил извршен познатиот Ѓурѓовденски масакр, а во с. Цапари дошло до судир со османските војски. Двата инцидента претставуваат одглас на Солунските атентати. Поради тоа тој ден, конгресот не заседавал, туку од близу ја следел состојбата, која можела да ескалира со проширување на судирите кон Смилево. За елиминирање на таквата опасност од Смилево кон Цапари со својата чета бил испратен Ѓорѓи Сугарев. Настаните од Цапари и Битола, како и претходната информација за Солунските атентати извршиле силно влијание врз оние делегати што се колебале околу одлуката за востание.

Автор: проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев

(Продолжува)