Вистинската демократија подразбира култура на законите

Фељтонот во девет продолженија „Македонски состојби: Детали и глобали за изборна вртоглавица (Homo politicus наспроти Homo transitionis)“, од авторот Сотир Костов, на читателите им нуди сестрана анализа на појавите, процесите и односите во нашата држава и општество во целост, давајќи одговори на повеќе провокативни прашања: има ли демократија во политичките партии, зошто немаме демократска политичка култура, за аномичното општество и дали нашето општество е „едно општество за сите“, за алката/условот што недостига за владеењето на правото…

(Културата на беззаконие мора да биде напуштена и уништена)

Македонски состојби: Глобали и детали за изборната вртоглавица (8)
(Homo politicus наспроти Homo transitionis)

Во ова продолжение од предметниот серијал ќе бидат изложени најизразените аномалии и изместувања на македонската демократија, од деведесеттите години до денес.
9. Повеќе од неопходна ни е култура на законие. Тоа е култура на закон, која се спротивставува на културата на беззаконието. Гледаме дека криминалот и корупцијата се најголема закана за демократијата. Демократијата може да ја спаси само владеењето на правото. За такво владеење, потребна е култура на законите. Тоа е стриктно почитување на законите и имање целосна доверба во правниот поредок (Слаѓана Тасева, Миодраг Лабовиќ, Бранислав Саркањац и др., Култура на законот наспротив корупцијата, ФОРУМ-ЦСИ, Скопје, 2002). Културата на законие е култура што енергично се спротивставува на беззаконието. Да се потсетиме: тоа е исто како што своевремено во Италија, Сицилија, cultura della legalita ѝ објави војна на cultura della mafiosita.
Нема владеење на законите (правото) без култура на законието. Основните столбови на оваа култура се граѓанството, општествената заедница и општата и политичка култура. Треба да се има верба во законот и во правдината, која доаѓа од разбирањето на смислата, на суштината, на законот и правото.
10. Во последните 20 години ни се случува синдром на „антиопштествен дух“ на општествените групи што учествуваат во власта (Македонци и Албанци), кој се изразува во наметнување на сопствените интереси, кои се премногу себични и премногу посветени само на остварување на сопствените интереси. Ваквиот дух промовира матрица на „изолирање и ексклузивност“, наместо да се спроведува, негува и развива комуникација со сите општествени групи, што значи, покрај Македонци и Албанци, рамноправно со нив и Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци и други што живеат во Македонија. На тој начин ќе се создаде инклузивната матрица, која го надминува ексклузивитетот, а ги јакне партиципацијата и активната ангажираност на поголем број луѓе во граѓанските и општествените процеси и односи.
11. Подолго време сме држава што ги губи своите демократски принципи, што доведе до губење на содржината и есенцијата на демократијата – правниот карактер, граѓанската опција и институционалната стабилност. Државата, власта во неа и институциите со кои таа управува, веќе неколку изборни циклуси не успеваат да им обезбедат на граѓаните политичка стабилност, економски просперитет и социјална сигурност. Наместо вистинска демократија имаме формална демократија, која најчесто е покритие за постојната анархија, беззаконие, лажниот плурализам, самоволието на политичарите од власта и на економските моќници олигарси. Сведоци сме на недефиниран политички легитимитет на тие што владеат (често избрани со манипулации со избирачкото тело), што е аномалија во нашата демократија, која осетно ги намалува шансите граѓаните избирачи да бидат во средиштето на општествената активност и општественото живеење, како и активно да учествуваат во градењето држава со демократски систем приспособен на нивните потреби и интереси. Неопходноста од надминување на оваа „демократска аномалија“ е повеќе од неминовна.

12. Граѓаните се чувствуваат препуштени сами на себе и се немоќни да се борат против аномалиите и парадоксите на системот и власта. Во таква состојба најчесто и во најголема мера тие се потиснати и маргинализирани од интригантите, безобѕирните, манипулантите, медиокритетите – од луѓето без достоинство и чест. Тоа кај нив раѓа чувство на немоќ, што резултира со повлекување во пасивност и интровертност. Во услови на општествена аномија, голем број граѓани разочарани и резигнирани апстинираат од јавниот општествен живот. Тоа води кон Фромовиот синдром „бегство од општествената заедница“, што истовремено е и „бегство од сопственото јас“. Вистинската демократија бара во нејзиниот фокус на интересирање да бидат граѓаните како партиципиенти на сите нејзини односи и процеси.
13. Неопходна е ревитализација на институциите, меѓу другото и со граѓанска обнова, т.е. граѓанска вклученост, пред сѐ во локалните заедници, а секако и на регионално и државно ниво, со фокус врз моралната обнова и врз развивање на фундаменталните верувања што ја прават демократијата можна. Сите релевантни експертски истражувања и испитувања на јавното мислење покажуваат дека довербата на граѓаните во институциите на државата (судови, обвинителства, собрание, влада, полиција, образование, здравство) е на најниско можно ниво, што е незавиден факт за демократијата и политичкиот систем во Македонија, кои сакаат да ги добијат епитетите напредни, модерни и ефикасни.
14. Партиската политика и лидерите на партиите ги поделија локалните заедници и од нив создадоа верски и етнички енклави (Арачиново, Сарај, Зајас, Кичево, Тетово, Чаир, Струга). Во нив, но и во многу други општини, евидентно е постоењето на негативниот феномен социјална дистанца (степен на разбирање и психолошка блискост/оддалеченост во однос на различните поединци или групи), а во тој контекст и етничка дистанца (ниско ниво на блискост/оддалеченост помеѓу припадници на различни етникуми).
Инаку, сѐ започна со „негативниот изборен ефект на гласање“. Под поимот ефект подразбираме размислување, однесување, одлука и дејствување (излегување или не на гласање) на избирачите. Се мисли на ниво на поединец, интересни групи и целото избирачко тело. Исто така треба да се земат предвид и изборната атмосфера, севкупната атмосфера во општеството, емоционалните процеси, разбирливоста на пораките и конзистентноста на комуникациите, а особено содржината и естетските моменти на пораките. Сите тие добро измиксани, по природен пат, но и диригирано и изнасилено, дадоа „негативен изборен ефект на гласање“.

Зошто и како се случи тој феномен? А богами и како да се објасни истиот тој? Одговорот лежи во дејствувањето на феноменот (теорија) „когнитивна дисонанца“, поставена од Леон Фестингер (Михаел Кунчик, Астрид Ципфел, Вовед во науката за публицистика и комуникации, Фондација „Фридрих Еберт“, Скопје, 1998). Тој поим, таа состојба, е еден вид психичка состојба на напнатост (стрес, страв, притисок, двоумење, недоверба) што настанува кога когнициите (знаењето, мислењата, убедувањата, ставовите) и однесувањето на човекот не се согласуваат, што значи не се конзистентни. Овде се мисли, како на политичарите, лидерите и кандидатите така и на гласачите поединци, групите и целиот електорат. Во таква една контрадикторна состојба (се мисли на пандемијата на ковид-19 и севкупната криза – економска, политичка, социјална, морална) одлучува субјективната перцепција, одлука и реакција на поединецот. Станува збор за повеќеслојна дискрепанца: помеѓу ставот, дискурсот и однесувањето на тој што ја праќа пораката, но и за дискрепанца помеѓу ставот на избирачот и неговата одлука да гласа или не.
15. Политиката и државата ги изгубија младите. Младите се разочарани од граѓанскиот живот и општествениот живот во целост. Едни (голем број) ја напуштија државата во потрага по подобар живот, а други се повлекоа од општествените односи и врски надвор од кругот на своите најблиски пријатели и семејства.
16. Проблемот на неангажираност на младите е проблем што истовремено е когнитивен и мотивациски. Тие имаат потреба од систем на вредности што ќе ги освојат и нивните срца и нивните умови. На младите не треба ништо да им се ветува, туку непосредно да бидат влучувани во институциите на државата и да бидат активни во формите на граѓанската партиципација. Во таа смисла, не е вистинското прашање дали во нашето општество може да се одржи демократијата. Круцијално прашање е дали ваквата демократија, чии актери се забеганите неодговорни и неморални елити, заслужува да биде одржана. Недостигаат морална цврстина, морална принципиелност и морална храброст, чесност и почит кон противниците и избирачите (Кристофер Лаш, Побуна на елитите – и издајство на демократијата, Светови, Нови Сад, 1996).
За сите напред наведени „болести“ на македонскиот плурален систем и демократијата во него, најефикасен лек е јуридизација на политиката и правото. Што е јуридизација на политиката и правото?

Првин да го објасниме поимот „јуридизација“. Извира од повеќе латински зборови, поточно повеќе групи, како што наведува професорот Светомир Шкариќ, цитирајќи го Мирко Дивковиќ (Латинско-хрватски речник, Загреб, 1999). Тие се: првата група ја сочинуваат зборовите jus-juris, со повеќекратно значење – право, право содржано во законите, право на нешто или право да се дејствува, моќ, власт, правна положба или правен статус; следуваат judex (судија што решава правен спор) и judico (судење или изрекување пресуда); по нив се judicium (судска истрага) и judicatio (пресуда); на крајот е зборот justitia (правда), чиј корен е правото – jus. Значи, на македонската бесправна (надвор од рамките на Уставот и законите) политика ѝ е повеќе од потребна јуридизација – нејзино врамување во границите на правото и санкционирање од страна на обвинителството (истражување, обвинување) и судството (судење, преуредување). Време е „подивената“ и коруптивно-криминална политика да биде ставена под власта на правото. И за да биде јасно: јуридизација е потпирање на политиката врз правото и судството, во случај таа да ги надмине правно определените граници. Така, политиката добива правен статус, а судството станува буден чувар и арбитар – во случај политиката да ги прекрши утврдените правни рамки и граници. Сиве овие години зад нас видовме дека политиката е склона на „излети“ надвор од правото и нејзино заталкување во коруптивно-криминални лавиринти. Треба да бидеме свесни дека јуридизацијата на политиката започнува со разграничувањето на јавната од политичката сфера. Тоа не значи дека треба да се откажеме од јавно-приватните партнерства. Напротив. Тие се законски дозволени, но никако во форма приватното да ги потисне јавниот интерес и општото добро. Тоа се постигнува само со чесна политика, за која Кант одамна ни кажа дека е без алтернатива. Политика чија основа се етиката и моралните принципи.

(продолжува)