Мистична Македонија: Музеј под отворено небо
- Фељтон на „Нова Македонија“ според документарните серии и филмови на продукцијата „Аристон“ и книгата „Mystical Macedonia: An Open Air Museum“, објавена на „Амазон“ од Никола Ристевски, магистер по маркетинг-менаџмент, публицист и продуцент
- Добре дојдовте во Македонија, земја на волшебни предели, богата историја и уникатни знаменитости. Во овој фељтон ќе ви ги претставиме природните ресурси, културното наследство и туристичкиот потенцијал на Република Македонија
За старата црква „Свети Никола“
Во Свети Николе, на највисокиот дел со доминирање над околината се наоѓа црквата „Свети Никола“. Во нејзиниот комплекс влегуваат и камбанарија и саат-кула. Објектот е еднокорабна градба градена од камен, тула и малтер. Покривот однадвор е на две води, а внатре поделен на три свода, од кои средниот е највисок. Таванот е од дрво. Црквата е долга 12 м, а широка 6,40 метри. На ѕидовите има прозорци. Во внатрешноста на западната страна се наоѓа певница од дрвена конструкција, а на северниот ѕид е залепена проповедалницата, исто така од дрво. Олтарниот простор е подигнат во однос на наосот. Од олтарниот простор на југ се влегува во мала просторија – ѓаконикон за чување на светите книги и реликвии. Црквата не е живописана. Единствен украс во ентериерот е дрвениот иконостас обоен кафеаво. На него се наоѓаат повеќе икони вградени во рамки. Некои потекнуваат од 1849 година, а други од 1875/77 година. Други носат индикт Е. Според внатрешната елевација поделена на три дела со тенки дрвени столбови, четири на број и според архитектурата и иконите од 1849 година, може со сигурност да се претпостави дека е градена во првата половина на 19 век. Тоа е време на интензивна градба на голем број цркви во Македонија. Повеќето се градени од мајсторот Андреј Дамјанов, најголем архитект кај нас во 19 век. Меѓу другите, тој ги градел и црквите во Велес, Куманово и во Ново Село. Во контекст со ова може да се претпостави дека и оваа црква е градена од него. Меѓутоа, понатамошните истражувања сигурно ќе го кажат последниот збор. Во најново време на црквата се вршени некои градежни интервенции, кои се далеку од автентичниот изглед на црквата.
Така запишал роднокрајниот истражувач, големиот македонски археолог Драгиша Здравковски по консултациите со повозрасниот истражувач Лазар Серафимов во 1981 година. Тогашниот изглед на црквата денес може да се види само на стари фотографии, бидејќи врз неа е изградена новата црква, што го прави Свети Николе и еден од ретките градови во кои има „отворени две цркви една врз друга“.
Многу често може да се слушне дека „постоела некаква легенда според која во Свети Николе имало 40 цркви, а кога сите биле изгорени останала најубавата – црквата Свети Никола“ и, според тоа, гратчето го добило името. Податокот дека во Свети Николе имало 40 цркви не е точен. Досега не се откриени материјални и пишани докази за ова тврдење. Вистина е дека градот го добил името Свети Николе по црквата „Свети Никола“, околу која се развила и населбата. Преданието за 40-те цркви најверојатно претставува замена на топонимите Крк Клисали и Клисали, првото име на Старо Нагоричане, со значење 40 цркви и второто – име на Свети Николе, со значење „место покрај црква“, „црковно место“, „црквено“. Точен податок за старата црква што постоела пред гратчето да добие дозвола за изградба на нова во средината на 19 век уште не е пронајден, а досегашните написи најчесто се засноваат на непотврдени претпоставки. Кога во 2011 година се вршеа заштитни зафати за дренажа поради големата влага во „долната – мала“ црква – подземната црква градена во средината на 19 век, непосредно до неа беа пронајдени остатоци од ранохристијанска базилика, гробови и артефакти, кои недвосмислено кажуваат дека врз темелите на малата црква била изградена поголема црква, врз која е изградена денешната црква. Истата година оваа стара црква е преименувана во „Свети Прохор Пчински“, бидејќи во житието на Свети Прохорија пишува дека е родум од Овче Поле.
Нашите претпоставки се дека овде имало многу повеќе од 40 цркви, а голема е веројатноста дека пред „време турско“ во Овче Поле имало околу 365 цркви и храмови. Иако најчесто може да се прочита дека „кога Милутин го освоил Овче Поле, ја изградил црквата Свети Никола“, сепак тоа не е потврдено. Она што е многу поверојатно, е дека во денешно Свети Николе порано постоеле шест цркви што отсликувале крст. Црквите се наоѓале на местата на денешната црква „Свети Никола“ на север, во месноста Свети Спас на југ, ридот Свети Илија на запад, кај денешната црква „Свети Стефан“ на исток, а линиите се пресекувале кај старата црква, која се наоѓала каде што е центарот на денешно Свети Николе, врз која била изградена џамија и според некои стари записи е можно да била посветена на Свети Архангел Михаил. Во месностите Свети Илија и Свети Спас и ден-денес постојат камени крстови и народот доаѓа на празниците. При изградба на куќи во „американско маало“ – на линијата од центарот до гробиштата, биле откриени остатоци од мозаик, тегули и ранохристијански гробови. Под ридовите каде што се камените крстови со сигурност има остатоци од многу постари храмови.
Лазар Серафимов претпоставувал дека црквата не била градена од Милутин во 13 век, туку дека стариот храм бил обновен во далечната 1130 година.
Никола Ристевски претпоставува дека во голема мера е возможно ранохристијанската базилика за првпат да била обновена, не во 1847 г., туку илјада години порано – во 847 година. За името на населбата претпоставува дека води корен од стариот град Никеја, почитувањето на античката божица на победата Ника, но и дека е поврзано со пренесувањето на моштите на Свети Николај Чудотворец.
продолжува
(Авторот е долгогодишен истражувач на македонските природни ресурси и културно наследство)
М-р Никола Ристевски

































