Фељтонот „Војната во Украина како предуслов за нов светски поредок и реперкусиите врз Западен Балкан“ од д-р Маја Мишковска дава еден сопствен поглед на случувањата во Украина и нивниот одраз врз светската политичка сцена, со посебен акцент на Западен Балкан. Преку опсежна анализа на украинско-руските односи, па преку одразот врз нивните сојузници, авторката на фељтонот презентира и
некои помалку познати ликови и настани од минатото, со што ја дополнува сликата на она што се случува денес во Украина, за на крајот да го насочи фокусот кон Балканскиот Регион, кој не е поштеден од последиците на актуелниот конфликт на истокот од континентот
ВОЈНАТА ВО УКРАИНА КАКО ПРЕДУСЛОВ ЗА НОВ СВЕТСКИ ПОРЕДОК И РЕПЕРКУСИИТЕ ВРЗ ЗАПАДЕН БАЛКАН (4)
Русија во своите стратегиски определби го стави приматот на црноморскиот регион поради задржување на овој регион во руската евроазиска сфера на интерес и влијание за да ја одржи моќта на суперсила во натпреварот со Вашингтон, Лондон и Брисел. Кремљ дејствува во земјите од бившиот Советскиот Сојуз – Украина, Грузија и Молдавија, со кои имаше и има блиски безбедносни, политички, економски, културни и историски врски и кои меѓусебно се поврзани преку концептот на „руски народи“. Црно Море за Москва претставува моќна порта кон Западен Балкан, Медитеранот, Африка и Блискиот Исток, преку која го задржува статусот на светска сила покрај САД и Кина.
Во воено-стратегискиот фокус на руската воена модернизација, преку Државната програма за вооружување 2011-2020, беа Црноморската флота и Јужниот воен округ, што придонесе за поинтензивно мешање на Москва во војната во Украина и регионот пошироко. Без оглед на конечниот успех или неуспех на Русија во тековната војна, нејзините стратегиски цели во регионот на Црно Море ќе останат. Руската војска можеби ќе биде ослабена во регионот, а можеби нема, бидејќи Русија води сѐ поактивна и посилна надворешна политика, што само по себе подразбира продолжување на акциите против нациите од регионот и против интересите на НАТО и САД. Русија секогаш беше доживувана како закана за безбедноста на западноевропските земји, а од 1990-тите, со рушењето на Берлинскиот ѕид, и за источниот блок на земји.
На самитот во Мадрид во јуни 2022 година беа направени значајни чекори, при што беше обновен фокусот на регионот на Црно Море и проширувањето на силите за одговор на НАТО, при што Русија беше согледана како главна закана. Од новиот стратегиски концепт на НАТО, кој ќе важи до 2030 година, може да се разбере дека Русија и Западот можеби нема да се конфронтираат директно воено, но „ќе бидат во војна во која ќе бидат вклучени трети земји, како што се случи во случајот со Украина“.
Молдавија
И покрај тоа што Молдавија стекна независност од Советскиот Сојуз во 1991 година, со изборот на прозападниот претседател Маја Санду и влада на чело со Наталија Гаврилита во 2020 и 2021 година, оваа источноевропска земја остана во руската сфера на влијание, а вниманието на Москва е остро вперено кон неа. Ветувањата на директорот на безбедносната и разузнавачка служба на Молдавија дека ќе ја реформира тајната служба и дека ќе ја исчисти институцијата од продорот на руските тајни служби наидуваат на тешкотии, бидејќи земјата перманентно ја тресат скандали со оддавање државни тајни, извештаи од инсајдери што исто така работат и на сузбивање на прозападната влада, што е дополнителна потврда за сѐ уште силните врски на СИС со Москва. Војната во Украина ја забрза итноста од реформирањето на безбедносно-разузнавачката служба на Молдавија од заканите на КГБ уште повеќе поради тоа што Кремљ константно користи слични тактики за повторно воспоставување влијание и врз соседните земји што исто така беа дел од Советскиот Сојуз
Од 1992 година, во Молдавија се стационирани околу 1.600 руски сили во отцепениот регион Приднестровје, кој имаше тенденции да се отцепи и ги задржа блиските релации со Москва, а руската војска оттогаш е сѐ уште присутна. За Советот на Европа, Приднестровје е „област на замрзнат конфликт“. Претседателот на Приднестровје, Евгениј Шевчук, ја повика Молдавија да ја признае независноста на овој проруски регион, кој се отцепи во 1990 година и кој Русија финансиски го помага да ја изврши анексијата. Русија официјално не ја призна независноста на Приднестровје, но, сепак, отвори руски конзулат.
Во октомври годинава Соединетите Американски Држави спроведоа санкции за голем број руски и молдавски организации, бизнисмени и олигарси, за кои се смета дека ги координирале политичките немири во Молдавија, а кои биле инструирани и поддржани од Москва, додека пак и молдавската опозициска партија ги користела плановите на игра на руските разузнавачки служби.
Меѓународното признавање на Приднестровје е контроверзно, особено што спорниот источноевропски регион е во сендвич меѓу Молдавија и Украина. Загриженоста е уште поголема бидејќи и Приднестровје и Молдавија се директно западно од Украина и би можеле да бидат вовлечени во руската војна против Украина. Иако регионот Приднестровје прогласи независност во 1990 година, ниту една членка на Обединетите нации не го признава неговиот суверенитет, кој од страна на ОН се смета како дел од Молдавија. А, руското непризнавање на независноста на Приднестровје го еродира молдавскиот суверенитетот и ја позиционира Молдавија во замрзната зона меѓу Западот и Истокот, што на Русија ѝ овозможи континуитет во присуството на овие простори.
Зошто е интересна Молдавија во геополитичките игри меѓу Запад и Русија?
Русија ја смета Молдавија за своја историска сфера на влијание и е секогаш загрижена од странска пенетрација на воено, политички и културен план. За Москва, таканаречените „обоени, шарени, портокалови револуции“ што ги доведоа прозападните влади на власт во Грузија (2003) и Украина (2004) се „инструменти на Западот да ги дистанцира тие земји од Русија“. Обидите да се наметне романскиот јазик во почетокот на 1990-тите години во Молдавија создадоа жесток револт, особено кај етничките Руси – кои зборуваат руски. Со истата генерична мисла „заштита на етничките Руси“, Кремљ ги оправдува своите планови и интервенции во Грузија и Украина, со што ја блокира интеграцијата на земјите од бившиот источноевропски блок во западните структури. Русија на овие стратегиско значајни територии во овие држави создава „замрзнати зони“, кои сами не можат да опстанат, и со тоа го блокира приклучувањето на НАТО.
И пред и по осамостојувањето на Молдавија, во 1991-та, која има интересна геостратегиска позиција, економијата е тесно поврзана со Русија и рускиот пазар. Целиот гас што доаѓа во Молдавија е од Русија, додека земјоделските производи на Молдавија завршуваат во Русија, каде што илјадници Молдавци наоѓаат вработување. Истовремено земјата преку фондовите на Брисел добива пристап до европскиот пазар и претставува политичко-безбедносен и економски бајпас меѓу Истокот и Западот. Земјата е позиционирана меѓу сферите на интерес и на ЕУ и на Евроазиската економска унија (ЕЕУ), балансирајќи меѓу интересите на двете организации. Земјата е набљудувач-членка на ЕЕУ, а воедно и потписник- членка на Договорот за асоцијација со ЕУ.
Д-р Маја Мишковска
(продолжува)