Македонија во старите книги, патописи, карти, мапи, документи и весници (11)
Овче Поле, како една од најкарактеристичните пределни целини во Македонија, низ историјата претставувало многу повеќе од обичен земјоделски регион. Тоа е простор каде што географската положба директно ја детерминирала стратегиската важност, создавајќи густа мрежа на населби, тврдини и сообраќајни правци што ги поврзувале клучните балкански центри. Во овој преглед се фокусираме на значајни хроничари што прецизно ги документираат трагите на материјалната култура, од античките градишта и средновековните црквишта, па до старите патишта и друмови. Овие записи нудат детален увид во просторната организација на Овчеполието и ја потврдуваат неговата улога како витален крстопат на цивилизациите, каде што секој топоним и секоја височина кријат слоеви на заборавена историја.
Во Овчеполската Котлина има многубројни траги на старини. Тоа покажува дека областа во минатото на секое место со услови за живот имала понекоја населба. Во разните делови на Овчеполската Котлина има локалитети на кои се наоѓале утврдени населби. Дознав за 11 такви населби. Се наоѓале во атарите на овие денешни села: Кнежје, Трстеник, Долно Ѓуѓанце, Горно Ѓуѓанце, Мечкуевци, Богословец, Орел, Алакинци, Делисинци, Судик и Немањици. Некогашните овчеполски тврдини редовно лежеле на возвишенија составени од цврсти карпи. Тие возвишенија од повеќе страни имале добра природна заштита. При положбата на тврдините се внимавало тие да бидат во близина на важни патишта. Старите тврдини имале различни димензија. Повеќето биле релативно мали и служеле за помал број на посада. Само некои тврдини биле со релативно поголеми размери. Во значајните тврдини секако дека спаѓаат оние што се наоѓале во атарите на селата Трстеник, Богословец и Кнежје. Под овие тврдини постоеле и мали предградија. За тврдините во Овчеполската Котлина речиси со сигурност може да се каже дека настанале пред доаѓањето на Турците. Секако дека некои од нив се користени и од страна на Римјаните. Такви сигурно се тврдините во Делисинци и Долно Ѓуѓанце. Можно е и некои од тврдините да биле изградени во средниот век, од византиското и словенското население. Новите археолошки испитувања би можеле да ја определат нивната точна старост. Уништувањето на градиштата во Овче Поле траело со векови. Прво пропаѓаат под влијание на природните сили. Жителите на околните села ги уништувале градиштата, а материјалот го земале за свои потреби. Некои празноверни диви копачи исто така нанеле големи штети, како на пример во селото Кнежје. Единствена подобро зачувана тврдина е таа во атарот на селото Трстеник (Јован Трифуноски, 1964).
Во атарите на селата на Овчеполската Котлина има и доста црквишта. Како што дознав, такви остатоци има во селата Трстеник, Горно Ѓуѓанци, Макреш, Строиманци, Ѓуземелци, Горобинци, Сопот, Долно Ѓуѓанце, Ранченци, Арбасанци, Ќоселери, Богословец, Крушица и Немањици. Ретко каде се зачувани цели ѕидови од старите цркви. Повеќето од тие што биле со помали димензии, веќе се срамнети со земја. Вакви старини има во оние села каде што има повеќе траги од стари населби. Тие во Сопот потекнуваат од средниот век. Треба да се споменат и места со други старини. На одредени места во Овчеполската Котлина порано се наоѓале џамии и текиња. Постоеле и турбиња – турбе, гробница на важен човек од муслиманска вероисповед. Џамии и текиња има во оние села каде што живееле Турци. По една џамија постоела во Ерџелија, Мустафино, Горно Црнилиште, Аџибегово и во други села. Срушени текиња има во Милино, Каратманово и на некои други места. Интересна старина претставуваат и старите гробишта. Ретки се селата што немаат остатоци или сеќавања на гробишта што не му припаѓаат на сегашното население. Зачувани стари гробови видов во Макреш и Криви Дол, додека во многу други села надворешните обележја на гробиштата се затрупани, бидејќи во поново време земјата е преорана (Јован Трифуноски, 1964).
Овчеполската Котлина претставува посебна област во средишниот дел на Балканскиот Полуостров. Лежи во сливот на Светиниколска Река, десна притока на Брегалница. Околу Овчеполската Котлина се наоѓаат други соседни области: масивот Осогово на североисток, Кумановско–Прешевската Долина на север, Скопската Котлина на северозапад, Велешката Котлина на југозапад, долниот дел од сливот на Брегалница на југ, сливот на Злетовска Река и Кочанската Котлина на исток… Границите на Овчеполската Котлина се јасни. Од јужна страна е ограничена со Богословскиот гребен. На него се врвовите Иланџи (662 м), Богословец (756 м) и Лозјански рид (579 м). Овој гребен е пробиен со клисурата на Светиниколска Река кај селото Аџибегово. Источната граница главно е определена со делот меѓу Светиниколска и Злетовска Река. На север, најголемите височини се Асаница (875 м), Перша (702 м), Градиште (790 м) и Островица (666 м). На запад е пределот помеѓу Светиниколска Река и Вардар. Овчеполската Котлина, во границите наведени погоре, има околу 670 квадратни километри. По своето пространство, таа спаѓа во средно големите котлини на Македонија. Областа главно се протега од север кон југ. Долга е 32 километри. Ширината во одредени делови е нееднаква. Најголемата ширина е на линијата повлечена преку селото Врсаково на исток и Милино на запад – 26 километри. Најниско е околу течението на Светиниколска Река близу селото Делисинци (Јован Трифуноски, 1964).
Патиштата што минувале во древноста се во непосредна близина на денешните патни правци за Штип, Велес, Скопје, Куманово и Пробиштип. Делови од старите патишта се познаваат и денес, а топонимите во регионот ни даваат дополнителен увид во значењето на крстопатот што се наоѓал кај денешно Свети Николе. Во број на Гласникот на српското научно друштво, објавен во 1877 година, читаме обид за рекогностицирање на патните правци од старите римски мапи, во кој пишува дека „кај селото Килисали се наоѓа старата патна станица наречена Херкул“.
Во 1896 година Ѓорче Петров ја објавува книгата „Материјали по изучувањето на Македонија“, во која споделува запис за неговото поминување низ Овче Поле. Патиштата што се опишани во неговите записи се „друмот“ меѓу Велес и Скопје, кој минувал низ југозападната ридеста страна на Овчеполието, патот од Скопје за Кочани, кој водел преку Светиниколско и Злетовско, патот од Велес за Штип, кој ја сечел вдлабнатината во Овче Поле, и патот од Штип за Куманово, кој преку Светиниколско и Ѓуришкиот премин преминувал кон полето околу Куманово.
Според неколку автори, изградбата на железничката пруга покрај Вардар и нејзиното поврзување со Моравската пруга во последните децении од 19 век биле една од причините за намалување на сообраќајот низ Овчеполската Котлина, а со тоа и на обемот на стоките со кои се тргувало на пазарот во Свети Николе. Записите на Ефрем Каранов ја потврдуваат трасата „преку рид“, по која од Свети Николе се одело пеш „чак до Ќустендил“ – пат што се користел на крајот на 19 век, а бил користен и низ вековите во минатото.
Во „Географија и геологија…“ од 1906 година, Јован Цвијиќ пишува дека преку Овче Поле поминувале „велики пут“, „серески пут“ и „штипско-велешки пут“. „Серескиот“ пат водел преку Овче Поле кон Штип, а од таму кон Радовиш, Струмица, Петрич, Рупелската Клисура на Струма и понатаму кон Сер. Цвијиќ забележал дека и тогаш по овој пат низ Овче Поле поминувале карвани со мазги и коњи, кои биле натоварени со жито, ориз, волна, грозје, двоколки натоварени со овошје, товарни коњски коли натоварени со воденички камења од Лесново, крупна и ситна стока, но и дрво за градба.
Во книгата „Јужна стара Србија – Кумановска област“ од 1909 година, Јован Хаџи-Васиљевиќ запишал дека „штипскиот пат“ водел од Куманово преку Кумановска Река низ Овче Поле, а во тоа време старите паметеле дека порано по тој пат поминувале карвани со по 100-300 камили и 200-500 коњи.
Мане Чучков во 1936 објавил текст во кој пишува дека до седумдесеттите години на 19 век патот за Солун минувал преку Овче Поле. Трасата на овој пат низ Овче Поле се менувала низ вековите, но тој останал патот по кој карваните со жито оделе за Солун, а се враќале со сол и „други есапи“. Од Свети Николе патот продолжувал за Штип, Струмица, Рупелскиот Теснец кон Сер, а еден крак преку Дојран излегувал на Солун. И порано и тогаш овој пат се нарекувал Штипски или Серески пат. Од него кај Свети Николе се одвојувале краци за Скопје и Куманово, а еден помал пат одел до манастирот „Прохор Пчињски“, тоа бил Аџискиот пат по кој оделе аџиите.
Систематските записи на истражувачите од претходните векови ни предочуваат една фасцинантна слика за Овче Поле како динамичен регион со континуитет во населувањето. Анализата на патиштата, од римската станица „Херкул“ до големите карвански правци по кои се движеле стотици камили – ја нагласува економската моќ што овој простор ја поседувал пред појавата на железницата и современите миграциски движења. Сепак, овие текстови се истовремено и сериозно потсетување на неминовното пропаѓање на културното наследство. Уништувањето на тврдините, преорувањето на старите гробишта и исчезнувањето на материјалните остатоци под влијание на времето и човечкиот фактор ја наметнуваат потребата од итни и темелни археолошки истражувања. Реконструкцијата на минатото на Овче Поле не е само прашање на локална историја туку и суштински дел од разбирањето на поширокиот балкански културен и стратешки контекст.
м-р Никола Ристевски
Од книгите „За овчеполските работи“ и „Зборник за Свети Николе“ (продолжува)































