Цар Александар Македонски: приказна од Пеонија – трет дел
„Нова Македонија“ по повод датумот на раѓање на Александар Македонски, за кој се претпоставува дека бил меѓу 20 и 23 јули, објавува ексклузивен
фељтон на Никола Ристевски, кој како долгогодишен истражувач на македонските природни ресурси и културно наследство дава приказ за ликот и делото
на големиот македонски војсководец, неговата поврзаност со Македонија, како и за неговото светско наследство
Во преводите на старите записи за времето на Александар Македонски можат да се прочитаат прераскажани сведоштва од неговите генерали, во кои се објаснуваат средбите на македонската армија со различните племиња и народи што ги среќавале во Азија. Далеку во Индија, македонските војници сретнале и луѓе што се претставувале за потомци на војската од походите на Херакле и Дион. Тие не биле единствените што оставиле траги на крајот од светот. Според некои од историските записи, Александар Македонски имал неколку деца. Според приказните и легендите имал многу деца, затоа што речиси во секое кралство каде што ќе стигнел му барале потомство. Средбите со кралицата на прочуените жени воини од Амазон не биле само легенди туку вистинска приказна. Кралицата на Амазонките пропатувала долг пат за да го замоли царот на Македонската Империја да ѝ направи дете. И тоа не била единствената жена што за време на големиот поход побарала и добила потомство од најголемиот цар на сите времиња. Каликсена, Кампаспа, Клеопа, Барија, Барсина, Роксана…
Херакле е првиот син на Александар и Барсина. Наводно Роксана родила машко бебе што починало младо, а Александар Четврти е второто дете на Роксана и царот од Македон. И Херакле и Александар биле убиени. Некои од историчарите запишале дека е можно Александар да оставил потомство и со ќерката на Дариј, Статира. Во кинеските легенди и исламските приказни се споменува дури и дека царот на тогашна Кина му ја дал ќерка си на Александар. Јапонските легенди раскажуваат дека кога Александар се спуштил под вода, се оженил со ќерката на морскиот цар, со која имал три сина. И ден-денес, во многу земји што се наоѓаат на територијата на големата Македонска Империја, постојат родови што се претставуваат за потомци на Древните Македонци од времето на Филип и Александар.
Мистичните подвизи на Александар
Во легендите се зачувала приказната не само за покорувањето на земјата туку и на небото и морето од Александар Македонски. Кога посакал да лета, со другарите скротиле два огромни орли, кои го возеле царот по небото. Кога посакал да нурка, научниците му направиле стаклено буре. Одел во темните земји за да ја бара водата на животот. Стигнал и до фонтаната на младоста. Според некои, ги пронашол и смарагдните таблици на Хермес, Ермо. Легендите за водата на бесмртноста често се поврзани и со неговите сестри. Имал една сестра – Клеопатра и две полусестри – Тесалоника и Кинана. Сестрите на Александар подготвувале дел од неговата опрема за походот и често се поврзувани со легендите за потрагата и пронаоѓањето на водата на животот. Имал и уште една полусестра – Европа, и полубрат Каран.
Речиси два и пол милениуми по неговото време, сѐ уште одекнува неговото име, сѐ уште многумина учат од неговиот лик и дело, воената стратегија на Македонците се студира во најпрестижните универзитети во светот, а за Македонецот Александар се испишани можеби и најмногу листови хартија воопшто во светската историја. Цела Азија, цела Европа и половина Африка имаат зачувано приказни, преданија и легенди за Александар Македонски. Најчесто е претставен како праведен филозоф што тргнал на пат за да спознае чуда и чудеса, за да посети свети места и да сподели и добие древно знаење. Освен легендите за него во земјите што ги посетил, и литературата и книжевноста во изминатите два милениума зачувале повеќе од доволно записи за најголемиот цар на сите времиња. За Александар Македонски пишувале и Николо Макијавели, Исак Њутн, Марко Поло, голем дел од изумите на Леонардо да Винчи се инспирирани од воената опрема на македонската фаланга, а секоја европска држава има свои средновековни преводи на некои од книгите за Александар Македонски. Некои имаат и постари преводи, тие најчесто го нарекуваат Велики. Оние далеку на исток го зачувале споменот како филозоф, кому речиси секој владетел му организирал огромен пречек, па и го замолувале да им остави потомство заедно со македонските воини од прочуената фаланга.
Зачувувањето на споменот за Александар
Историјата е сторија на која несомнено нешто ѝ сторија. Историјата ја пишувале победниците, а победничките записи од времето на Александар се изменети во толкава мера, што со духовната победа на Македонската Империја денес се поврзуваат многу земји, а на Македонија ѝ е одземена можноста за споделување на цивилизацискиот спомен за најголемиот цар на сите времиња, Александар Македонски. Како и во времето на Александар, кога и Македонците ковеле заговори против него дури и во Македонија додека тој со фалангата бил на поход, така некако е и денес. Повеќе од 2.300 години од неговото живеење на светот, а илјада години биле како денот од вчера.
Зошто ли го запалил Персепол? Дали таму се практикувале ритуали што биле во спротивност со учењето на древната школа на светлината и постоеле записи што можеле да донесат несреќи во светот? Не можеме да знаеме… сепак знаеме дека го обновил гробот на Кир, ги прибрал жената и ќерките на Дариј и бил милостив кон многумина. Секако дека бил и суров и безмилостен, кога за тоа имало потреба. Дали навистина направил свадба за 10.000 брачни двојки? Доколку читаме повнимателно, ќе научиме дека свадбата била за околу 80 Македонци и нивните избранички, а тогаш официјално се одобриле сите бракови на војниците што за време на походот создале семејства и добиле пород и биле околу 10.000. Со нивните деца што им се родиле по пат, можеби и го достигнале бројот на експедицијата што тргнала на поход од Македонија. Дали владетелите во последниот милениум, тие кралски лози низ светот имаат нешто поврзано со Александар? Романтизмот при раскажувањето за Александар е неизбежен, но дали спомените за него во Македонија се романтичен спомен или, пак, вистини, не знаеме.
Македонскиот народ го опеал Александар во многу песни и преданија. Како што Македонците во 19 век што се повикувале на споменот на царот Македонски ги прогласија за романтичари, така слободно можеме да ја прогласиме за неуспешен обид за романса целата римска и грчка пропаганда за царот од Македонија, Александар. Од преродбенскиот, па до овој век, Македонците запишуваат и објавуваат свои истражувања, митови, приказни и легенди за Александар Македонски. И тоа не е затоа што биле победени, туку затоа што се победници и го зачувале споменот за својот цар. Цар што им оставил татковина што ниедно модерно кралство ниту држава не може да ја преземе, туку само да се обиде да ја преименува сосе народот што живее во неа и јазикот што го зборува. Македонскиот јазик на Македонците од Македонија и македонското писмо потекнуваат уште од пред времињата на царевите Филип и Александар. Романтизам е споменот за Рим и Хелада, а Македонија е вечниот спомен на човечката цивилизација за едно светско царство во кое сите ќе бидат еднакви под истото небо и едниот Бог. Царство основано на начела што биле разрушени од неподготвеноста на многу од народите, најмногу од Македонците, кои застраниле од духовниот пат на цар Александар и преминале во ниските сфери на материјализмот. Што знаеле Македонците во 19 век и какви преданија наследиле од средновековието? Дали античката приказна се зачувала на територијата на Македонија милениуми по времето на цар Александар? Народните песни, приказни и преданија што се зачувани во Македонија покажуваат дека споменот за Александар Македонски се зачувал повеќе од две илјади години и во неговата татковина.
Продолжува утре:
Александар Македонски во свеста на македонскиот народ – дали гробот му се наоѓа во Македонија?
Никола Ристевски
Авторот е долгогодишен истражувач на македонските природни ресурси и културно наследство