Да се живее во Скопје, да се има статусот на „скопјанец“, согледано од повеќе аспекти на македонската реалност, ги наметнува прашањата дали е тоа привилегија, предизвик или само патемна станица до некоја поперспективна дестинација. „Нова Македонија“ го објавува фељтонот „Скопје – утопија, визија, реалност“ на универзитетскиот професор, социологот Илија Ацески, кој преку свои студиски истражувања и анализи ги согледува корените на актуелните предизвици на македонската метропола, но и насочува на целите кон кои треба да се дејствува во плановите за негов развој
Фељтон: Скопје – утопија, визија, реалност (1)
Скопје во многу подрачја на неговата трансформација по падот на социјализмот ја дели „заедничката логика“, односно разликите што се присутни денес не се резултат на некоја отстапка од главните насоки за трансформација што се карактеристични за многу градови од Источна Европа, се разбира со препознатливи специфичности што не се присутни во другите градови со слична големина
Урбанизацијата во Македонија се карактеризира со засилен процес на концентрација на населението во поголемите градови и Скопје и со понатамошно продлабочување на разликите во степенот на развиеност и квалитет на животот, особено меѓу селското и градското население. Миграцијата на селското население е резултат на повеќе причини и главно последните десетина години е насочена кон иселување надвор од државата. Последиците од неконтролираниот прилив на селското население се согледуваат и во големата концентрација во главниот град на државата (и неколку поголеми градови) што создаде проблеми со вработувањето, предизвика недостиг од станови, изградба на инфраструктура и интеграција на мигрантите во општествениот систем.
Периодот на постсоцијализмот, деведесеттите години на минатиот век, од аспект на системски промени, подразбира транзиција од социјалистичко кон капиталистичко државно уредувaње и може да се разбере како „привремена етикета“ што треба да се користи сѐ додека системот „безбедно не влезе во состојба на некој познат тип општество“. Имено, процесот на премин од „социјалистички во капиталистички тип“ е изведен во многу краток период, што во многу домени добива форма на анархија и мерки што предизвикале социоекономски проблеми.
Од аспект на урбаните промени, овој период подразбира и деконструкција на социјалистичкиот град, творба што од денешна перспектива може да се разбере само во историска конотација, фаза во развојот на капиталистички град како крајна дестинација, што значи состојбата на градот можеме да ја разбереме како привремен феномен што се адаптирал на правилата и околностите на транзицијата. Се разбира, секој град ги доживува промените на различен начин, особено тоа се однесува на поголемите градови, и е случај сам по себе.
За жал, за постсоцијалистичката трансформација на Скопје има малку истражувања и мал интерес од истражувачите, особено за јавниот интерес на планирањето и користењето на просторот, процесите на поделбата на градот во однос на етничката припадност на населението и социоекономскиот статус, на острата поделба на елитни делови и сиромашни квартови, на запуштена периферија, која е главно бесправно изградена и елитен центар. Но она што се наметнува како неизбежно, кога говориме за постсоцијалистичката трансформација на градот, е содржано во следното: усвојување на принципите на пазарната економија, процес на економско реструктурирање, терцијализација на урбаната економија, либерализација и интернационализација на пазарот, како и реформи во станбената политика, која подразбира приватизација на станбениот фонд, редуцирање на социјалните фондови наменети за финансирање на станбената изградба и нејзино препуштање на пазарните услови и повлекување на државата од сите сфери на станбена изградба. Но и либерализацијата на пазарот на недвижности, појавата на приватни инвеститори како нови актери на процесот, флексибилната интерпретација на планската документација и недостигот од развојни стратегии се дел од главните фактори што го детерминираа развојот на Скопје по деведесеттите години на минатиот век.
Накратко, постсоцијалистичките форми на урбан развој биле директна последица на радикални и динамични промени на политичкиот и економскиот систем насочени кон брзо надминување на заостанатоста зад економските текови на западноевропските земји. Промените се нагли и хаотични, парцијални и несистематски, без доволна контрола на соодветните институции и без однапред утврдени цели и евалуација на ефектите. Скопје во многу подрачја на неговата трансформација по падот на социјализмот ја дели „заедничката логика“, односно разликите што се присутни денес не се резултат на некоја отстапка од главните насоки за трансформација што се карактеристични за многу градови од Источна Европа, се разбира со препознатливи специфичности што не се присутни во другите градови со слична големина.
Социоурбаниот пристап на истражувањето на социјалните односи во просторот и воопшто односите во градот од повеќе аспекти, граѓаните, нивните секојдневни потреби, начинот на користење на просторот, како се доживува тој, како поединецот се чувствува во него, претпоставува, но и нужно наметнува потреба од учество на јавноста во негово обликување. Кога говориме за граѓани, не мислиме дека станува збор за хомогена категорија, туку поединци, но и групи што се разликуваат во однос на демографските, културните, економските и други значајни карактеристики и кои живеат во различни делови од градот што се разликуваат во однос на опременоста на населбата, населби што се елитни и запуштени, кои се на периферијата или во централниот дел. Тоа што планерите ги доведува во ситуација да се придржуваат до некои правила и принципи што упатуваат на праведност, легитимност, на приоритет во активностите што треба да следуваат по донесувањето на планот, нешта што се подразбираат во идеите за одржлив, здрав и паметен град, каде што јавното добро е на прво место во реализација на целите на планот.
Илија Ацески
(Продолжува)