Пропаганда

  • „Свесното и интелигентно манипулирање со организираните навики и мислења на масите е важен елемент во демократското општество. Оние што го манипулираат невидливиот механизам на општеството се дел од невидлива влада, која е вистинската владејачка сила на нашата земја. Ние сме владеени, нашите умови се моделирани, вкусовите оформени, идеите предложени, најчесто од луѓе за кои никогаш не сме слушнале. Свесен сум дека зборот пропаганда кај многумина предизвикува непријатна конотација. Дали пропагандата е добра или лоша зависи од меритот на причината што ја предизвикала и од коректноста на објавената информација. Сам по себе, зборот пропаганда има одредени технички значења, кои како и повеќето нешта во светот „не се ниту добри ниту лоши, тоа е определено од начинот на нивната употреба“. Во стандардниот речник го пронајдов овој збор дефиниран на четири начини:
    Друштво на кардинали, набљудувачи на странски мисии; Колеџот за пропаганда, создаден од папата
    Урбан Осми во 1627 година за образование на мисионерите – свештеници, Света Конгрегација за
    пропагирање на верата;
    Секоја институција или шема што пропагира доктрина или систем;
    Напор системски насочен кон добивање јавна поддршка за мислење или насочување на планирано
    дејствување;
    Принципи што станале напредни преку пропаганда.
    – Едвард Бернејс

Фељтон на „Нова Македонија“ според текстови од книгата „Marketing and Propaganda – A brief history of: Marketing, Marketing thought, Advertising and Propaganda“, објавена на Амазон во 2023 година од Никола Ристевски, магистер по маркетинг-менаџмент, публицист и продуцент

Пропагандата е проучувана од историјата, новинарството, политичката наука, социологијата и психологијата, но и преку интердисциплинарни методи. Историјата на пропагандата претставува проучување на практиките на истата таа и случувањата како можни ефекти од пропагандата. Пропагандата е вид на комуникација, која се стреми да предизвика одговор што го продолжува посакуваната намера на пропагандистот. Елементи на информациска и убедлива комуникација можат да се вклучат во пропагандната комуникација, која сепак претставува одделен вид на пренесување пораки. Пропагандата може да го промени јавното мислење, а и промените во однесувањето можат да бидат повлијаени од пропагандата. За да се разбере поголем дел од нејзиниот историски обем, истата таа треба да се проучува преку мултидисциплинарен пристап.

Почетоци

Користењето на пропагандата е интегрален дел од човечката историја и може да се проследи до пред нашата ера за да се погледне филозофското и теоретското потекло. Ефективно користена од Александар Македонски, Римјаните и првите христијани, пропагандата станала неразделна од политичките конфликти. Појавата на пресата за печатење била искористена од Мартин Лутер за неговата борба против Католичката црква, која е прва што го искористила зборот пропаганда во широка употреба, а секој нов медиум на комуникација брзо бил усвојуван од пропагандистите, особено за време на Американската и Француската револуција, за време на Наполеон, но и векови подоцна.
Реторичкото минато на етиката на убедување може да се проследи уште од почетоците на проучувањето на реториката, чие дефинирање во древните времиња е премногу слично со денешната теорија на убедување. Векови пред нашата ера луѓето имале право јавно да говорат за да го искажат своето мнение во врска со политички и правни општествени одлуки. Затоа што тоа било одговорност, не било лесно да се научат техниките на реториката. Уметноста на говорењето била проучувана како цел високообразовен систем, дури и како начин на живот. На Платон не му се допаѓало тоа што постоело некакво верување дека реториката е вистинскиот одраз на колективното мислење, а дури пишувал и за ниската свест на тогашното јавно мнение. Тој верувал дека владеењето треба да биде извршувано од филозофи – кралеви, а не од групи на луѓе што не поседуваат мудрост ниту пак древно знаење. Во неговите текстови ја критикувал студијата на реториката поради тоа што таа ги упатувала луѓето во погрешен правец, што го влошувало општеството на повеќе нивоа. Без личен увид и мудрост, личноста што учела реторика може да стане само лоша верзија на она што денес го нарекуваме „пропагандист“. Преку Сократ, Платон упатил многу прашања за манипулациите на реторичарите. Оставил записи во кои тврди дека доколку некој треба да се занимава со реторика, мора да ги има научено правилата на древните принципи на филозофијата. Аристотел ни оставил многу дела за природата на идеите и човекот. Во неговиот труд што е поврзан со темата на овие страници – Реторика – го поставува концептот за кредибилноста како форма за доказ и вид на убедување. Други докази според Аристотел се емоционалната реакција и самиот говор со неговиот разум и логос. Во Етика ги опишува моралните и филозофските знаења што говорникот треба да ги поседува.
Првите обиди за систематско проучување на влијанието на начинот на говор и пренесување пораки врз јавното мнение се од времињата пред нашата ера. Освен примерите од нашата непосредна околина, користењето определени начини на говор за да се пренесе убедлива порака може да се забележи и во записите на Конфуциј, кој пишува дека користењето на добрата реторика, заедно со точно определени начини на говор и пишување, може да биде искористено за луѓето да се убедат да живеат исполнети животи полни со значење. Модерните научници го истражуваат и користењето на древните техники на Платон, Аристотел и Конфуциј во модерните политички системи од втората половина на 20 и почетокот на 21 век.
Историјата на пропагандата нема јасна линеарна прогресија, туку важни точки во минатото што можат да се искористат како „бенчмаркови“ за проучување на минатото на оваа уметност.

Неколку века пред времето на Александар Македонски се првите регистрирани обиди за употреба на техники од денешната пропаганда за убедување на тогашните народни маси. Воената историја и воената пропаганда покажуваат промени во пропагандата при промена на поредоците и начинот на управување со општеството, но и период кога војните биле водени „во име на бога“ до периоди во кои се војувало „во името на владетелот кој е бог на Земјата“. Дури и големите градби во Египет може да бидат категоризирани во пропагандни активности – кои одекнуваат низ вековите до ден-денес. Иако древните Шумер, Вавилон, Асирија, Египет и други цивилизации користеле техники на денешната пропаганда, истите тие најчесто биле без филозофски обем како тој на владетелите од нашите територии. Записите за Александар Македонски исто така се пропагандна активност. Тој бил еден од првите што ја проучувале колективната свест, а големата свадба на неговите војници со персиските девојки е добра пропаганда за големата македонска империја од пред нашата ера. Култот на Александар е пример за пропаганда што претставува ехо од времињата кога светот, барем за кратко, бил обединет под поредок што овозможувал еднаквост, мир и благосостојба на луѓето. Целата контрапропаганда за „војувањето“, „насилството“ и „лошиот Македонец“ е неуспешна поради филозофскиот аспект на сеќавањето на најголемиот цар на сите времиња, чие царство е вечно посакувана цел на општеството. Затоа и сите владетели и големи луѓе за човештвото по него се угледувале на неговиот лик и дело, кој се изучува од повеќе научни гранки и во 21 век како пример за приближување на човекот кон совршенството.
Анализата на пропагандата секогаш треба да ги вклучува историското истражување, проучувањето на пропагандните пораки и медиуми, чувствителноста на публиката и критичноста на целиот пропаганден процес. Сите што ќе го набљудуваат само краткорочното влијание на пропагандата нема да бидат во можност да го спознаат нејзиното дејствување, затоа што тоа секогаш е долгорочно. Пропагандата е намерно и систематско оформување на перцепциите, манипулирање на когнитивноста и однесувањето за да се предизвика одговор што е посакуван од намерата на пропагандистот.

М-р Никола Ристевски

(продолжува)