Фото: Игор Бансколиев

Да се живее во Скопје, да се има статусот на „скопјанец“, согледано од повеќе аспекти на македонската реалност, ги наметнува прашањата дали е тоа привилегија, предизвик или само патемна станица до некоја поперспективна дестинација. „Нова Македонија“ го објавува фељтонот „Скопје – утопија, визија, реалност“ на универзитетскиот професор, социологот Илија Ацески, кој преку свои студиски истражувања и анализи ги согледува корените на актуелните предизвици на македонската метропола, но и насочува на целите кон кои треба да се дејствува во плановите за негов развој

Фељтон: Скопје – утопија, визија, реалност (14)

Една од целите на ГУП е да го дефинира развојот на градот, пред сѐ во однос на регионот на кој му припаѓа и пошироко, во однос на соседните градови (Куманово, Велес и Тетово), а со тоа и градот во развојот на економијата и општеството во целина

Eден од најголемите приоритети на урбанистичкиот план е како да се намалат негативните ефекти од животот во градот, како резултат на карактерот на урбанизацијата и со мерките на урбаното планирање градот да се претвори во пристојно место за живеење.
Планот мора да понуди реални решенија, кои за еден разумен временски период ќе ги санираат последиците од неразумната урбанизација и развојот на градот ќе го врати на нормалниот колосек, за кој задоволувањето на основните потреби за најголемиот дел од градската популација ќе се најде на прво место.
Една од целите на ГУП е да го дефинира развојот на градот, пред сѐ во однос на регионот на кој му припаѓа и пошироко, во однос на соседните градови (Куманово, Велес и Тетово), а со тоа и градот во развојот на економијата и општеството во целина.
Тоа значи дека планирањето и свесното рационално дејствување на прво место ги става интересите и потребите на граѓаните и градот го третира како целина, што е особено видливо во: ефикасна организација на сообраќајот, заштита на животната средина, формирање свест за одржлив град, подигање на квалитетот на инфраструктурата и задоволување на потребите, особено во недоволно урбанизираните делови, смирување на процесот на етничка и социјална сегрегација, создавање претпоставки во урбанизмот и уредувањето на просторот за функционирање на мултиетничноста во градот, формирање на идентитетот на градот како целина и на одделни делови, особено на центарот на градот, ефикасна организација на елементите во просторот во функција на потребите на граѓаните.
Факт е дека квалитетот на животот не е само економски проблем, како што не е ниту социолошки или урбанистички, туку станува збор за повеќедимензионален феномен со: економски, социолошки, културни, етнички и демографски димензии и урбопланерски, барем со еден или неколку важни сегменти.

Квалитетот на живот во исто време е и причина и последица, и состојба и процес, сплет на околности што се провлекуваат од минатото, но и резултат на новите околности и веројатно уште долго време ќе претставува сериозен проблем за мнозинството во градот. Тоа се однесува особено на состојбите на запуштените (нехигиенски) населби, во кои е вгнездена најтешката форма на сиромаштија, која не е пожелно да се анализира само на микрониво или како жртва на глобалната политика во изградбата на градот. Квалитетот на животот треба да биде разгледуван на глобално ниво на развојот не само на градот туку и на општеството во целина. Тоа значи дека на пример не станува збор само за семејството или за поединците што можат лесно да се извлечат од кругот на сиромаштијата, ако им се обезбедат доволно храна и облека и колку-толку нормално живеалиште, односно неопходни претпоставки за живот, туку вработување и интегрирање во пошироката заедница. Решавањето на сиромаштијата претпоставува глобален зафат. Урбанистичкиот зафат е само еден сегмент што значи подобрување на условите во населбата и станбениот стандард и пристап до користење на јавните добра, без разлика дали се живее на периферијата или во центарот на градот, етничката, социјалната припадност, едноставно свест за рамноправност во пристапот на користењето на јавните добра и ефикасноста на институциите.

Урбаната сиромаштија, во однос на степенот на социјалната, станбената, културната загрозеност и исклученост од градската заедница, можеме да ја поделиме на три категории.
Во првата категорија се наоѓаат оние што живеат во населби и живеалишта за кои не постои можност за осетно подобрување на животот ако не се преземат радикални зафати во елиминирањето на нездравите услови за живот, главно поврзани со неадекватните супстандардни живеалишта. Делови од населбите се руинирани, и запуштени во секој поглед – урбанистички, просторно-физички, со крајно лоши станбени услови и импровизирани, често и без елементарна инфраструктурна опрема или неадекватно изведена и без населска инфраструктура, нормални улици и тротоари често загрозени од сообраќајот, што значи и еколошки загрозени.
Типичен пример за вакви населби претставуваат населбите од типот на Топаана (во центарот на Скопје, делови од Шуто Оризари и десетина други локалитети со низок стандард), за кои е заедничко тоа што за нив е неопходна брза интервенција за нивно санирање.

Одговорот на прашањето за тоа како да се решат проблемите на луѓето од овие населби, кои се длабоко заробени во кругот на сиромаштијата, не е лесен и едноставен. Нивната сиромаштија е тотална, пристапот кон нејзиното решавање претпоставува мерки на една сеопфатна политика, која длабоко навлегува во сите сфери на нивниот живот, како што е: обезбедување постојана работа, подобрување на станбените услови и интегрирање во социјалниот, културниот и политичкиот живот во пошироката заедница.
Тоа е долготраен и скап процес, кој претпоставува и многу волја и знаење од страна на државата и цивилното општество. Урбанистичкиот план мора да ги идентификува и вклопи во стратегијата за решавање на нивната состојба, пред сѐ преку нивна санација, ревитализација и целосно отстранување.

Илија Ацески
(продолжува)