Дали е можна заедничка воена структура во рамките на БРИКС? БРИКС стана најголемиот предизвик за Западот досега, дури поголем и од оној на СССР од времето на Студената војна, чија економска моќ на својот врв не беше ни блиску до онаа што ја има БРИКС сега. Како ќе му пристапи Западот – од позиција на конфронтација (која е крајно ризична според сите сметки) или со нудење „помирувачка рака“ подготвена да соработува според некои нови правила на игра – останува да видиме. За второто, за жал, не сум убеден, пишува Зоран Метер на „Геополитика њуз“
Се интензивира американската пресметка со Русија (на бојното поле, индиректно, преку Украина) и Кина (засега на политичко и економско ниво), во која Вашингтон сака на своја страна да привлече што повеќе земји надвор од обединетиот Запад. Имено, освен што без нив антируските санкции не му дозволуваат на Западот да ги постигне посакуваните ефекти од економска и политичка природа, тие сѐ повеќе ја комплицираат и состојбата на сопствената економија. Меѓутоа, она што е уште поважно и поопасно, на Западот („златна милијарда“) инаку му се заканува изолација од „глобалното мнозинство“ или на т.н. глобален југ, кој сѐ повеќе се свртува кон независност и промовирање на сопствените интереси и развојни модели, не сакајќи во иднина слепо да ги почитува инструкциите и директивите на богатите западни земји.
Затоа не е ни чудо што на Запад со невидено внимание беше проследен еден многу важен настан – 15-от самит на БРИКС (Бразил, Русија, Индија, Кина, Јужна Африка) во Јоханесбург, од 22 до 24 август. Слободно ќе го наречам геополитички настан на годината во светот (зошто, повеќе малку подоцна во текстот).
Имено, до не толку одамна имаше своевиден „завет на молчење“ за какви било активности на БРИКС на Запад. Поточно, БРИКС беше политички и медиумски игнориран, со оглед на тоа што се сметаше дека нема закана за западната доминација и интереси од овој формат, а освен тоа, не му даваа шанса ниту на долг рок.
Но тоа трае веќе 17 години, од 2006 година, кога за првпат беше формиран БРИК, а по влезот во ЈАР во 2011 година, стана БРИКС – глобален економски блок што вклучува пет земји со најбрз економски раст во светот, без никакви амбиции за мешање во меѓународни безбедносни спорови или создавање нов воен сојуз. БРИКС опфаќа 27 отсто од светската територија (40 милиони квадратни километри) и околу 42 отсто од светската популација (3,2 милијарди луѓе). За споредба, земјите од Г7 имаат само 800 милиони луѓе.
Омаловажувањето на БРИКС и живеењето во минатото би можело да му се врати на Западот
Споменатата практика на негација или омаловажување беше потврдена на првиот ден од самитот во Јоханесбург, кога советникот за национална безбедност на американскиот претседател Бајден, Џејк Саливан, им изјави на новинарите дека БРИКС се состои од три демократски земји, Индија, Бразил и Јужна Африка, и две авторитарни – Кина и Русија. Тој рече дека САД активно ќе соработуваат со првите три на билатерален план, ќе се обидат да развијат одредена економска соработка со Кина, а ќе продолжат да се борат со агресивната Русија докрај.
Овие зборови покажаа колку САД сè уште живеат во минатото, дека се однесуваат според античкиот римски метод „раздели, па владеј“, дека се „кратковиди“ и не ја гледаат длабочината на промените што го зафатија светот, што всушност е одраз на неподготвеноста за споделување на воспоставената доминација по Студената војна со кој било друг центар на моќ (поточно, за отфрлање на политиката на доминација).
И се чини дека овој центар се создава и дека е дизајниран веќе следниот ден по зборовите на Саливан, токму на самитот на БРИКС во Јоханесбург.
Апликации на нови членови – и кои!
Имено, таму се случи она во што дотогаш малкумина веруваа, веројатно ниту самите членки на БРИКС (барем не дека тоа ќе се случи на овој самит). Неговиот формат беше проширен, па уште шест земји (по азбучен ред) беа примени за членство во БРИКС: Аргентина, Египет, Етиопија, Иран, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ). Тие ќе станат полноправни членки на 1 јануари 2024 година и активно и рамноправно ќе учествуваат во работата на претстојниот самит на БРИКС, кој ќе се одржи во јуни 2024 година во Русија, во градот Казањ, каде што ќе биде домаќин Владимир Путин.
Проширениот формат ќе го задржи своето претходно име – БРИКС (за оние што не знаат, тоа е, случајно или не, множина на англискиот збор за тула или цигла, што е многу симболично со оглед на неговата клучна намера за изградба на нов мултиполарен свет).
Самото проширување и воведувањето критериуми за истото тоа, всушност го придвижува БРИКС од зоната на интересен формат на држави без заеднички правила, кон структурирана меѓународна организација со јасни правила на игра.
(Продолжува)