Македонското револуционерно движење од крајот на 19 и почетокот на 20 век и Илинденското востание како негов највисок дострел се вбројуваат меѓу најобработуваните теми во македонската и бугарската историографија, но и пошироко. Во многубројните трудови посветени на Илинденското востание се обработени разни аспекти, но тоа не значи дека темата е исцрпена или, пак, дека е даден конечен одговор на многу отворени прашања. Иако основните постулати којзнае по кој пат се преповторени и уште на толку начини различно интерпретирани, самиот факт што оваа тема предизвикува голем интерес доволно говори за нејзината актуелност, но и дека има уште многу за истражување, анализирање и толкување. Преку овој прилог кон оваа широка тема не претендираме кон нејзино сестрано разгледување или некаква ревизија на напишаното, ниту пак во панергична форма да ги воспеваме херојството и саможртвата, туку пред сè да се задржиме на некои аспекти како дошло до одлуката за Илинденското востание и на неговите крајни ефекти, но и да укажеме на некои наметнати стереотипи, кои се издигнати на ниво на парадигма и сѐ уште се провлекуваат како такви
ИЛИНДЕНСКОТО ВОСТАНИЕ (6)
Во согласност со определбите на мнозинството, конгресот уште на првото заседание пристапил кон носење практични одлуки за изведување на востанието. За таа цел бил избран Главен штаб (ГШ) за Вториот (Битолски) округ, кој требало да раководи со подготовките и со самото востание. Притоа во ГШ биле избрани: Дамјан Груев, Анастас Лозанчев и Борис Сарафов. За нивни заменици при евентуална несреќа биле избрани: Ѓорѓи Поп Христов, Петар Ацев и Лазар Поп Трајков. Покрај тоа, конгресот донел непротоколарно решение доколку пристигнат „нови сили“, во случајот се алудирало на Ѓорче Петров и Пере Тошев, тие по „автоматизам“ да влезат во ГШ.
Меѓутоа, Пере Тошев, кој дошол во округот по конгресот и кој извесно време се движел со членовите на ГШ, поради разидување со нив не ја прифатил укажаната можност. Додека Ѓ. Петров пристигнал кога востанието веќе било во дефанзива и воопшто не ни помислувал да прифати некаква одговорност. За успешно изведување на подготовките, но и на самото востание, конгресот го поделил Битолскиот округ на десет реони: Битолски, Лерински, Костурски, Преспански, Ресенски, Охридски, Кичевски, Демирхисарски, Крушевски и Прилепски. За секој реон биле избрани горски началства (локални штабови) во состав од тројца-петмина членови. Во нивниот состав влегле најопитните војводи и раководители од теренот и речиси сите делегати од конгресот.
За засилување на воените подготовки, конгресот назначил шестчлена група од инструктори, кои требало да организираат специјална обука на војводите по региони. Според решението на конгресот, востанието требало да има „партизански карактер“ со едновремено востанување на сите вооружени сили во округот, без приклучување на населението кон четите, освен ако последните имаат потреба од тоа. Покрај тоа, конгресот препорачал и начин на дејствување за четите: во таа смисла се препорачува: 1. прекинување на патните, телефонските и телеграфските врски и оневозможување на нивното обновување; 2. обезоружување на турското население, по можност; 3. напаѓање на државните институции; 4. по можност да се напаѓаат турските команди, независно дали се работи за редовна војска или башибозук; 5. одбрана на христијанското население и странските државјани; 6. се забранува напад врз мирното турско население и посегање по турски жени, деца и старци; 7. четите вообичаено да бидат распрснати по реони, при што може да се групираат по две-три чети за изведување покрупни акции, но веднаш потоа повторно да се распрснат и секогаш да имаат иницијатива; 8. секој војвода и чета се должни да ѝ притекнат на помош на друга чета, кога последната е во опасност; 9. курирската служба за време на востанието да биде на максимално ниво; 10. иницијативите во горната смисла се задолжителни за сите во време на востанието.
Покрај тоа, конгресот препорачал низа мерки за обезбедување елементарни материјални услови за потребите на востанието, како обезбедување и создавање резерви од храна, облека, медикаменти, определување лица за интендантски потреби и слично.
На последното заседание на конгресот бил прифатен Востаничкиот дисциплински устав, кој бил изработен од Борис Сарафов. Со него се регулирани правата, обврските и одговорноста на сите учесници во востанието, од најниско до највисоко ниво (од востаник, па до ГШ). Според него, ГШ е прогласен за врховно раководно тело на Вториот (Битолскиот) револуционерен округ. Покрај тоа што раководи во востанието, ГШ имал право на преговори со странци и со непријателот. За своите постапки ГШ бил одговорен пред конгресот. За определување на денот за почеток на востанието, конгресот го овластил ГШ.
Со формирањето на ГШ и конституирањето на горските началства, Организацијата во Битолскиот револуционерен округ од „мирновременска“ поминала во востаничка состојба. Оваа состојба била официјализирана со Окружното на ГШ од 14/27.05.1903 година, според ингеренциите од дотогашните раководни тела биле пренесени врз „подвижните реонски началници“ (горските началства). За одржување на врските помеѓу постојните комитети, горските началства и ГШ во градовите биле посебни помошни тела т.н. дежури, кои биле подредени на Централниот дежур во Битола. На чело на последниот стоел дотогашниот секретар на Битолскиот окружен комитет – Аце Дорев, додека неговиот брат Панчо Дорев, лично бил овластен од Д. Грев да одржува врски со странските дипломатски претставништва и кореспонденти.
Кон крајот на мај и почетокот на јуни, членовите на ГШ на двапати во присуство на Пере Тошев го отвориле прашањето за денот на објавување на востанието, но поради недовршените подготовки прашањето останало отворено. Набрзо потоа, поради разидување, П. Тошев заминал за Прилепско, не прифаќајќи го резервираното место во ГШ. На 1/14 јули Д. Груев и Б. Сарафов одлучиле востанието да започне на 20 јули/2 август 1903 година на верскиот празник Св. Илија. Третиот член од ГШ – А. Лозанчев, со оваа одлука бил запознаен по неколку дена и наполно се согласил со тоа. Со одлуката за денот на објавување на востанието бил запознаен Централниот дежур во Битола, кој од своја страна за тоа ги информирал ЦК во Солун и задграничното претставништво во Софија.
На 9/22 јули 1903, ГШ ги известил горските началства дека востанието ќе започне на Илинден. Овој датум, ЦК од Солун им го препорачал и на другите окрузи за да ги усогласат дејствата со Битолскиот округ. Истовремено е појаснето дека востанието не треба да започне спроти Илинден, туку вечерта на Илинден. Притоа е испратена и скратена варијанта од општиот план за востанието, во која е нагласено дека ќе се води „партизанска борба“, проследена со „терористички акции“, без да се вовлекува населението во борбите. Во планот покрај другото се вели: „Целта на Востанието, не е да ја победиме Турција, туку да не дадеме можност, таа да нè победи“.
Оттука, востанието требало да биде долготрајно, макар и послабо, отколку силно, но краткотрајно. На тој начин на Османлиската Империја ѝ се одземала можноста да изјави пред Европа,редот е воспоставен, а со продолжување на борбите до зимата, македонското прашање подолго би останало отворено пред европската дипломатија. Притоа во документот е нагласено дека актуелната состојба во Македонија, во Европа се сметала за востаничка, иако востанието сè уште не било објавено.
На 12/25 јули 1903, ГШ испратил предупредување до дирекцијата на Источните железници со кое укажал дека за време на востанието ќе бидат преземени терористички акции и од неа побарал да ги предупреди патниците да не ја користат железницата за да се избегнат невини жртви. Се разбира во документот од безбедносни причини не е посочен датумот на објавување на востанието. Овој документ, кој од една страна има хумана димензија, повеќе има пропаганден карактер, бидејќи преку него ГШ не само што ја афирмирал македонската борба туку и самиот се етаблирал како највисок раководен орган на востанието во Битолскиот округ. На 15/28 јули 1903 година, ГШ до горските началства го упатил повикот за објавување на востанието, а во него повторно е посочен датумот.
Еден примерок од овој повик паднал во рацете на османлиски власти кај с. Леништа (Битолско). Според тоа, тврдењата во мемоарската литература и во историографските трудови дека денот за објавување на востанието останал непознат за османлиските власти, воопшто не стои.
Автор: проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев
(Продолжува)