Новата книга со наслов „Нов договор за економски развој“, чии автори се Бранко Азески и Дарко Лазаров, неодамна беше публикувана и јавно промовирана од страна на Стопанската комора на Македонија како најстара и најголема бизнис-асоцијација. Книгата е поделена во два дела. Во рамките на првиот дел се систематизирани сите предлози и барања што Комората ги има иницирано во изминатиот период од 2006 до 2023 година во насока на подобрување на деловните и бизнис-услови во државата, со цел развој на приватниот сектор. Вториот дел од книгата се однесува на новиот концепт за економски развој што го нуди Комората, концепт што се заснова на јасни чекори и политики што треба да овозможат значително забрзување на развојната динамика на македонската економија во наредните десетина години
Новата книга со наслов „Нов договор за економски развој“, чии автори се Бранко Азески и Дарко Лазаров, неодамна беше публикувана и јавно промовирана од страна на Стопанската комора на Македонија како најстара и најголема бизнис-асоцијација.
Книгата е поделена во два дела. Во рамките на првиот дел се систематизирани сите предлози и барања што Комората ги има иницирано во изминатиот период од 2006 до 2023 година во насока на подобрување на деловните и бизнис-услови во државата, со цел развој на приватниот сектор.
Дел од тие иницијативи, барања и предлози бил целосно реализиран, дел бил делумно реализиран, но, за жал, значаен дел од нив не бил реализиран, што секако е причина за побавниот развој на македонската економија. Во таа насока, авторите се обидуваат да одговорат на прашањето што ќе се случеше денес ако сите тие иницијативи, барања и предлози беа целосно прифатени и реализирани. Се разбира дека македонската економија ќе беше поконкурентна и ќе бележеше повисоки стапки на економски раст затоа што сите тие иницијативи и предлози се резултат на консултации со претставниците на приватниот сектор, кои секојдневно се соочуваат со реални предизвици во бизнисот, но истовремено се резултат на претходни стручни анализи, научно фундирани истражувања, успешни примери и практики во други земји, дискусии со надворешни експерти и со други чинители.
Вториот дел од книгата се однесува на новиот концепт за економски развој што го нуди Комората, концепт што се заснова на јасни чекори и политики што треба да овозможат значително забрзување на развојната динамика на македонската економија во наредните десетина години.
Овој нов концепт нуди конкретни решенија како да излеземе од маѓепсаниот круг на низок економски раст и нуди конкретна рамка со јасно дефинирани приоритети што треба да го исцртаат патот кон поконкурентна економија, која ќе има капацитет да испорача повисоки стапки на економски раст во следниот период.
Тие приоритети се базирани во пет столба:
1) ЗАОКРУЖУВАЊЕ НА ТЕМЕЛНИТЕ ПРИНЦИПИ НА ПАЗАРНАТА ЕКОНОМИЈА И ЈАКНЕЊЕ НА ИНСТИТУЦИОНАЛНИТЕ КАПАЦИТЕТИ НА ДРЖАВАТА,
2) ИНВЕСТИЦИИ ВО ИНОВАЦИИ И ЧОВЕЧКИ КАПИТАЛ,
3) РАЗВИЕНА И ФУНКЦИОНАЛНА ПАТНА, ЖЕЛЕЗНИЧКА И ЕНЕРГЕТСКАИНФРАСТРУКТУРА,
4) МОДЕРНА ИНДУСТРИЈА И КОНКУРЕНТЕН ИЗВОЗЕН СЕКТОР, и 5) ЕУ-ИНТЕГРАЦИИ И РЕГИОНАЛНА СОРАБОТКА.
За остварување на сите овие приоритети е потребен широк општествен консензус на сите чинители во државата, тргнувајќи од политичките партии, бизнис-секторот, академската заедница и граѓанскиот сектор.
Стопанската комора на Македонија преку Декларацијата за економски реформи, политики и мерки што ја донесе на 14.7.2022 година повика на постигнување еден таков општествен консензус каде што економијата ќе биде клучен приоритет во наредниот период. Декларација беше широко прифатена од сите чинители во државата, тргнувајќи од МАНУ, најголем дел од државните и од приватните универзитети, повеќе од 350 големи, средни и мали компании, бизнис-асоцијации, невладини организации, политички партии и други чинители. Тоа, секако, е потврда за институционалниот капацитет на Комората да биде кохезивен фактор во обединување на сите чинители во однос на идниот развој на државата.
ЗАОКРУЖУВАЊЕ НА ТЕМЕЛНИТЕ ПРИНЦИПИ НА ПАЗАРНАТА ЕКОНОМИЈА И ЈАКНЕЊЕ НА ИНСТИТУЦИОНАЛНИТЕ КАПАЦИТЕТИ НА ДРЖАВАТА
Успехот на секоја модерна економија се заснова на почитувањето на темелните пазарни принципи. Ние како посттранзициска земја што помина низ еден процес на трансформација на економскиот систем, за жал, сѐ уште, по повеќе од три декади, не успеваме да изградиме целосно функционална пазарна економија ниту силни институции што ќе почиваат на темелните принципи на пазарната економија како најдобар економски систем што се практикува во сите развиени западни економии.
Ова е основата од која треба да тргнеме и да работиме натаму ако сакаме да исправиме некои системски дефекти и слабости со кои се соочуваме како земја, а кои сериозно ги нарушуваат нашите развојни перспективи.
Она што е исклучително важно за бизнис-секторот и за градењето конкурентна економија е системот на фер конкуренција, според кој влијанието и интервенциите на државата ќе бидат целосно маргинализирани, т.е. пазарот ќе ја има главната улога.
Истовремено, државата треба да обезбеди еднаков пристап и можности за секого, со тоа што ќе работи на борбата со сивата економија, како еден од најголемите непријатели на бизнис-секторот, и на борбата со корупцијата на сите нивоа, преку целосно владеење на правото и на правниот систем.
Само преку независен судски систем и преку неселективно владеење на правото може да се врати довербата во институциите и да се подобри бизнис-климата како основа за зголемување на инвестициската активност на компаниите. Дополнително, државата треба да обезбеди предвидливо деловно опкружување преку градење партнерски однос со бизнис-секторот, при што процесот на носење на законите поврзани со работењето на компаниите ќе се води преку вистинска и суштинска дебата во интерес на целата економија, а сите измени ќе бидат претходно усогласени и со една предвидлива динамика, која претходно ќе биде заеднички дефинирана и утврдена.
За бизнисот не е помалку важна и професионализацијата на јавната администрација, која ќе биде вистински сервис за бизнисот и која ќе има капацитет да испорача брзи и ефикасни јавни услуги што ќе бидат во функција на развојот на бизнисот. Ова особено може да се постигне преку дигитализација на јавните услуги и преку поедноставување на институционалните процедури, но и преку намалување на административните бариери и на парафискалните давачки, кои значително го кочат бизнисот и ги зголемуваат трошоците во работењето.
Како клучни барања до идната влада во делот на јакнењето на институционалните капацитети на државата се:
1) ЈАКНЕЊЕ НА ПРАВОСУДНИОТ СИСТЕМ со цел владеење на правото и почитување на законите.
2) ОБЕЗБЕДУВАЊЕ СТАБИЛЕН И ПРЕДВИДЛИВ ДЕЛОВЕН АМБИЕНТ, кој подразбира задолжителна консултација на бизнисот при носењето на законите што се поврзани со работењето на приватниот сектор, воведување даночен календар, кој ќе значи навремено и транспарентно информирање на бизнисот за секоја намера за промена на одредени даночни стапки и намалување на парафискалните давачки.
3) ЈАКНЕЊЕ НА НЕЗАВИСНОСТА НА РЕГУЛАТОРНИТЕ ТЕЛА, што ќе овозможи поголема сигурност и неселективност спрема бизнис-секторот и поголема доверба во институциите.
4) БОРБА СО СИВАТА ЕКОНОМИЈА И СО КОРУПЦИЈАТА НА СИТЕ НИВОА, што ќе овозможи фер конкуренција, поголема доверба во системот и поголем износ на средства во буџетот на државата.
5) ПРОФЕСИОНАЛИЗАЦИЈА НА ЈАВНАТА АДМИНИСТРАЦИЈА и ДИГИТАЛИЗАЦИЈА НА ЈАВНИОТ СЕКТОР, со цел испорачување брзи и квалитетни јавни услуги за бизнисот, поедноставување на институционалните процедури и намалување на административните бариери.
Поголем дел од овие барања Комората има адресирано и соодветно артикулирано до надлежните институции и до Владата уште во 2007 година. Истовремено, во сите овие години тие барања биле соодветно канализирани преку јавни дискусии, меѓусебни консултации со носителите на власт, преку конкретни иницијативи, барања и преку предлози, кои најчесто биле декларативно прифатени, но, за жал, многу малку од нив биле реализирани во реалноста.
Но, тргнувајќи од фактот дека како земја повеќе немаме време за чекање и дека трпението на бизнис-секторот е целосно изгубено, од идната влада бараме јасни гаранции дека конечно овие наши барања ќе бидат реализирани во интерес на националната економија и на идниот економски напредок на земјата.
Проф. д-р Дарко Лазаров. Раководител на катедра Економија, Економски факултет – Штип
(Продолжува)