Новата книга со наслов „Нов договор за економски развој“, чии автори се Бранко Азески и Дарко Лазаров, неодамна беше публикувана и јавно промовирана од страна на Стопанската комора на Македонија како најстара и најголема бизнис-асоцијација. Книгата е поделена во два дела. Во рамките на првиот дел се систематизирани сите предлози и барања што Комората ги има иницирано во изминатиот период од 2006 до 2023 година во насока на подобрување на деловните и бизнис-услови во државата за развој на приватниот сектор. Вториот дел од книгата се однесува на новиот концепт за економски развој што го нуди Комората, концепт што се заснова на јасни чекори и политики што треба да овозможат значително забрзување на развојната динамика на македонската економија во наредните десетина години

Нов договор за економски развој! (3)

Република Македонија, како мала и отворена економија, може да расте и одржливо да се развива само преку извозот. Оваа констатација е научно и теоретски докажана на светско ниво, а истовремено потврдена и за македонската економија преку анализите и истражувањата што ги има спроведено Комората во изминатиот период. Оттука, сметаме дека не треба повеќе да дискутираме за ова прашање и дека треба да го прифатиме како непобитен факт. Поради тоа, целата наша енергија како земја треба да ја насочиме кон градење модерна и технолошки напредна индустрија и конкурентен извозен сектор базиран на производи и на услуги со поголема домашна додадена вредност.
Стопанската комора на С. Македонија во изминатиот период го постави прашањето за индустријата и за извозот како врвен приоритет и со конкретни активности почна да работи на реализација на овој приоритет.
Имено, Комората го формира Националниот совет за извоз како главен механизам на јавно-приватниот дијалог, преку кој се третираат сите прашања поврзани со поддршка и со промоција на извозот. Во Советот членуваат претставници на Владата, на владини институции и тела и на органи на државната управа што имаат надлежности и кои вршат активности поврзани со извозот, како и претставници на различни извозно ориентирани сектори/компании.
Во рамките на Комората функционираат и специјализирани тела за поддршка на извозните компании, како што се Клубот на извозници и Советот на странски инвестиции.
Истовремено Комората го етаблира и Институтот за извоз, кој треба да испорача едукативни програми за јакнење на кадровските капацитети на извозно ориентираните компании и за аналитичка поддршка на извозните компании во нивните напори за зголемување на извозните активности на постојните пазари и за освојување нови извозни пазари.
Сето ова ја илустрира посветеноста на Комората на прашањето за извозот, како и нашата подготвеност и институционалните капацитети да се вклучиме заедно со идната влада во градењето посилна економија базирана на конкурентен извозен сектор, која ќе има капацитет да испорача повисоки стапки на економски раст.

Наши предлози и барања до идната влада во делот на градење модерна индустрија и конкурентен извозен сектор се:
1. НАДГРАДУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА НА ИНВЕСТИЦИИТЕ, за обезбедување значително поголема поддршка за производствените и за извозните компании во нивните инвестиции за набавка на нови машини, опрема, технологии и производствени линии. За таа цел предлагаме промена во процентот и механизмот за поддршка на инвестиции во форма на нови технологии, машини, опрема и производствени процеси на компаниите од преработувачката индустрија.
2. СПОЈУВАЊЕ НА АСИПИ СО ДТИРЗ ВО АГЕНЦИЈА ЗА СТРАНСКИ ИНВЕСТИЦИИ, која ќе работи на привлекување странски инвестиции во согласност со нова методологија и со нов пристап базиран на поголема поврзаност на идните странски инвестиции со домашната економија.
3. ФОРМИРАЊЕ НАЦИОНАЛНА АГЕНЦИЈА ЗА ПРОМОЦИЈА НА ИЗВОЗОТ во форма на јавно-приватно партнерство, која ќе биде целосно посветена на домашните извозни компании во делот на нивната поголема промоција на странските пазари, преку настапи на меѓународни саеми и манифестации, маркетинг-активности за промоција на македонските производи, обезбедување институционална поддршка за олеснување на трговските бариери, како и преку обезбедување стручна, техничка и логистичка поддршка во нивните напори за зголемување на извозната активност на постојните пазари и за освојување нови пазари.
4. ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ПОДДРШКАТА НА ИЗВОЗНИТЕ КОМПАНИИ ПРЕКУ РАЗВОЈНАТА БАНКА НА РСМ И ЦЕЛОСНО УСОГЛАСУВАЊЕ НА ЦАРИНСКИОТ СИСТЕМ за поголема конкурентност на извозниот сектор.
5. ТУРИЗМОТ ДА СЕ ТРЕТИРА КАКО ЗНАЧАЈНА ИЗВОЗНА ГРАНКА и да добие сериозен третман и поддршка од надлежните институции. За таа цел предлагаме да се формира национален совет за туризам во рамките на Кабинетот на идниот премиер, кој ќе работи на градење подобри туристички услуги во земјата, за зголемување на конкурентноста на земјата како туристичка дестинација за странски туристи и посетители.

ЕУ-ИНТЕГРАЦИИ И РЕГИОНАЛНА СОРАБОТКА

Сите погоре дефинирани приоритетни области се на некој начин поврзани со процесите за ЕУ-интеграции на земјата и со интензивирањето на регионалната соработка во рамките на Западен Балкан.
Оттука, нашите барање кон идната влада се да го продолжиме патот кон ЕУ-интеграциите за спроведување на сите реформи потребни за целосно интегрирање на земјата во единствениот ЕУ-пазар. Тоа е од огромно значење за нашите компании и можност за дополнително продлабочување на економската, инвестициската и на трговската соработка со земјите од ЕУ.
Паралелно, нашите барања се да продолжиме со продлабочување на соработката со земјите од регионот. За нас регионалната соработка е важна од аспект на инфраструктурното поврзување, олеснувањето на протокот на стоки, услуги, луѓе и на капитал, реализацијата на заеднички проекти во делот на енергетиката и на гасификацијата, како и на интензивирањето на трговската и на бизнис-соработката со земјите од Западен Балкан.
Стопанската комора на С. Македонија активно придонесува во овие процеси преку нашите активности и ангажмани во рамките на Коморскиот инвестициски форум (КИФ) и на Асоцијацијата на балкански комори (АБК) како институции што го обединуваат и го здружуваат бизнисот во рамките на регионот. Истовремено, во целиот изминат период сите наши капацитети и ресурси целосно ѝ ги ставивме на располагање на државата во процесот на ЕУ-интеграции, со што јасно ја покажуваме нашата определба како бизнис-заедница дека нашето место е на единствениот ЕУ-пазар.
Имено, формиравме и Совет за ЕУ-интеграции, со цел како бизнис-заедница, со сите наши капацитети, искуства, знаења и контакти, да придонесеме во процесот на преговори на земјата за целосно интегрирање кон единствениот ЕУ-пазар. Дополнително, поведовме неколку регионални иницијативи, како што е иницијативата за формирање регионален хаб за циркуларна и зелена економија, кој треба да им обезбеди институционална, експертска и техничка поддршка на нашите компании во исполнувањето на ЕУ-регулативите поврзано со зелената транзиција и со заштитата на животната средина.
Во моментот работиме на формирање регионален центар за промоција на трговијата, преку кој ќе се обидеме да обезбедиме поддршка за нашите извозно ориентирани компании во нивните напори за зголемување на извозната активност на постојните пазари, за освојување нови пазари и за интегрирање кон глобалните синџири на снабдување. Особено ќе работиме на поврзување на нашите компании во регионот, за започнување заеднички извоз на трети пазари.
Наши предлози и барања до идната влада во делот на ЕУ-интеграциите и на интензивирањето на регионалната соработка се:
1) ИНТЕНЗИВИРАЊЕ НА ПРОЦЕСОТ НА ПРЕГОВОРИ ЗА ЗАЧЛЕНУВАЊЕ НА ЗЕМЈАТА ВО ЕУ преку зајакнување на преговарачките тимови на државата и преку вклучување на бизнис-заедницата во тој процес. Ова особено се однесува на делот за исполнување на барањата и на обврските спрема ЕУ што се однесуваат на владеењето на правото и на правната држава, како и во делот за приспособување на нашето законодавство со ЕУ-законодавството што се однесува на економијата и на бизнис-опкружувањето.
2) ЈАКНЕЊЕ НА ИНСТИТУЦИОНАЛНИТЕ КАПАЦИТЕТИ со цел поголемо искористување на можностите и на фондовите што ги нуди ЕУ, како основа за подобрување на конкурентноста на македонската економија. Ова особено се однесува на делот за искористување на можностите што произлегуваат од новиот план за раст на ЕУ преку регионот на Западен Балкан, со цел забрзување на процесот на зелена транзиција и воведување зелени индустриски практики, како и во делот за искористување на ИПА-фондовите и на структурните ЕУ-фондови за јакнење на конкурентските предности на македонските компании.
3) ИНТЕНЗИВИРАЊЕ НА РЕГИОНАЛНАТА СОРАБОТКА СО ЗЕМЈИТЕ ОД ЗАПАДЕН БАЛКАН со цел поголема инфраструктурна поврзаност, олеснување на протокот на стоки, услуги, луѓе и на капитал, реализација на заеднички проекти во делот на енергетиката и на гасификацијата, како и интензивирање на трговската и на бизнис-соработката на сите нивоа.
4) ПРОШИРУВАЊЕ НА ДОГОВОРИТЕ ЗА СЛОБОДНА ТРГОВИЈА со цел нашите извозно ориентирани компании да можат да ги зголемат и да ги прошират своите извозни активности на нови пазари.
5) АКТИВНА ДИПЛОМАТСКА КАМПАЊА со цел лобирање и искористување на нашите пријателски односи со дел од земјите од ЕУ, во насока на забрзување на процесот на ЕУ-интеграции на земјата и на искористување на можностите што ги нуди заедничкиот ЕУ-пазар.

Проф. д-р Дарко Лазаров, раководител на катедрата Економија, Економски факултет – Штип

(Крај)