Македонската револуционерна борба од крајот на 19 и почетокот на 20 век и Илинденското востание земаат значајно место во колективното сеќавање на македонскиот народ и во неговата револуционерна традиција во борбата за создавање македонска држава. Најдобра потврда за тоа, но и на континуитетот на борбата за македонска држава, претставува фактот што Првото заседание на АСНОМ, на кое била конституирана македонската држава (на дел од територијата на османлиска Македонија, а во рамките на ФНР Југославија), се одржало токму на 2 август – денот кога започнало Илинденското востание. Не случајно во македонската химна се споменуваат дури четири имиња (Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев и Јане Сандански), кои претставуваат своевидни симболи на Организацијата што ја повела македонската борба за сопствена држава. Од 2007 година, 23 Октомври – Денот на основањето на Македонската револуционерна организација е прогласен за државен празник

Фељтон по повод 120 години од Илинденското востание (4)

Според изнесеново, декларираниот принцип за автономија на Македонија, односно полна политичка автономија, се сфаќал како етапа кон создавање автономна, слободна, независна, македонска држава и/или како самостоен државотворен и рамноправен субјект во една поширока балканска федерација или конфедерација. Погледнато низ овој дискурс, таквото поимање на политичката автономија не може да се констатира за Одринско, кое претставува дел од организациската територија. Поради своите определби, протагонистите на Организацијата од проегзархиските средини, а потоа и од другите што решавањето на македонското прашање го гледале низ бугарска национална призма, биле етикетирани како „сепаратисти“ што шират „македонштина“.
Всушност, термините „македонизам“, „македонисти“, „сепаратизам“ и „сепаратисти“ не се нови. Оваа терминологија е креирана од бугарските национални дејци кон крајот на шеесеттите години на 19 век за етикетирање на македонските дејци што се залагале за македонска самобитност (културна и политичка) и тој континуирано се користи. И, доколку термините македонизам, македонисти и македонштина ја имаат својата смисла, тогаш терминот сепаратизам е несоодветен, особено не за една револуционерна организација, која во случајот може да биде сепаратистичка само во однос на Османлиската Империја, но никако и кон Бугарија. Како и да е, водачите на Организацијата го прифатиле терминот сепаратизам како свое обележје за да ја подвлечат својата автохтоност, но и различност во погледите за македонското прашање, и тоа не само со бугарските туку и со погледите на другите соседи.
Во таа смисла, Даме Груев во февруари 1894 година пишува: „Пред сè, сепаратистичкиот стремеж не треба да го сметаме за утопија… Тој го наоѓа излезот само во заземањето на едно друго поведение од страна на Македонците спрема соседите“. Ако термините сепаратизам и сепаратисти ги практикувале современиците за означување активисти и активности во врска со самобитноста на Македонија (политичка или национална), користењето на споменативе термини во историографијата надвор од својот контекст е неоправдано не само методолошки туку и од суштински аспект.

Првичниот термин „сепаратизам“, кој подразбира разни културно-просветни и политички дејства во контекст на самобитноста на Македонија, во 1902 година една самопрогласена „политичка доктрина“ во весникот „Право“ на опозицискиот ВМОК на Х. Станишев се обидува да го детерминира на ниво на „политички сепаратизам“. Во предметната статијата се вели дека сепаратизмот претставува стремеж за одделување на еден дел од некое цело, при што делот е Македонија, а целото може да биде идејата и за велика Бугарија, и за велика Србија и за велика Грција, но според натамошниот текст тоа се сведува на санстефанска Бугарија. Авторот, оградувајќи се од секакви приговори „за некаков национален сепаратизам“, заземајќи став дека поголемиот дел од македонското население „било, е и ќе биде бугарско“, експлоатацијата на идејата за автономија на Македонија во кнежеството Бугарија и фактот дека Македонија е јаболко на раздорот меѓу соседните балкански земји, во „доктрината“ како контратеза на санстефанска Бугарија претпочита Македонија да се оформи како „една автономна област“ во рамките на балканска федерација. Така, преку доктрината на политички сепаратизам „бугарското племе ќе се зачува цело, неподелено и сврзано со својата духовна култура, макар и политички поделено“.
Предметнава „доктрина“ е без основа, зашто, ако целта на Организацијата е „политичкиот сепаратизам“, тогаш тоа е во однос на Османлиската Империја, а не кон претпоставена „велика Бугарија“. Весникот во кој е пласирана оваа „доктрина“ е орган на ВМОК на Х. Станишев, кој е опозициски настроен кон ВМОК на Михајловски-Цончев. Со оглед на тоа што двата комитета официјално се декларираат за автономија на Македонија, „доктрината“ за „политичкиот сепаратизам“, всушност, треба да се восприми како став на комитетот на Станишев наспроти Михајловски-Цончев, кој, пак, како што видовме, е за анексија на Македонија од Бугарија. Од друга страна, факт е дека преку „Право“ се застапувани и ставовите на ТМОРО, меѓутоа, во таквите текстови секогаш изречно се зборува од името на Внатрешната организација, но во случајов таа воопшто не се споменува.
Покрај тоа, во „доктрината“ се зборува за Македонија како „автономна област“ во рамките на една балканска федерација, што е различно од поимањето на автономијата на Македонија како автономна, самостојна, независна држава, која би можела да влезе во поширока балканска федерација како државотворен и рамноправен субјект. Едно е да се биде автономна област во некоја федерација, а сосема друго да се биде рамноправен државотворен субјект во неа. Оттука, споменатата „политичка доктрина“, всушност, е став на ВМОК на Х. Станишев или, подобро кажано, на уредникот на „Право“ – Тома Карајовов. Поширокиот осврт врз оваа „политичка доктрина“ беше нужен од причини што во наши дни врз основа на оваа „доктрина“ се протежира истата теза, но под нова терминологија, што значи – стара песна на нов глас. Овој пат таа е препакувана под синтагмата „политички македонизам“.

Според авторот, „суштината на политичкиот македонизам“ лежи во статијата „Политички сепаратизам“. Меѓутоа, авторот прави едно некоректно подметнување, претставувајќи го „Право“ како весник на „внатрешните дејци“, а ставовите во статијата – како ставови на Организацијата / на ТМОРО. Неговата поентата е во тоа што „политички македонизам“, всушност, „не го негира бугарскиот национален идентитет“ и „поттикнува наднационална политичка лојалност и кауза“. Нешто слично како „политички сепаратизам“, ама поинаку спакувано.
Овде е интересно да одбележиме една реакција од она време поради премолчувањето на одредени сегменти на „сепаратизмот“. По излегувањето од печат на биографијата на Гоце Делчев, редакцијата на списанието „Македонија“, осврнувајќи се кон книшката, му забележува на авторот П. Јаворов дека тој премолчил одредени сегменти од сепаратизмот, поради што во критиката се вели дека Јаворов е добар поет, но слаб историчар, зашто не ја познавал психологијата на сепаратистите.
Според редакцијата на „Македонија“, сепаратистите „не се залагаат за политички, туку за национален сепаратизам“. Притоа, посочуваат на примерот кога владиката Теодосиј Гологанов издавал крштелни свидетелства во кои биле испуштени зборовите Бугарска егзархија. Без оглед на тоа што методолошки несоодветните термини сепаратисти и сепаратизам, па дури и во редуцирана форма како „политички сепаратизам“, во бугарските средини се користи за етикетирање на приврзаниците на македонското револуционерно движење, луѓе надвор од овие средини во т.н. „сепаратисти“ гледаат нешто друго. Така, на пример, Амфитеатров во 1901 во нив гледа „Македонци – националисти“. Х.Н. Брејлсфорд препознава „македонски патриоти“, кои шират „локален македонски патриотизам“, па дури забележал и „страстен македонски националист“.

проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев од Институтот за историја

(Продолжува)