Фото: , „Нова Македонија“

„ОД МИТРОВДЕН ДО ЃУРЃОВДЕН“ (16)

  • Преку специфичен јазичен стил, кој е преодна форма меѓу народниот говор и тогашните обиди за создавање македонски литературен стандард, Пулевски го обработува ликот на Александар III Македонски. Текстот не само што пренесува историски настани туку изобилува со легендарни елементи и дијалози, кои ги истакнуваат македонската гордост, мудрост и непоколебливост пред моќните светски империјалисти како персискиот цар Дариј

„Славјанско-маќедонската општа историја“ на истакнатиот македонски преродбеник и војвода Ѓорѓија Пулевски останува клучен документ што сведочи за тоа како македонските интелектуалци од 19 век го доживувале минатото, користејќи ја историјата како моќна алатка за национално будење и докажување на сопствениот идентитет преку ликот на „Великиот Александар“. Напишано во последната четвртина на 19 век, ова дело е еден од најзначајните обиди за синтеза на македонската историја, во која Пулевски ја нагласува континуираната поврзаност на современите Македонци со нивните антички предци. Преку специфичен јазичен стил, кој е преодна форма меѓу народниот говор и тогашните обиди за создавање македонски литературен стандард, Пулевски го обработува ликот на Александар III Македонски. Текстот не само што пренесува историски настани туку изобилува со легендарни елементи и дијалози што ги истакнуваат македонската гордост, мудрост и непоколебливост пред моќните светски империјалисти како персискиот цар Дариј. Овој извадок претставува дел од „Славјанско-маќедонската општа историја“.
Преку овие страници од делото на Пулевски, јасно се гледа неговата намера да го зачува и да го возобнови македонскиот национален мит во време на силни туѓи пропаганди. Кореспонденцијата меѓу Александар и Дариј, како и дипломатските односи со локалните владетели, се прикажани со епски призвук, каде што Александар не е само војсководец туку и заштитник на македонската чест и симбол на отпорот против потценувањето.

За зацарувањето на Александар

Откако се зацарил по кралот Филип и стапил на македонскиот престол и откако македонските велможи го извикале за македонски цар, Александар бил на 15-годишна возраст.

За погребувањето на кралот Филип

Кога кралот Филип починал во својата постела, кралицата Олимпијада седела до постелата и достоинствено го ожалувала. А кога се подготвиле за погребот, го положиле кралот Филип во златен ковчег (кивот), и со плач го однеле во тврдината и во изработен гроб го погребале таму.

За тоа како Александар се нарекол самодржец

Царот Александар, штом се нарекол самодржец, веднаш заповедал да се напишат објави за да дојдат луѓе во Филипија од сите градови. Тогаш и Македонците и Пелагонците и Еладците се собрале во Филипија.

Писмото на Дариј за Македонија

„Јас, царот Дариј, сум подаpeн на небесните богови и цар над целиот овој свет, им светам како сонцето на Македонците што живеат во Македонија. Откако разбрав дека кралот Филип Македонски умрел, а оставил малолетен син над кралството, кое не е достојно да владее ниту со умот, ниту според неговите години, и поради смртта на кралот Филип и поради неговото малолетно дете, многу се вознемирив (се ојадив), бидејќи нема да може да управува со татковото кралство. Затоа многу ми падна жал. Во вашата земја ви го испраќам добриот повелител, мојот најљубезен Кантаркус, за убаво да владее во вашата земја и наместо мене да му се поклонувате. А кога ќе ви дојде време да дојдете со војската и да го донесете данокот, тогаш и детето на Филип да ми го доведете овде со сите царски знаци. Бидејќи овде имам и други околу 40 царски деца што ми служат. Па, ако видам дека детето на Филип ќе биде умно, јас малку време ќе го почувам кај мене и пак ќе ви го пратам за да ви царува“.

Кантаркус го однел писмото во Македонија

Кантаркус дошол во Македонија и го донел златно-запечатеното писмо на царот Дариј, па македонските војсководци го одвеле кај војводата Птоломеј. Птоломеј го одвел во тврдината на Филип кај Александар, па првосвештеникот (првостојателот) Антиох, кога го видел Кантаркус, ја зел капата на Александар и ја ставил на копјето (моздракот), па му рекол: поклони му се на копјето на цар Александар!
А Кантаркус му одговорил на Антиох: јас ако му се поклонам на копјето на Александар, вие тогаш не сте под наредба на царот Дариј.
А Антиох му рекол на Кантаркус: ако не се поклониш, како што ти реков, ти ќе го изгубиш животот!
Кантаркус, кога го чул зборот на Антиох, исплашен, се поклонил. Па потоа го одвеле во палатата кај Александар. Александар седел на царскиот престол, украсен со злато и бесценети камења во салонот. А Кантаркус, кога го видел Александар, прво му се поклонил, а после му го дал писмото и застанал како занесен да се чуди на убавината на Александар.
Бидејќи Александар на главата имал голема круна, украсена со големи бисери и исплетена со лисја од мирта.

За разговорот на Александар по читањето на писмото

Александар, кога го прочитал писмото на царот Дариј и кога разбрал што му напишал Дариј, многу се налутил и му рекол на Кантаркус: на царот Дариј не му прилега со главата да гледа, а со нозете да се советува, зашто Македонија не е таква како што мисли царот Дариј.
А кога ги кажал горенаведените зборови, Александар заповедал да му се напише на царот Дариј.

М-р Никола Ристевски

(продолжува)