Македонското револуционерно движење од крајот на 19 и почетокот на 20 век и Илинденското востание како негов највисок дострел се вбројуваат меѓу најобработуваните теми во македонската и во бугарската историографија, но и пошироко. Во многубројните трудови посветени на Илинденското востание се обработени разни аспекти, но тоа не значи дека темата е исцрпена или, пак, дека е даден конечен одговор на многу отворени прашања. Иако основните постулати којзнае по кој пат се преповторени и уште на толку начини различно интерпретирани, самиот факт што оваа тема предизвикува голем интерес доволно говори за нејзината актуелност, но и дека има уште многу за истражување, анализирање и толкување. Преку овој прилог кон оваа широка тема не претендираме кон нејзино сестрано разгледување или некаква ревизија на напишаното, ниту пак во панегирична форма да ги воспеваме херојството и саможртвата, туку, пред сè, да се задржиме на некои аспекти како дошло до одлуката за Илинденското востание и на неговите крајни ефекти, но и да укажеме на некои наметнати стереотипи што се издигнати на ниво на парадигма и сѐ уште се провлекуваат како такви
Во многубројните трудови посветени на Илинденското востание се обработени разни аспекти, но тоа не значи дека темата е исцрпена или, пак, дека е даден конечен одговор на многу отворени прашања. Целта на овој фељтон од проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев, меѓу другото, е и да укажеме на некои наметнати стереотипи што се издигнати на ниво на парадигма и сѐ уште се провлекуваат како такви
На почетокот ќе укажеме дека од шеесеттите години на 20 век, Илинденското востание, кое дотогаш во бугарската историографија беше само Илинденско, е преименувано во Илинденско-преображенско. Оваа промена во историографијата е последица од промената во курсот на бугарската политика во контекст на македонскиот национален идентитет. Со таквото двојно именување на востанието се настојува заедничката борба на македонското и одринското население за автономија на Македонија и Одринско да се претстави како борба кон единствена цел – обединување со Бугарија. Притоа како подлога за двојното именување се зема Илинден – денот на почетокот на востанието во Битолскиот револуционерен округ, и Преображение – денот на почетокот на востанието во Одринско. Меѓутоа ова именување, како прво, е несоодветно од методолошки аспект од едноставна причина што востанието во Серскиот револуционерен округ започна на Крстовден. Според тоа, ако се следи концептот на бугарската логика, тогаш би требало да има тројно именување: Илинденско-преображенско-крстовденско востание.
Од друга страна, тенденцијата за претставување на борбата за автономија на Македонија и Одринскиот вилает како стремеж кон единствена цел – обединување со Бугарија, не одговара на историската реалност, зашто МРО ја сфаќала автономијата на Македонија како етапа кон создавање независна македонска држава. Не случајно во организациските акти Македонија и Одринско се третираат одделно, како две области, кои под водство на една организација се стремат за извојување автономија за две одделни области. Впрочем, различноста помеѓу овие две области ја согледале и дипломатските претставници на големите сили, па оттука не случајно реформите што биле предизвикани од македонското револуционерно движење се однесуваат исклучиво за територијата на Македонија, но не и за Одринско.
Според македонската историографија се добива впечаток дека најчесто со името „Илинденско востание“ се покриваат востаничките активности од 1903 година на целата територија на османлиска Македонија, иако според истата таа е јасно дека „Илинденското востание“ се одвивало на територијата на Битолскиот револуционерен округ. Оттука востаничките дејства во другите окрузи се разгледуваат одделно, иако се спакувани под истиот наслов. Поради тоа ќе нагласиме дека во Солунскиот, Струмичкиот и во Скопскиот округ нема официјално прогласување на востание, ниту пак масовно востание, туку востанички дејства, кои се манифестираат од почетокот на летото 1903 година, но тие се интензивирани со започнувањето на востанието во Битолскиот округ. За разлика од овие окрузи во Серскиот округ, има одлука од окружен конгрес, според која, таму востанието требало да започне на Крстовден.
Имајќи предвид дека постојната дистинкција во контекст на кажаново е недоволно убедлива, ќе нагласиме дека кога се зборува за „Илинденско востание“ треба да се има предвид востанието во Битолскиот револуционерен округ, зашто оваа одредница од методолошки аспект е несоодветна за Серскиот округ, каде што востанието започнало на Крстовден. Од друга страна, македонската историографија, речиси воопшто не се занимава со востанието во Одринско.
Кога сме кај македонската историографија, ќе нагласиме дека мнозина автори, под влијание на одредени стереотипи и еднострани информации од мемоарската литература, без да ги земаат предвид првостепените документи и поновите интерпретации, сè уште пишуваат дека востанието било предвремено, дека одлуката била наметната од неколку лица и донесена на незаконски конгрес, дека меѓународната ситуација била неповолна и слично. Полемиката во врска со овие прашања би нѐ одвела премногу далеку. Затоа овде ќе се задоволиме со констатацијата дека одлуката за востанието во 1903 година била донесена при сложени околности, дека истата таа не можел да ја наметне, ниту да ја попречи ниту еден авторите во Организацијата, па биле тоа Гоце Делчев, Дамјан Груев, Ѓорче Петров, Борис Сарафов, а уште помалку Иван Гарванов или Анастас Лозанчев, или кој било. Едноставно поради сложениот сплет на околности востанието било неминовно, а истото тоа се случило затоа што имало доволно причини за тоа.
МРО имала јасна цел
Македонската револуционерна организација, која е формирана во 1893 година, имала за цел извојување политичка автономија на Македонија во рамките на Османлиската Империја. Идејата за автономија на Македонија иако не е елаборирана во основните акти на Организацијата, според информациите од други индиректни извори, очигледно е дека се сфаќала како етапа кон создавање независна македонска држава. Според актите на Организацијата како средство за постигнување на автономијата е предвидено изведување едно општо востание. Творците на МРО врз основа на искуствата од другите ослободителни движења на Балканот биле свесни дека без воена или политичка интервенција од големите сили не може да ја остварат целта, па оттука „востанието“ го сфаќале како нужно средство за свртување на вниманието на европските дипломати и нивно застапување пред Османлиската Империја во прилог на идејата за автономија на Македонија.
Стремежот кон востание налагал повеќегодишна илегална морална и материјална подготовка на населението. Најпрво требало да се создаде мрежа од илегални комитети, кои требало да ја организираат и насочуваат ослободителната борба. Моралната подготовка подразбирала агитација во смисла да се искорени поданичкиот менталитет кај населението, да се подигне неговата свест за човекови права и да се вгради чувство на самодоверба, дека слободата треба да се извојува со сопствени сили. За таа цел требало да се подготват способни и храбри поединци што во име на ослободителната идеја требало да се откажат од удопствата на легалниот живот и по цена на сопствениот живот да го подготват патот кон слободата. Материјалната подготовка, пак, подразбирала создавање конкретни услови за оружена борба, а пред сè, обезбедување финансиски средства и набавка на оружје, формирање вооружени сили и соодветен раководен кадар, како и подготовка на дел од населението за оружена борба.
Базичната мрежа од комитети на МРО била воспоставена до 1896 година. Прва вооружена структура на МРО претставуваат членовите на нејзината тајна полиција, кои неофицијално се наречени „терористи“. Во согласност со одлуките од Солунскиот конгрес 1896 (од кога Организацијата е преименувана во ТМОРО), во 1897 година се појавиле првите чети на Организацијата, како постојани воени формации. До 1900 година, поголемиот дел од територијата на Македонија бил покриен со илегални чети. Главна заслуга при формирањето на оваа „нелегалната армија“ имал Гоце Делчев, кој бил инспектор на четничкиот институт. По Солунскиот конгрес (1896), територијата на Македонија во организациска смисла била поделена на пет окрузи: Солунски, Битолски, Скопски, Струмички и Серски. Притоа, како шести округ, надвор од географските граници на Македонија, функционирало Одринско.
(Продолжува утре: Афери и провали)