Анализа, трето продолжение
Ставовите во анализата на угледниот „Њујорк тајмс“ беа пренесувани и разгледувани во повеќе медиуми во регионот. „Геополитика њуз“ направи посебен осврт за споменатата анализа, а аналитичарот Зоран Метер се осврна на неколку клучни точки за новонастанатите процеси, по кои „ќе се воспостават нови правила и нови односи на силите, а светот што до неодамна го познававме ќе изгледа сосема поинаку“…
Сега да ги разгледаме досега невидените предупредувања околу политиката на Бајден од страна на клучните американски мејнстрим-медиуми, кои традиционално и по секоја цена ги поддржуваа демократите: „Њујорк тајмс“ и „Вашингтон пост“ – што укажува на тоа дека во САД не е баш сè онака како што се прикажува овде.
Така, редакцијата (а не новинар) на „Њујорк тајмс“ на 19 мај пишува дека Белата куќа ќе мора да им објасни на Американците – кои се сè повеќе загрижени за својата благосостојба – зошто треба да ја поддржат Украина. Исто така, се вели понатаму, заострувањето на конфликтот со Русија не би требало да биде во интерес на САД. Директорката на Националната разузнавачка служба, Аврил Хајнс, неодамна го предупреди Одборот за вооружени сили во Сенатот дека следниве неколку месеци ќе бидат турбулентни. Таа рече дека судирот меѓу Украина и Русија би можел да тргне по „непредвидлива патека, која би довела до ескалација“. Станува збор за огромни трошоци и сериозни опасности, но претседателот Бајден ќе мора да одговори на многу прашања од Американците во врска со вмешаноста на САД во овој конфликт.
Пораката до Путин дека НАТО е подготвено и способно да се спротивстави на неговите реваншистички тенденции е трајна цел, стои понатаму во текстот, „… но најпосле, не е во американски интерес да се впуштиме во судир од полн размер со Русија, дури и ако Украина мора да донесе тешки одлуки за постигнување мир. Меѓутоа, во овој конфликт разбирањето на американските цели и стратегии станува сè потешко, зашто се чини дека параметрите на задачите се променети. Понатаму, се укажува на нејасните цели на американската политика во однос на Русија, поради што „Американците би можеле да изгубат интерес за поддршка на Украинците… Згора на тоа, Белата куќа ќе ги загрози мирот и безбедноста на европскиот континент“.
Американската поддршка во овој конфликт „не може да трае вечно“. За американските гласачи, инфлацијата стана многу поважно прашање од Украина, а нарушувањата на светските пазари на храна и енергија, веројатно, ќе се интензивираат“. „Решителна воена победа на Украина над Русија, со која Киев ќе ги врати сите територии што Москва ги окупира од 2014 година претставува нереална цел“. „САД и НАТО се сериозно вклучени во овој судир, како воено така и економски. Нереалните очекувања би можеле да ги вовлечат уште подлабоко во оваа скапа и долготрајна криза. Русија е сè уште способна да ѝ нанесе колосална штета на Украина“. „Но конфликтот продолжува и Бајден би требало јасно да им даде на знаење на претседателот Володимир Зеленски и на неговите луѓе дека постојат одредени граници, преку кои САД и НАТО нема да поминат за да влезат во судир со Русија. Дека постојат ограничувања во снабдувањето со оружје… Важно е одлуките на украинската влада да се засноваат на реална процена на расположливите средства и на понатамошните разорувања и загуби. Спознавањето на ваквата реалност може да биде болна… Токму тоа треба да го прават одговорните држави, наместо да трчаат по илузорна ’победа‘… Сега е предизвик да се отфрли еуфоријата… и да се фокусираме на дефинирање и извршување на задачите“, се наведува, меѓу другото, во написот на редакцијата на „Њујорк тајмс“.
Овде реторички би се запрашал: кој би се осмелил да напише нешто вакво во мејнстрим-медиумите на ЕУ? И дали по тоа автоматски не би бил прогласен за агент на Путин? Но ако поради некоја причина мислите дека ова е сè, еве еден текст од „Вашингтон пост“, потпишан од Кетрин ван ден Хојвел (инаку, главна уредничка на „Д нејшн“). Пишувајќи за Украина, таа наведува дека е дојдено време за оспорување на воспоставеното толкување на тамошниот судир, повикувајќи ја американската јавност на критичко размислување. Таа пишува дека руската воена операција остави длабока трага во Европа, глобалниот југ и остатокот од светот. „Пред нашите очи се раѓа нов воено-политички светски поредок. Дејствувањето во однос на климатските промени се занемарува, зашто зависноста од фосилни горива само уште повеќе се зголемува; недостигот од храна и други ресурси ги крева цените и се заканува со масовен глад низ светот; бројот на бегалци и интерно раселени лица го достигна врвот од Втората светска војна до денес – и тоа е исто така сериозен проблем“, се наведува во текстот.
Понатаму, таа вели дека колку подолго трае војната, толку поголем е ризикот од нуклеарен инцидент. Авторката додава: „Бидејќи администрацијата на Бајден очигледно решила да ја ’ослаби‘ Русија со испраќање големи количества оружје во Украина – вклучувајќи и противбродски ракети – и бидејќи американската разузнавачка служба, како што се покажа, со сите сили му помага на Киев, станува кристално јасно: САД и НАТО водат прокси-војна со Русија“ (овде би додал дека администрацијата на Бајден постојано ја отфрла оваа теза, додека Москва постојано предупредува на неа).
„Во нашата кревка демократија, се чини дека несогласувањето не е забрането. Зошто тогаш аналитичарите, научниците и новинарите не го оспоруваат доминантниот идеолог? Зарем е навистина невозможно да имаме сомнеж дека бескрајното снабдување на Украина со оружје е вистинскиот, најпаметен потег? Зарем е навистина невозможно да се посака посодржајна дискусија за опасностите од нуклеарен судир? Зошто оние што не се согласуваат, се оцрнуваат поради својата добро образложена и суштинска критика на украинските десничарски радикали – и да, националисти? Повампирувањето на неонацизмот и фашизмот денес претставува чувствителна тема во многу европски и американски држави. Зошто се премолчува, па дури и негира нарушениот углед на Украина во однос на тоа прашање?“, се прашува авторката на текстот.
Во меѓувреме, како што забележа еден поранешен поморски генерал: „Војната е уцена“. „Се редат американските конгломерати за оружје… Борбите ќе одземат уште многу украински и руски животи, но Рејтеон, Локхид Мартин и Нортроп Груман ќе се збогатат“, наведува авторката Кетрин ван ден Хојвел во својот текст за „Вашингтон пост“.
Дали медиумските „тврдини“ на американскиот либерализам повторно стануваат пример за новинарската професија или им е дадена наредба „одозгора“? Не знам. Но драматичното отстапување на овие два текста од мејнстрим-политиката, барем во однос на Украина (а со тоа и Русија) е сосема очигледно.
(продолжува)
Утре: Околу третиот клучен елемент: непослушноста на американските сојузници и „остатокот“ од светот