Користејќи голема работна сила робови, Португалците ги забрзале процесите што доведоа до тоа Бразил да стане најголемиот светски производител на кафе. Бразил беше земјата во која најголемиот број поробени луѓе пристигнаа во новиот свет, главно за да работат на плантажи со кафе. Кога се создадоа плантажите, амазонската прашума беше уништена. Бразил беше последната земја на западната хемисфера што го укина ропството во 1888 година. Потпирајќи се на црните робови, Бразил го направи кафето крвоток на својата економија, банкарскиот систем и политичката и социјалната структура. Соочен со законите што им даваат слобода на потомците на робовите, пратеникот во бразилскиот парламент што се спротивстави на укинувањето на ропството во 1880 година изјавил: „Бразил е кафе, а кафето е црно“
Влијанието на кафето врз политиката, економијата и општеството во историјата и во сегашноста
Честопати индивидуалните природни добра имаат големо влијание врз развојот на човештвото. Секој веднаш ќе се сети на нафтата и на гасот, чија употреба суштински го промени светот, но има и други стоки што имаа одлучувачко влијание врз глобалниот политички, економски и социјален развој. Едно од тие добра е секако кафето. Во текот на изминатите векови кафето (едноставна мешавина од вода и мелени зрна) им стана омилен пијалак на милиони луѓе. Влијанието на кафето не е ограничено само на прехранбената индустрија и угостителството туку е многу пошироко. Пиењето кафе стана незаменлив дел од секојдневниот живот на милиони луѓе, но и клучен фактор во историскиот развој на општествата. Од неговите скромни почетоци во етиопските висорамнини до глобалниот ултрапопуларен производ, влијанието на кафето е огромно. Во своето долговековно патување да стане глобален пијалак, кафето беше алатка за градење и растурање империи и поттикна индустриска револуција. И понекогаш тоа беше движечката сила зад експлоатацијата на луѓето, охрабрувањето на ропството и поттикнувањето граѓански војни.
Почетоци
Растението кафе отсекогаш растело во Етиопија и веројатно номадските племиња го користеле илјадници години, но луѓето сфатиле дека можат да ги испечат неговите зрна околу 1400 година. Фармерите забележале дека козите што јаделе зрна кафе се поенергични од оние што не јаделе. Кафето беше движечка сила зад развојот на трговијата во раната модерна доба. Неговата популарност растеше експоненцијално, а цените достигнаа неверојатни височини. Пред повеќе од пет века, кога кафето беше локализирана култура на источноафриканските територии на Етиопија, арапските трговци на почетокот на 16 век беа првите што го препознаа потенцијалот на кафето и тргнаа да го носат во Јемен. Арапските суфиски монаси го користеле пијалакот за слична намена како што луѓето го пијат денес – да добијат поттик да останат будни. Нивната цел била да стигнат до божествена свест во полноќните молитви. Се користело и за медицински цели. Од Јемен кафето ги освои целиот Блиски Исток, Северна Африка, Турција, Персија и на крајот европскиот континент. Всушност, кафето беше првото растение што ја иницираше античката глобализација, која ги промени трговските текови и ја обликува економската динамика на светот.
Кафе и ропство
Како што пијалакот станал попопуларен, империите сфатиле дека можат да одгледуваат сопствено кафе користејќи го трудот на селаните и на робовите во нивните далечни колонии. До 18 век, британските, француските, шпанските, португалските и холандските лидери го направија кафето една од нивните врвни колонијални култури, заедно со шеќерот, памукот и тутунот.
Од Индонезија до Латинска Америка и Карибите, поробените работници беа принудени да одгледуваат кафе на колонијални плантажи. Француската карипска колонија Св. Доминик одгледувала две третини од светското кафе кон крајот на 18 век, додека плантажите на островот не биле запалени и сопствениците масакрирани за време на револуцијата на Хаити во 1791 година.
Користејќи голема работна сила робови, Португалците ги забрзале процесите што доведоа до тоа Бразил да стане најголемиот светски производител на кафе. Бразил беше земјата во која најголемиот број поробени луѓе пристигнаа во новиот свет, главно за да работат на плантажи со кафе. Кога се создадоа плантажите, амазонската прашума беше уништена. Бразил беше последната земја на западната хемисфера што го укина ропството во 1888 година. Потпирајќи се на црните робови, Бразил го направи кафето крвоток на својата економија, банкарскиот систем и политичката и социјалната структура. Соочен со законите што им даваат слобода на потомците на робовите, пратеникот во бразилскиот парламент што се спротивстави на укинувањето на ропството во 1880 година изјавил: „Бразил е кафе, а кафето е црно“.
Кафулиња – иницијатори на општествени промени
Различни форми на кафулиња станаа појдовни точки од кадешто потекнуваат културните и интелектуалните револуции. Кафулињата за првпат се појавија во Отоманската Империја, бидејќи муслиманите што се воздржуваа од алкохол немаа потреба да се собираат во пивниците. Со текот на вековите, кафулињата станаа клучни за воспоставување на она што некои филозофи го нарекуваат „јавна сфера“, некогаш доминирана од елити. Кафулињата беа единствените јавни места каде што мажите можеа да се соберат и да разговараат за вестите, верата, политиката и за озборувањата далеку од будните очи на верските или државните власти.
Во 17 и 18 век, европските кафулиња станаа епицентри на интелектуални дискусии, жестоки политички дебати и уметнички манифестации. Луѓето се собираа да споделат идеи, да дискутираат за филозофии и следствено да ги обликуваат судбините на нивните нации преку револуционерни промени. Кафето стана симбол на просветителството и слободата на изразување, а неговото консумирање овозможи отворање простор за критичко размислување и иновации.
Кафето одигра клучна улога во политичките и општествените промени во различни делови на светот. На пример, Кафе-револуцијата во Англија од 18 век била поврзана со развојот на места за јавни собири и јавни дебати за општествени прашања. Во некои земји политичките одлуки и настани често се случуваа во кафулиња, каде што луѓето носеа важни одлуки. Лондонската берза, осигурителната компанија „Лојд“ од Лондон и Источноиндиската компанија беа основани во кафулиња, кои станаа познати во Лондон како „универзитети на денар“, бидејќи цената на една шолја кафе често им дозволуваше на патроните пристап до тековната интелектуална дебата.
Во колонијална Америка, бостонската таверна и кафе-бар „Зелен змеј“ стана познато како место каде што се состанаа водачите на 13-те британски колонии во Америка за да ја организираат Бостонската чајна забава во 1773 година и да поттикнат револуционерни идеи што доведоа до Американската револуционерна војна и создавањето на САД. Често се вели дека по Бостонската чајна забава, кога американските колонисти нападнаа британски бродови за чај и фрлаа гајби со чај во пристаништето, Американците универзално се префрлија на пиење кафе. (Геополитика)
(продолжува)