Корените на родот на Горан Стефановски се од селото Ербеле, во денешна Албанија
Потрага по корените на Горан Стефановски (5)
Дали Горан ја заврши својата потрага, која се чини ја остваруваше и преку своето творештво, не знам… Меѓу другото не знам и затоа што не го заврши или барем не го дозапиша драмскиот текст што требаше во режија на Оливер Фрљиќ, премиерно да биде изведен во Риека, во 2020 година, кога овој град беше европска престолнина на културата. Во белешките од подготовката на драмскиот проект, Стефановски и Фрљиќ ги имаат наведено и тематските кластери. Меѓу нив: љубов во времиња на егзил, насилни миграции, масовни движења, долги отсуства, човечко страдање, населување. Наведено е и: пристаништа, терминали, лиминални простори, чекалници, контролни пунктови со строги процедури, транспортни центри, тргнување и пристигнување; проверки на идентитет, карантини; обреди на премин… Безброј ликови се појавуваат и исчезнуваат. Можни пермутации на трагичното и фарсичното, слатка и кисела метаморфоза. Како и овде да ја има приказната за Стрезо и за родот Стрезовски, односно Стефановски, си реков кога ја прочитав белешката во која се споменуваат и шрапнели на историјата, скршени фрагменти од епска фреска и џиновска сложувалка.
„Богата таписерија која истовремено содржи мали, човечки приватни детали и широки општествено-политички и културни зафати.“ – запишале Горан и режисерот Фрљиќ. Зарем не е така и во други драми на Горан? Дали приказните на неговите предци и неговата интерпретација за нив како код на сиот негов род ќе беа тие мали, човечки приватни детали и во овој драмски текст? Заминувањето на Стрезо и Алтана се случило во период кога се одвивал и поширок општествено-политички и културен зафат, а во такви периоди се случувале/случуваат и сите натамошни заминувања и преселби на родот Стефановски… Но во такви периоди се случуваат и сите заминувања и преселби и на Горановите драмски ликови!
Според концептот, оваа драма во 2020 година требало да се игра на отворено и на сцената да има пруга, вистински возови, машиновозачи и железничари. Помислувам: дали можеби еден од тие возови ќе требаше да биде оној мал воз со кој корените на Стрезовски, а потоа Стефановски, се донесени во Скопје, за потоа да растат во Дебар Маало? Дали од некој од вагоните, на сцена ќе излезеа ликовите Стрезо и Алтана или можеби ликови именувани со некои други имиња за кои Горановите дедо и баба ќе беа прототипи? И тоа на сцена во еден од градовите преку кои Стрезо се враќал од печалба во Ербеле.
– На Горан многу му значеше што заедно со режисерот Фрљиќ го посетуваше градот Риека и што ги видел местата каде што се движел дедо му Стрезо во воените години, кога печалбарите не можеле да се вратат преку Бугарија, туку морале преку Србија, Хрватска и Албанија – нагласи Патриша, сопругата на Горан, дури преку е-пошта разменуваме размисли, со материјали од Горановата архива.
Затоа и помислувам: потрагата на Горан, од Ербеле продолжила по патиштата по кои Стрезо чекорел и дури патувал со желба да дојде дома…
Во белешката за драмата што остана недовршена или барем недозапишана стои и дека подетален план ќе биде подготвен во 2018 година. Кон крајот на ноември таа година, Горан требало повторно да замине во Риека, но… Замина на друго, непланирано патување. На 27 ноември 2018 година, заминувајќи физички од овој свет, со себе го понесе и незапишаното од драмскиот текст што требаше премиерно да се изведе во Риека. Дали можеби со него, Горан ќе ја завршеше својата потрага по толкувањата и интерпретациите на приказните за своите предци, не можеме да знаеме.
Ама од друга страна, знам дека оваа потрага по неговите корени не е завршена. Везот дебарски на Алтана, како и тој на Султана, и каменот ѕидарски на Стрезо, како и тој на Стефан, денес се на Горановата внука Калина – така напиша Горан во писмото до неа, упатено веднаш по нејзиното раѓање во 2012 година. Но наша е обврската и да доистражиме и анализираме каде и како во неговото творештво е проткаен везот на Алтана и Султана и каде сè е вѕидан каменот ѕидарски на Стрезо и Стефан. Затоа и се случува овој текст, кој е само почеток – за со него да се споделат информациите што ни се нужни за да ја оствариме таа обврска.
Со продолжување со оваа потрага и остварување на обврската можеби и ќе дознаеме дел од она што е кажано од Горан, ама скриено зад текстот – не само во една од неговите пораки во „Искрата што се измолкнува“ туку и во голем дел од неговиот опус. Нешто што било/е тетовирано на неговата душа како белег на неговото потекло и дел од неговата ДНК, ама се чини и нешто што е и меѓугенерациски код на неговиот род, и пред него, и по него, а на кое Горан успеа да му даде универзални димензии. Можеби тогаш и ќе успееме докрај, вистински да ги разбереме неговите пораки за преселбите и корените…
** *
Последните реченици од овој текст се напишани на 27 април 2023 година, кон крајот на денот кога одбележивме 71 година од раѓањето на Горан Стефановски. Во исто време дури го завршував текстов ја слушав пораката на Сабина и Сара Џелили, членки на македонското друштво „Илинден“ од Тирана, во видеоматеријал објавен од Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), со фрагмент од есеј на Горан преведен на албански јазик.
„Ние, Македонците од Албанија го чуваме споменот за големиот Горан Стефановски, не заборавајќи на неговите корени. Затоа што тие се овде, во селото Ербеле, во областа Поле, Маќелара, преку планината спроти манастирот ’Св. Јован’ Бигорски. Од тука се неговите баба Алтана и дедо Стрезо, кои се доселиле во Дебар Маало во Скопје… Се надеваме дека во соработка со МСМЈЛК при УКИМ ќе успееме и овде достојно да се чествува делото на Стефановски, затоа што Ербеле ги памти неговите корени. А откако ќе се отвори Лекторатот по македонски јазик во Тирана, посакуваме да се случат и преводи на севкупното творештво на Горан Стефановски, кои ќе ги направат оние кои овде, на Факултетот за странски јазици, ќе го учат македонскиот јазик“.
Оваа нивна порака, по првообјавата на видеоматеријалот беше дополнителен поттик да се напише и објави овој текст и да се споделат информации што можеби ќе ни овозможат едно ново интерпретативно рамниште во исчитувањето на творештвото на Горан Стефановски.
Денес, оваа порака, и дополнително обврзува да продолжи потрагата по корените на Стефановски, а со нив и по приказните за потеклото и предците на Горан. Со уште низа материјали што треба да бидат исчитани и анализирани, за потоа да се случи и уште едно од многуте потребни препрочитувања на неговото дело. Најверојатно тогаш дел од пораките на Горан ќе умееме и докрај вистински да му ги кажеме на светот – одејќи и по патеките по кои чекореле неговите предци…
Иван Антоновски
(Авторот е асистент на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ)