Во текот на следните денови, „Нова Македонија“ ќе го објави фељтонот „Потрага по корените на Горан Стефановски: Домот е таму каде што боли“ од Иван Антоновски. Во неколку продолженија ќе се објават многу сведоштва, архивски материјали и информации, кои за првпат ќе се претстават пред пошироката јавност. Но и ќе се отворат мноштво прашања што упатуваат кон нови исчитувања и анализи на драмите на нашиот Горан. Напишаното во фељтонот е резултат од истражување за семејните корени на култниот драмски автор и есеист, но со него, потрагата по корените на Стефановски и притоа откривањето на дел од она што е скриено зад текстот во неговиот опус, штотуку започнува. Можеби ќе успееме докрај, вистински да ги разбереме пораките на Горан за преселбите и корените…
Потрага по корените на Горан Стефановски (2)
Корените на родот на Горан Стефановски се од селото Ербеле, во денешна Албанија
Пред мене го имам семејното стебло на Стефановски, исцртано и испишано од еден од чичковците на Горан – легендарниот македонски театролог и основач на Драмскиот театар во Скопје, Ристо Стефановски. И сфаќам дека приказната не започнува со Стрезо и Алтана, туку има нешто што ѝ претходи на нивната миграциска одисеја – семејното дрво упатува кон Стефан, прадедото на Горан и Влатко Стефановски.
„Ние сме родени во селото Ербеле, 10 километри северозападно од градот Дебар. Куќата наша се наоѓаше на местото наречено Черици, со поглед кон гумното, во маалото Паливје… Дедо ми мој, Стефан, бил гурбетчија во Стамбол и во Бугарија, каде што ги водел и своите деца Стрезо и Боге (првиот роден во 1888 година – заб. моја). А имал и две ќерки, Ана и Славка, кои со баба ми Султана чекале да се вратат гурбетчиите, секоја година. Оти иделе наесен, а оделе напролет, кога ќе се испиеле виното и ракијата и кога ќе се потрошело зајрето, и се чекало ново орање, ново сеење, ново жнеење и нови приходи од земјоделието. А печалбариве оделе на печалба во Турција и во Бугарија да донесат пари за егзистенција на фамилијата на дедо ми Стефан. Кога на дедо ми му нараснале децата Стрезо и Боге, тогаш со него ги водел на печалба и ги учел на мајсторлак – ѕидарија, камен… Дедо ми бил специјалист за ѕидање од камен и го ѕидал кејот на Дарданели со мајстори стружани, коишто биле специјалисти за камен. Тие го научиле за ѕидање на каменот. Но, дедо ми, по две-три години печалбарска работа, рекол: ’Деца, јас веќе не можам да одам на печалба, ќе ојте вие двојца’. Татко ми Стрезо и стрико ми Боге – едниот бил околу 18-19 години, другиот бил 16-17 години. Оделе, печалеле и наесен се враќале“.
Ова го дознавам од кажувањето на еден од чичковците на Горан – Круме, роден во 1912 година, од разговор меѓу Горан и него снимен во 1989 година, кој денес е дел од приватната архива на нивните потомци. И сфаќам – најверојатно одовде, од овие печалбарски саги на родот Стрезовски, кој презимето Стефановски во чест и спомен на Горановиот прадедо Стефан го има по преселбата на Стрезо и Алтана во Скопје, започнува и творечката посветеност на Горан на прашањата за заминувањето во туѓина за да се обезбеди егзистенција, но и на прашањата за враќањето… Дома! Се чини преку своите драми, со дел од своите драмски ликови, некои и именувани со имиња на неговите предци, Горан ги бараше одговорите и на прашањата што за него се и лични – поврзани со семејните приказни. Како да сакал преку своето творештво барем за себе да реши дел од дилемите за она што е судбински врежано во неговата ДНК. Онака како што во неговата најверојатно најпозната драма „Диво месо“, според кажувањата на неговата сопруга Патриша, тој всушност ги пренесува и интерпретира искуствата на својот татко и на своите чичковци од периодот непосредно пред и во текот на Втората светска војна…
И затоа и се запрашувам колку од неговите драмски ликови, покрај тоа што некои ги имаат нивните имиња, како карактери, во себе ги содржат видувањата на Горан за неговите предци, за нивните постапки и за нивните приказни. Колку во репликите на неговите ликови има зборови што Горан им ги припишува и на предците или зборови што би сакал да ги сподели со нив како размисла?
Како во просторот на Дарданели, онаму каде што се делат Балканот и Европа од Азија, а каде што се поврзуваат Егејско и Мраморно Море – просторот на кој прадедото на Горан, Стефан, градел и учел занает, зад текстот да започнуваат миграцијата во простор и време, ширењето и мешањето и повторното мешање на култури и форми и идеи во опусот на нашиот Горан. А продолжуваат со миграцијата од животната приказна на Стрезо и Алтана.
На снимката од 1989 година, неговиот чичко Круме, во разговорот со Горан, продолжува да раскажува: „Во тоа време немало автобуси, немало авиони, се одело со кираџии, со коњи… Кираџиите ги носеле гурбетчиите до местото каде што имало работа. Првото тримесечје, пролет, по Поклади ќе се покладеле и ќе оделе на печалба. Второто тримесечје доаѓале кираџиите со втората група гурбетчии. Тогаш се праќало писмо по кираџиите што доаѓале со коњи. Се праќале пари – монети само во злато, зашто во нашиот крај дебарски не важеле ни бугарски левови, ни српски динари, ни турски грошови… Се праќало злато, а у Дебар златото го менувале поедини сарафи, коишто биле добри трговци и кои ги знаеле курсовите. Затоа у Дебар се збори: ’Ако се запали Стамбол, Дебар ќе го изгради со злато’. Толку имало злато од тие кираџии. Нашата околија беше од 15 села рисјански. Кога била Првата балканска војна во 1912 година, па кога почнала Првата светска војна во 1914 година. И тогај, печалбарите не ишле преку Скопје за Дебар, него ишле од Романија и Бугарија на Дунав, па на Србија, на Белград, па на Риека и со параходи до Драч… Од Драч, пешки, со коњи, доваѓале… Така траело до 1914 година, кога е роден брат ми Иван. Кога се родил тој, татко ми Стрезо заминал со параход од Драч, преку Аустроунгарија се нашол во Романија. Преку Бугарија им било страв да одат. Оделе со возои и со параход. Во Романија имало од нашето село неколку фамилии. Тие од нашето село што биле таму ја прифатиле фамилијата Стрезовци – татко ми Стрезо и стрико ми Боге. Тогаш војната била во ек, во Македонија…“
Токму тогаш, со тоа заминување на Стрезо и Боге во Романија, се чини дека започнува да се случува она што го поттикнуваше Горан на размисли и дилеми што ги носеше во себе со клучен одраз врз неговото драмско и есеистичко творештво. Одраз што допрва ќе го согледуваме…
Според белешките на Горан од разговорот со неговиот чичко Круме, двајцата гурбетчии од родот Стрезовски, во Романија биле на печалба во Турну Мугуреле – градот близу кој претходно, во 1848 година, е започната Влашката револуција. Таму, во летниот период работеле како ѕидари, а во зима воделе продавница за млеко и слатки. Кога Првата светска војна е речиси завршена, во 1918 година, двајцата браќа од родот Стрезовски се вратиле во Ербеле и отвориле меана и фурна за леб во Пешкопеја (на македонски, локално: Пискупија, средновековно име: Пресоленград) – град во денешна североисточна Албанија и административен центар на областа Дебар, кој до почетокот на XX век бил населен од значаен број Македонци.
Но, една година потоа, во текот на велигденските празници се случува она што ја одредува судбината на Стрезо и Алтана – она што ги поттикнува да ги понесат корените со себе за да растат во скопското Дебар Маало. Поконкретно, во 1919 година, на Велика сабота, кога Стрезо се враќал од Пешкопеја во Ербеле, на местото викано Ќенок го пресретнале тројца вооружени качаци и му наредиле да се симне од коњот. „Му украле сè, до гаќи. Коњ, пари, сè.“ – запишал Горан. Сè освен душата, би дополнил… Се запрашувам: дали оваа клучна епизода од животот на Стрезо, на која од кажувањата на Горан се сеќава и неговата сопруга Патриша, е онаа што Горан го поттикнуваше толку многу да размислува за смислата на печалбарството? Која и каква е смислата, ако на крајот повторно си гол, по години одделеност од блиските и од оној – првиот дом. Ама и која е смислата ако на печалбарството се гледа само од позицијата „на крајот на светот“?
„Тука (по грабежот – заб. моја) помогнал некој Албанец од селото Ербеле, кој ги знаел Стрезо и фамилијата. Го зел Стрезо во Ербеле, го облекол и му дал да јаде. Пратиле порака до Стефан (таткото на Стрезо, прадедо на Горан – заб. моја) да си го земе синот. Стрезо отишол дома во туѓи алишта“ – запишано е во белешките на Горан. Според Спиро Дука, посветен истражувач на Ербеле, кој ми испрати и дел од материјалите за селото и за родот Стрезовски, ова покажува како селаните од овие области, иако од различна вера, си помагале едни на други во одредени моменти и создавале пријателства, кои траеле со генерации.
Ама, болката не можела да се залечи – според Горановите белешки, Стрезо паднал болен и четири недели не станал од кревет. „Му рекол на Боге сè да распродадат во Пишкупија и да се отселат“.
Иван Антоновски
(Авторот е асистент на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ)
Продолжува