Четата на Сугарев

Македонското револуционерно движење од крајот на 19 и почетокот на 20 век и Илинденското востание како негов највисок дострел се вбројуваат меѓу најобработуваните теми во македонската и бугарската историографија, но и пошироко. Во многубројните трудови посветени на Илинденското востание се обработени разни аспекти, но тоа не значи дека темата е исцрпена или, пак, дека е даден конечен одговор на многу отворени прашања. Иако основните постулати којзнае по кој пат се преповторени и уште на толку начини различно интерпретирани, самиот факт што оваа тема предизвикува голем интерес доволно говори за нејзината актуелност, но и дека има уште многу за истражување, анализирање и толкување. Преку овој прилог кон оваа широка тема не претендираме кон нејзино сестрано разгледување или некаква ревизија на напишаното, ниту пак во панергична форма да ги воспеваме херојството и саможртвата, туку пред сè да се задржиме на некои аспекти како дошло до одлуката за Илинденското востание и на неговите крајни ефекти, но и да укажеме на некои наметнати стереотипи, кои се издигнати на ниво на парадигма и сѐ уште се провлекуваат како такви

ИЛИНДЕНСКОТО ВОСТАНИЕ (8)

Веќе кон крајот на август примената на новата османлиска тактика почнала да дава резултати. Во текот на септември, властите воспоставиле контрола врз поголемиот дел од вилаетот. Во меѓувреме, разбиените востанички одреди биле потиснати по планините. ГШ наоѓајќи се во безизлезна ситуација, притоа имајќи ја предвид силната репресија врз цивилното население, но и договорената средба во врска со македонското прашање помеѓу рускиот цар и австроунгарскиот император, на 2 октомври 1903 година донеле одлука за демобилизација на востаничките сили.
За разлика од Битолскиот, во Солунскиот, Струмичкиот и Скопскиот револуционерен округ не биле одржани окружни конгреси. Во овие окрузи, во зависност од условите и личните иницијативи на одделни војводи биле преземени востанички дејства од партизански карактер, кои во некои делови биле проследени со терористички дејства, без вклучување на населението. Во тој поглед според дејствата предничел Солунскиот револуционерен округ, каде што позначајни востанички активности имало во Кукушката, Ениџевардарската и Гевгелиската околија, а послаб интензитет бил забележан во Воденската и Тиквешката околија. Двата обида на Христо Чернопеев да навлезе со поголеми формации во Струмичкиот округ биле попречени и разбиени од османлиските војски. Поради географската местоположба на овој округ, од каде што минувале најголемиот број организациски канали од и кон Бугарија, на неговата територијата биле распоредени значајни османлиски сили, кои не дозволиле поголема и подолготрајна концентрации на востанички сили на едно место.
Од друга страна, токму поради својата местоположба, овој округ дал значајна логистичка поддршка при преминот на четите кон Солунскиот и Битолскиот револуционерен округ.

Востаничкото движење било најслабо изразено со Скопскиот револуционерен округ. Притоа до поголеми судири помеѓу востаничките чети и османлиските војски дошло во Велешката, Кочанската, Кратовската и Штипската околија. Се разбира, некои од овие судири биле предизвикани од четите што транзитирале низ овој округ.
Во почетокот на септември 1903 во Серскиот револуционерен округ бил одржан конгрес на кој било решено востанието да започне на 27 септември, на празникот Крстовден. Според планот, востанието требало да има партизански карактер, проследено со терористички активности, без да се вовлекува населението во борбите. Во раководниот штаб за Серскиот округ биле избрани: Димитар Стефанов, Александар Радославов и Симеон Молеров. Карактеристично за овој округ е што по иницијатива на Задграничното претставништво, врз основа на претходен договор под услови на ТМОРО, во востанието било допуштено учество на врховистичките чети. Меѓутоа, интересно е да се нагласи дека Јане Сандански побарал од врховистите да ги отстранат од своите униформи бугарските државни обележја.
Независно од планот што востанието било предвидено да започне на 27 септември, борбите околу Мелник и Демирхисарско се разгореле порано. Во Серскиот округ значајни иницијативи биле преземени во Неврокопско, каде што биле нападнати османлиските гарнизони во селата Обедим и Кремен. Најголем замав востаничките дејства добиле во Разлошко, каде што на Крстовден биле нападнати гратчето Разлог и уште неколку села. Во Серската, Драмската и Горноџумајската околија, востаничките дејства се свеле на неколку судири со османлиската војска. И овде, како и во Битолскиот округ, власта применила силни репресивни мерки врз цивилното население за брзо задушување на востанието.
Според мемоарот на Внатрешната организација, за време на востанието во 1903 година во Македонија настрадале 201 населено место. Притоа биле запалени 12.400 куќи, без покрив над главата останале 70.836 лица, 30.000 луѓе биле принудени да побегнат од своите домови, а 8.816 мажи жени и деца биле убиени. Очигледно востанието било жестоко задушено. Најголемите жртви ги поднел Битолскиот револуционерен округ. На востанатата територија настанала хуманитарна катастрофа. Од друга страна, востанието го предизвикало вниманието на слободољубивите луѓе во Европа и во светот. Европските весници постојано известувале за настаните во Македонија. Во многу места низ Европа и Америка биле одржани митинзи за поддршка на македонската борба и собирање материјална помош за ублажување на хуманитарната катастрофа.

Овие активности биле поддржани од видни европски интелектуалци и филантропи како: Лав Толстој, Максим Горски, Анатол Франс, Жан Жорес, Виктор Берар, Франс де Пресанс, Артур Еванс, Хенри Ноел Брејлсфорд и други. Во октомври во хуманитарна мисија во Битола се нашол секретарот на Балканскиот комитет од Лондон – Х.Н. Брејлсфорд. Преку овој комитет во најзагрозените делови од Битолскиот вилает биле поделени 11.000 ќебиња. Покрај тоа, Балканскиот комитет организирал болници за лекување на болните и ранетите, помагал при обезбедувањето прехрана за населението, купувањето работен добиток и слично. Значајна помош пристигнала од Бугарија, а помалку од Србија.
Поради востанието, во почетокот на октомври 1903 година по иницијатива на Русија и Австро-Унгарија, а во согласност со големите европски сили, била усвоена Мирцштегската програма за реформи, чие спроведување требало да се одвива под меѓународна контрола. Меѓутоа, овие реформи, како и претходните февруарски, иако се однесуваат исклучиво за Македонија, не допуштале нејзино конституирање како единствена административна единица на чело со „генерал-губернатор“ од христијанско потекло, што било едно од барањата на македонското револуционерно движење, испорачано кон крајот на 1902 година. Македонија во административна смисла останала во рамките на трите вилаети, а на чело на реформскиот процес и понатаму останал генералниот инспектор Хусеин Хилми-паша, покрај кого биле именувани двајца цивилни агенти (по еден од Русија и од Австро-Унгарија), кои реално немале никакви овластување.
Реформаторите според договорениот принцип од претходните февруарски реформи, тенденциозно ги изоставиле сите термини што во која било смисла асоцираат на оформување административно-територијална единица под името Македонија. Така, наместо Македонија, се користи терминот „трите вилаети“, наместо Македонци, се користи терминот „христијанско население“, а наместо генерален губернатор, бил именуван „генерален инспектор“. Даме Груев од името на ГШ на 10/23 декември 1903 година, Мирцштегските реформи ги оценил како недоволни „бидејќи секој знае, дека ние не се боревме за жандарми и падари, туку за премавнување на омразениот турски гнет“.

Додека, пак, за Ѓ. Петров, споменатите реформи биле само „фрлање прав во очите“. Овие првични погледи со текот на времето станале официјален став на организацијата кон реформите што наполно ги игнорирала. Малкумина биле оние како Анастас Лозанчев и Димо Хаџи Димов што сметале дека реформите треба да се искористат за инфилтрирање одредени лица на организацијата во османлиските институции, а потоа на легален начин да продолжи борбата до конечната цел – автономија на Македонија.
Игнорантскиот однос на организацијата кон Мирцштегските реформи е последица на отсуство на политичко крило со дипломатски манири и рационален прагматизам. Мирцштегските реформи, и покрај своите недостатоци, претставуваат директна европска интервенција и обид за решавање на македонското прашање, иако во моментот настојувале да не му го споменуваат името.

Автор: проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев

(Крај)