Овој фељтон се занимава со прашањето за официјалното име на Гоце Делчев. Во историографијата, презимето Георги доминира како верзија на неговото официјално име; сепак, внимателното испитување на разни официјални документи покажува дека формата Георги е институционална творба, која се преселила во историографијата по инерција; самиот Делчев никогаш не ја користел формата Георги при потпишување на официјални документи или друга кореспонденција. Оставајќи ги настрана галовната форма Гоце и псевдонимот Ахил, како и потписот Г. Делчев, од кој не може да се распознае номиналната форма на неговото лично име, утврдуваме дека Делчев претежно ја користел варијантата Ѓорги како свое лично име, повремено варијантите Ѓорѓи и Ѓорѓе, но никогаш Георги. Дали тогаш формата Георги е несомнено официјалното име на Делчев? Бидејќи никој не може да пренесе лично име поправилно од самиот носител, веруваме дека македонската историографија треба да ја користи формата Ѓорги, а не Георги или Ѓорѓи

Првиот заклучок е непобитно јасен: Гоце ниеднаш не се потпишал како Георги. Оттука кај нас се отвора јанѕата: Дали можеби токму поради овој факт, Д. Ќосев во биографскиот осврт за Г. Делчев во предметниот зборник, свесно се воздржал да употреби официјална именска варијанта за името на Делчев, па се задоволил само со галовната именска форма Гоце?!
Од анализата на документите во зборникот „Гоце Делчев. Спомени, документи, материјали“ во издание на Институтот за историја при БАН, констатиравме дека Гоце: седум пати е потпишан како Ахил; седум пати како Гоце; три пати како Г. Делчев, еднаш како Гйорги; и еднаш како Гйоргие Делчев. И овде заклучокот е: Гоце во ниеден документ не е потпишан како Георги. Меѓутоа, ова не им пречело на составувачите на зборникот во првата реченица од предговорот да запишат Георги (Гоце) Делчев.
Во обемниот зборник „Из архивата на Гоце Делчев…“, кој изобилува со материјали адресирани до Гоце, или други лица и институции на Организацијата, се поместени и некои материјали од самиот Делчев, од кои повеќето не ги среќаваме во веќе спомнатите зборници. Во овие материјали Гоце е потпишан: 18 пати како Г. Делчев; девет пати како Гоце, двапати како Делчев, двапати како Ахил и еднаш како Гоце Делчев. И тука Гоце не го среќаваме потпишан како Георги. Составувачите на овој зборник, како и Д. Ќосев, во предговорот не ја користат именската форма Георги, туку останале само на Гоце Делчев. Дали ова е случајно?
Во шестомникот за Гоце од Х. А. Полјански, преписката на Делчев е поместена во втората книга (Гоце Делчев. Преписка). Притоа од вкупно 232 материјали, колку што се поместени во книгата, Гоце се потпишал, 113 пати како Гоце, 75 пати како Ахил, 14 пати како Г. Делчев, шест пати како Ѓорѓи, пет пати како Делчев, еднаш како Ѓоргие Делчев, еднаш како Ѓорге Делчев и еднаш како Гоце Делчев. Од изнесеново е евидентно дека Полјански именската варијанта Гйорги ја заменил со варијантата Ѓорѓи според современиот македонски правопис, со тоа што и графемата г ја заменил со ѓ.
Според изнесеново дотука, притоа изоставајќи ги галовната именска форма Гоце и псевдонимот Ахил, како и потписот Г. Делчев, од кој не може да се согледа именската форма за неговото лично службено име, може да резимираме дека Гоце како лична именска форма доминантно ја користи варијантата Гйорги, а повремено варијантите Гйоргие и Гйорге, но ниеднаш не се потпишал како Георги. Затоа сметаме дека именската варијанта Георги е институционална креација со која Гоце не се самоидентификувал. Впрочем, никој не може покоректно да го забележи и пренесе личното име на кого било, отколку самиот негов носител. Во случајот доколку формата според која конкретно лице го бележи своето лично службено име не се вклопува во нормите, традицијата, практиката и особеностите што ги негува соодветната институција, туку тоа го прави на поинаков начин, тогаш ова навидум маргинално прашање може да има и поинакво толкување.

Во извештаите на бугарските трговски агенти, првата информација што се однесува за Гоце, без тој да е споменат по име, е од 15.X.1897 година. Информацијата е во врска со киднапирањето на струмичкото бегче и претресот што во врска со тоа бил извршен во куќата на кукушкиот граѓанин Делчев, чиј син – поранешен јункер од Военото училиште во Софија, бил осомничен од властите за дејанија против мирот во Османлиската Империја. Во извештајот на бугарскиот трговски агент од Солун – А. Шопов од 3.XI.1898, се вели дека киднапирањето на струмичкото бегче било извршено од една востаничка чета под водство на „некојси Делчев, бивш учител во Кукуш и поранешен јункер од Софиското воено училиште“. Очигледно во овој период бугарските агентства не располагале со прецизни информации за Гоце, па затоа тој е син на кукушкиот граѓанин Делчев или некојси Делчев. Меѓутоа веќе во извештаите од 1901 година, па натаму, тој е Георги Делчев или само Делчев. Од крајот на 1904 година, па до 1908 година, човекот што во дотогашните извештаите на бугарските трговски агенти беше син на кукушкиот граѓанин Делчев, некојси Делчев, или Георги Делчев, преминува во Гоце Делчев. Несомнено оваа промена доаѓа по популаризирањето на ликот и делото на Гоце Делчев по неговата смрт во биографијата од Пејо Јаворов.
Од друга страна, во српските дипломатски извештаи Гоце го среќаваме како Ђорђе Делчев, а еднаш и како Гоце. Оттука се отвора една небулозна ситуација ако мериторно пристапиме со ставот дека извештаите на српските дипломатски претставници и од бугарските трговски агенти имаат службен карактер, тогаш која именска форма за името на Делчев би била коректна? Интересно е што Ђорђе Делчев од српските документи што се преобјавени во зборникот „Гоце Делчев. Спомени, документи, материјали…“ во издание на БАН, станал Георги Делчев, но неговата галовна именска форма Гоце е задржана коректно. Додека, пак, кај Х. А. Полјански, Ђорђе коректно е транскрибиран како Ѓорѓе.
Како името Георги под кое Делчев никогаш не се потпишал се вселило во историографијата? Именската форма Георги за човекот што меѓу соборците и активистите во македонското револуционерно дело бил познат како Гоце или Ахил и кој освен под овие неофицијални имиња, понекогаш се потпишувал како Гйорги, Гйорге и Гйоргие, е проширена преку печатот во Бугарија, набрзо по смртта на Делчев. Овде ги имаме предвид разните текстови по повод загинувањето на Делчев. Во некои од нив тој е именуван како Гоце или само Делчев, но во други како Георги. Меѓу последниве се вбројуваат: весниците: „Македоно-одрински куриер“; „Изгрев“; „Демократски преглед“, како и списанијата „Бунтовник“; „Македонија“; и „Свето Дело“.

Именската форма Георги како службено име за Делчев добива поширока афирмација со објавувањето на неговата прва биографија од Пејо Јаворов

Именската форма Георги како службено име за Делчев поширока афирмација добива со објавувањето на неговата прва биографија од Пејо Јаворов во 1904 година. Во биографската книшка „Гоце Делчев“, Јаворов трипати ја искористил именската форма Георги. Разбирливо печатот во Бугарија, како и поетот Јаворов ја пренесуваат именската форма Георги во согласност со тамошната традиција, востановената практика и норми, без да ја имаат предвид традицијата во османлиска Македонија, но и именската форма што ја практикува самиот Делчев за своето лично име. Под влијание на Јаворов како по инерција именската форма Георги почнува да се провлекува и во другите библиографски прилози. Во таа смисла би ја спомнале книшката „Апостолот на слободата (Гоце Делчев)“ од Антон Страшимиров, објавена 1909 година во Солун.

Потписот на Гоце Делчев

Нема потреба да ја индексираме застапеноста на именската форма Георги во историографијата зашто само со бегол преглед преку неа може да констатираме дека таа се користи мошне ретко за означување на неговото лично службено име, а во некои трудови и воопшто не се споменува. Во врска со последново нам ни се чини дека таквиот пристап е резултат на сомнежот на одредени автори, кои откако се соочиле со именската форма Гйорги; Гйоргие и Гйорге, како што повремено се потпишувал Делчев, едноставно се задоволиле со употребата на галовната именска форма Гоце, па така, ја избегнале противречноста со изворната документација.
Во македонската историографија Х. А. Полјански е прв што забележал дека Гоце своето вистинско име за прв го запишал во писмото од 7.II.1897 до Никола Малешевски, притоа како што истакнавме понапред именската форма Гйорги ја транскрибира како Ѓорѓи, што не е во согласност со оригиналот.

Полјански ја застапува именската форма Ѓорѓи како официјално службено име за Гоце и во првиот том од шестомникот за Делчев. Меѓутоа, истиот автор, во кратко издание за Делчев од 1982 година за означување на неговото службено име ја користи именската форма Георги, а истата именска форма ја искористил и во јубилејното луксузно издание од 1985 година. Дали промената кај Полјански за службеното име на Делчев од Ѓорѓи во Георги можеби е резултат на некакви согледувања за несоодветната транскрипција на именската форма Гйорги во Ѓорѓи, останува енигма. Кога сме кај македонската историографија ќе укажеме дека професорот Димитар Димески, кој има повеќе изданија за Гоце Делчев, за означување на неговото службено име ја користи именската форма Георги.
Преку овој осврт кон службеното име на Гоце Делчев не претендираме на некаков ревизионизам, туку констатирајќи ги фактите од изворните материјали легитимно го поставуваме прашањето дали именската форма Георги, која се провлекува низ историографијата, навистина е официјално службено име на личноста што се потпишува како Гйорги; Гйоргие и Гйорге. Оттука врз основа на последново и досега достапните факти, ние сметаме дека во македонската историографија за означување на официјалното службено име на Гоце Делчев, би било покоректно да се користи именската форма Ѓорги, а не Георги или Ѓорѓи. Сепак ова е само сугестија зашто историската наука по својата физиономија не е егзактна наука и нејзината научна методологија честопати не дозволува изрекување конечен став.

Автор: Проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев, редовен професор на Филозофскиот факултет при УКИМ – Скопје

(Крај)