Националистички напади врз македонскиот јазик

1305

Нова бугарска политичка линија за македонското прашање (2)

„Нова Македонија“ во неколку продолженија донесува извадоци од книгата ‚‚Македонското прашање од 1994 до денес – комунизмот и национализмот на Балканот“ од Чавдар Маринов. Маринов е доктор по историја и цивилизации, Бугарин, научен соработник на француската школа во Атина. Книгата на македонски јазик е издадена од фондацијата „Отворено општество“. Во неа бугарскиот историчар ја опишува бугарската политика по македонското прашање во комунистичкиот период и неколку години потоа. Весникот во четири продолженијата ќе го презентира делот во кој Маринов посебно пишува за прашањата за јазикот, за децениската борба на бугарската лингвистика и политика во неуспешното докажување дека македонскиот јазик е бугарски дијалект. Неговите вистини наидуваат на отпор во бугарската политика и публицистика, а од многумина е прогласен за бугарски предавник
(Насловите и меѓунасловите се редакциски)

Во почетокот на 60-тите години на 20 век, научниците на Институтот за бугарски јазик, основан во рамките на академијата во 1949-та, застапувале одредени формули за дијалектолошки „компромис“. Станува збор за „бугарско-македонски дијалекти“ – термин што подразбира дијалектна целина заедничка за двата јазика. Иако тој ги вклучува македонските дијалекти под бугарскиот јазик, дијалектологијата на Стојков, повторно објавена во 1962 г., сѐ уште на Македонците им признавала можност да развијат своја нација и национален јазик. Но многу набргу ситуацијата се променила

Огромниот обем на кампањата, започната од партијата и од државата, бил потврден со фактот што и Бугарската православна црква била, исто така, вклучена во неа. Како наследници на „големото културно-образовно дело на егзархијата во Македонија“, православните свештеници биле повикани да ги „осветлат“ историските и идентитетските прашања за парохиските верници од прекуокеанската и друга дијаспора. Патријаршијата во Софија била советувана да не ја признава – барем „засега“ – автокефалноста прогласена во 1967 година од страна на Охридската архиепископија, која се стремела кон статусот на посебна Македонска црква. Меѓу другото, бугарското свештенство требало да бара согласност од Руската црква и од онаа на Константинопол за прашањето за историската припадност на славофоната црква во Македонија. На овој начин, црковните институции требало да вршат некаков вид притисок врз начините на самоидентификација на Македонците, враќајќи се кон улогата што ја играле некогаш во османлискиот период.

Налог до сите медиуми да имаат ист став

За разлика од тајните дебати од 1963 г., новите резолуции биле наменети за брза комуникација кон сите структури на партијата и на нејзините разграноци: Отечествениот фронт, синдикатите, Комсомол и Земјоделската партија (БЗНС). По нивно барање, отсега, сите медиуми требало да прифатат соодветно однесување кон „македонските“ теми. Печатот, специјализираните списанија на партијата, гласникот на Институтот за историја при Академијата на науките итн. биле повикани да одговорат на „аргументиран начин и со смирен тон“ на „фалсификувањата во однос на македонското прашање“. Во овој поглед, Институтот за историја на БКП ја држел клучната улога, истовремено и на „информатор“ и на „советник“ на Централниот комитет на партијата: оваа структура требало да ги следи материјалите објавени во Југославија и да му предлага соодветни мерки на раководството на партијата.
Тоа што останало непрецизирано во директивите одобрени од секретаријатот се начините на склучување политички договор со власта на федерална Југославија и на Социјалистичка Република Македонија – цел потврдена со резолуцијата на Политбирото во април 1967 година. Очигледно, грижата за „добрососедство“ овој пат останала на последно место. Триумфирале чисто националистички мотиви, ставајќи ја во погон машинеријата на државата- партија. Во продолжение на секретаријатот, агитпропот на Централниот комитет набрзина направил детална програма за реализирање на директивите: Бугарската академија на науки, особено Институтот за балканистика, како и Институтот за историја на БКП, биле повикани итно да подготват план за издавање научни истражувања и документирани материјали што се однесуваат на историјата на Македонија. И плодовите на оваа кампања се веднаш инструментализирани.

Полемиките меѓу бугарските и македонските лингвисти

По 1944 г., лингвистите од Софија требало да го признаат македонскиот јазик како посебен. Всушност, тој бил во тек на создавање: конечната македонска азбука била одобрена дури во мај 1945, но во текот на уште десетина години лексиката и правописите, фонетските и морфолошките карактеристики, сѐ уште, многу варирале. Судирот меѓу Белград и Коминформот во 1948 година ѝ ставил крај на релативната толеранција на бугарските научници кон јазикот во формирање. Високите средби на ЦК на БКП во 1948-та – XVI пленум и V конгрес – го критикувале „србизираниот јазик“ на „тито-колишевистите“ од Скопје.

Главниот кодификатор на овој јазик, младиот лингвист Блаже Конески веднаш реагирал на бугарските обвинувања – тој ги третирал како напад против самиот македонски национален идентитет. Сепак, барем во теоријата, бугарската држава-партија го задржала признавањето на посебен македонски „национален“ идентитет и, како што видовме, тоа уште една деценија ќе биде официјална политика. Бугарската дијалектологија на Стојко Стојков, издадена во 1949 г., ги третира „македонските говори“ како лингвистички различни, при што спомнува само за една „особено силна врска“ меѓу нив и „бугарските говори“. Сепак, стигматизацијата на стандардниот јазик од Скопје – елементот од македонскиот национален идентитет, кој е најзабележителен како етнички различен – наскоро водела кон ревизија на концептот за „македонските говори“.

Оваа тенденција првпат го наоѓа својот израз во 1952 г., во едно излагање на бугарскиот лингвист Кирил Мирчев пред членството на Сојузот на македонски културно-просветни друштва во Софија. На концептуален план, Мирчев профитирал од една одредена промена во рамките на советската лингвистичка наука, одобрена од самиот Сталин во неговиот текст „Марксизмот и лингвистичките проблеми“. Сталиновото осудување на „марксизмот“ т.е. доктрината на советскиот научник Мар, според кого во јазиците на човештвото „класните“ разлики се поважни отколку етничките разлики, ја возобновило легитимноста на еден понационалистички пристап. Мирчев особено ја употребувал идејата на Сталин според која во точно утврдени општествени и економски услови одредени маргинализирани дијалекти во текот на формирањето на еден национален јазик би можеле да родат еден друг јазик.За специјалистот од Софија, оваа формула го даде клучот за повторно присвојување на македонскиот во рамките на бугарскиот „лингвистички простор“. Меѓу другото, таа дозволувала формално признавање на неговиот различен карактер како актуелна литерарна норма.

Тодор Живков ги дава главните насоки

Кирил Мирчев се обидел да докаже дека македонскиот сочинува една „гранка“ на бугарскиот, која a пастериори се развила во различен јазик. Преку овој исказ, тој тврди дека и македонското национално „чувство“ претставува „доцен производ“. Сепак, Мирчев не оди дотаму целосно да ги негира македонската националност и „потребата“ од посебен литературен јазик. Тој се повикувал на одредени својствени карактеристики на македонскиот западен дијалект, истакнати од кодификторите на новата норма (акцент на третиот слог од крајот на зборот, консонантите ќ и ѓ на местото од поранешните јотирани tj и dj, создавањето перфект со помош на глаголот „има“ итн.). Бугарскиот специјалист, особено, ја обвинувал „србизацијата“ на вокабуларот и на правописот – вообичаено за сите бугарски критики на македонската норма од 1948 г. до денес.

Ова било доволно да ја предизвика новата реакција на Блаже Конески. Меѓутоа, текстот на Мирчев останал, за некое време, единствениот од овој вид, при што бугарската лингвистика продолжила со признавањето на политичките граници на државата како лингвистички граници на бугарскиот јазик. Ситуацијата почнала полека да се менува. Повторните публикувања на бугарската дијалектологија од Стојков во 50-тите години на 20 век ставиле акцент врз дванаесет и повеќе века постоење на македонските говори во рамките на бугарската „националност“ и „нација“, во исто време признавајќи го правото на Македонците да формираат сопствена нација во сегашноста.

Во почетокот на 60-тите години на 20 век, научниците на Институтот за бугарски јазик, основан во рамките на академијата во 1949-та, застапувале одредени формули за дијалектолошки „компромис“. Станува збор за „бугарско-македонски дијалекти“ – термин што подразбира дијалектна целина заедничка за двата јазика. Иако тој ги вклучува македонските дијалекти под бугарскиот јазик, дијалектолгијата на Стојков, повторно објавена во 1962 г., сѐ уште на Македонците им признавала можност да развијат своја нација и национален јазик. Но многу набргу ситуацијата се променила. Во текот на пленумот во март 1963 г., Тодор Живков изјавил дека македонскиот јазик претставува само „говор што им припаѓа на нашите западни говори, еден дијалект. Се чини дека истата идеја го раководела директорот на Сојузот на бугарски писатели Георги Џагаров, кој во 1966 г. го предизвикал големиот скандал со македонските писатели, одбивајќи да потпише документ напишан на македонски.

(продолжува)